„Митилинеос“ – на потег е парламентот

Колумна

Како по правило, кога Владата сака да истурка на мускули штетен договор за Македонија, секогаш тој се појавува неколку дена пред парламентарни избори. Тоа се случи со претходниот јавен повик за проектот „Чебрен“:
– Одлука на влада од декември 2019, а во јануари 2020 формирана техничка влада;
– Одлука на влада во септември 2023 да се прифати понуда на грчкиот енергетски систем (РРС), во јануари формирана техничка влада. Добро е што овој проект не се реализира.
Сега е огромниот притисок, по кратка постапка, да се протурка еднакво штетниот проект „Гасна когенеративна постројка – Митилинеос“, да се донесе закон за државна помош од 50 милиони евра.
Не верувај им на Грците и кога подароци носат! Така рекол еден филозоф уште во античките времиња.
Да биде јасно, ова е подарок од 50 милиони евра за потенцијалниот стратегиски партнер, а не заем. Дали навистина овие проекти со стратегиски партнери („Бехтел и Енка“, „Митилинеос“) се со двојно повисоки вредности на инвестициите, за да можат сегашните партии во Владата да обезбедат коруптивни средства потребни за парламентарните избори? За да се обезбедат дополнителни 50.000 гласа? Јас не можам да поверувам во такви гласини, како што редовно велам, затоа што тие се министри (слуги на народот) и се заколнале дека ќе работат за доброто на својата држава. Не го употребив зборот татковина, затоа што верувам дека на некои членови во Владата им е помила некоја друга татковина, а не Македонија.
Секој разумен човек ќе се запраша што добива Македонија со овој стратегиски проект. Предност при откупот на произведената енергија, која е нешто поскапа во однос на берзанската цена?!
Дали таа енергија можеме да ја купиме од странство или од други приватни производители во Македонија? Да, и без обврска да им дадеме државна помош.
Дали можеме сами да изградиме таква постројка? Да, и ќе нѐ чини двојно поевтино без обврските да плаќаме високи суми следните 30 години, колку што предвидува овој штетен договор. Веќе има јавен повик од страна на АД ЕСМ „Енергетика“ за изработка на проектна документација со капацитет на производство на топлинска енергија од 20 MWth во когенеративен процес КОГЕЛ 2, многу слично со постојниот систем КОГЕЛ 1. Да не навлегуваме во објаснувањето на придобивките кога си градиме енергетски објекти за сопствени потреби.
Дали штетата за македонскиот народ е единствено во овие 50 милиони евра подарок на грчкиот стопанственик?

Не. А ова се техничките и енергетските показатели за да се види барем една гранка од штетата што ја предизвикува овој договор. Ќе се извлекуваат пари без да има потреба да се произведе и употреби предвидената енергија. Елементи од неоколонијална политика, без употреба на сила.
Основните карактеристики на постројката треба да бидат во следните граници: 130 МWe капацитет на производство на електрична енергија и минимум 90 MWth топлинска енергија. Грчкиот „стратегиски партнер“ ќе ѝ испорача на Македонија фактура за испорачана електрична енергија од 1.500.000 МWhе и 275.000 МWht топлинска енергија во топлификацискиот систем на АД ЕСМ „Енергетика“ и на Град Скопје.
Ќе достават фактура за наплата на 275.000 МWht топлинска енергија, а системот на АД ЕСМ „Енергетика“ во последните години има потреба од 58.350 МWht. Да повторам, ќе наплатат 275.000 МWht енергија, а имаме потреба од 58.350 МWht. Ќе ни наплатат 58.350 МWht енергија, без да ја произведат, затоа што нема кој да го прими тоа количество енергија. И не само тоа. Овие потреби денес ги задоволуваат постројките од КОГЕЛ 1 и другата опрема во АД ЕСМ„Енергетика“. Ако и ова мал количество енергија го произведе „Митилинеос“, опремата во „Енергетика“ ќе фаќа пајажина. А вработените се веќе непотребни.
Јасно е дека Владата турка штетен договор без да ги земе во обѕир енергетските состојби на теренот. Распишан е тендер за проектирање постројка КОГЕЛ 2. Со тоа ќе се зголеми капацитетот на АД ЕСМ „Енергетика“ до 48 МWht. За да се реализира тоа, треба да се обезбеди консум т.е. потрошувачи на топлинската енергија.
Земајќи ја предвид состојбата со моменталната ангажирана топлинска моќност на консумот од 27,3 MWt (Техничка спецификација на ЕСМ подружница Енергетика), а со преземање на целиот консум во населбата Автокоманда, и тенденцијата е топловодната мрежа да се шири и развива и да ги зафати и новите објекти во населбите Автокоманда, Железара, Хиподром, со раст до 20 отсто, топлинскиот консум ќе се врати на 40 МWt. Ова се официјалните показатели од декември 2023 година.
Значи со нови згради, дополнителна дистрибутивна мрежа според новиот ДУП (Детален урбанистички план), со нови инвестиции е предвидено потрошувачката да порасне до ниво од 48 МWht, што е само 50 отсто од предвидениот капацитет на „стратегискиов проект“. А имаме студија изработена од Светската банка, за изградба на таква постројка, во „Железарница“, непосредно до објектот на АД ЕСМ „“Енергетика“, со веќе изградена инфраструктура.

НО СО ПРЕДВИДЕНИОТ ДОГОВОР ЌЕ МОРА ДА СЕ ПЛАТИ ПРЕДВИДЕНОТО ПРОИЗВОДСТВО ОД 275.000 МWht ПРИ ПРОЕКТИРАНА МОЌНОСТ НА ПОСТРОЈКАТА ОД МИНИМУМ 90 MWt.
За да биде појасен овој технички јазик, ќе се обидам да ја опишам состојбата на народен јазик.
Имате приватен сопствен стан, а државата, со закон, му овозможува на стратегискиот инвеститор да ви внесе во вашиот стан машина за перење алишта. И ви соопштува дека за машината треба да спроведете дополнителна електрична инсталација, довод на вода и одводна канализација и поволни услови за работа. За таа можност за правото на користење на машината за перење на алиштата ќе плаќате само 5 евра (300 денари) секојдневно, 365 дена во годината. Може да се обидете да објасните дека не перете алишта секој ден; дека треба да соберете количество од два-три дена за да имате 3-4 кг алишта. Стратегискиот инвеститор ви вели дека тоа не го интересира, имате можност секој ден да перете и мора да плаќате секој месец по 150 евра.
Можеби ќе размислите и ќе дојдете и до мојов заклучок: А дали за мене не е поповолно да земам кредит од банка за 300 евра и за тие пари да си купам сопствена машина?

А ДАЛИ НАШИТЕ ПРА­ТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО ЌЕ СЕ СВЕСТАТ ДЕКА МОЖЕМЕ САМИ ДА СИ ЈА КУПИМЕ ОВАА ПОСТРОЈКА? ДАЛИ ЈАВНОТО ОБВИНИ­ТЕЛСТВО ЌЕ НАЈДЕ ЕЛЕМЕН­ТИ ЗА НЕГОВО АНГАЖИ­РА­ЊЕ?