Миовски постигнува гол на мечот со Хелсинки во Конференциската лига / Фото: ЕПА

Миовски досега сезонава постигна вкупно 22 гола за Абердин, а лани 18 во дресот на Абердин, во сите натпреварувања. Тој викендов беше стрелец на двата гола за Абердин во победата за пласман во четврт-финалето на Купот на Шкотска

ФУДБАЛ

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски постигна нови два гола, во победата на Абердин со 2-0 дома на дуелот со Бонириг за пласман во четврт-финалето на фудбалскиот Куп на Шкотска. Миовски беше стрелец на еден гол во претходното коло на ова натпреварување, во победата, исто така, со 2-0, на гости со Клајд.
– Што можете да кажете за него? Верувале или не, му реков да постигне два гола и да излезе на полувреме, или ако сака уште 15 минути за хет-трик и тој постигна два гола. Си намигнавме кога ги постигна головите. Сакаше да остане уште малку. Тој е врвен стрелец. Во текот на мојата кариера имав добри голмани, одбранбени фудбалери и играчи од средниот ред, но никогаш напаѓач. Иронично е, во оваа фаза од мојата кариера го добив веројатно најдобриот што сум го имал – изјави тренерот на Абердин, Нил Ворнок, пренесе „Дејли рекорд“.
Меѓу осумте најдобри тима во Купот на Шкотска сезонава се пласираа и Килмарнок, Хибернијан, Мортон, Глазгов ренџерс и Ливингстон, а вчера се играа уште два натпревара од осминафиналето (Ердрионианс – Хартс и Сент Мирен – Селтик). Ждрепката за четврт-финалето требаше да биде влечена синоќа.
Миовски досега сезонава постигна вкупно 22 гола за Абердин во сите натпреварувања, и тоа 13 во Премиер-лигата, четири во европските купови (по два во квалификациите за Лига Европа и во Конференциската лига), три во Купот на Шкотска и два во Лига-купот на Шкотска. Во минатата сезона тој постигна вкупно 18 погодока во дресот на Абердин (16 во Премиер-лигата и два во Лига-купот). Н.М.