Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави наскоро ќе заврши процесот на централизирање на Клиниката за радиологија и дека ќе нема потреба од радиолози во целата држава, туку само техничари кои ќе вршат снимање и радиолози кои онлајн ќе можат да ги прочитаат резултатите.

Меџити денеска при посетата на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје, одговорајќи на новинарско прашање, рече дека се согласува со извештајот на Државниот завод за ревизија но потенцираше дека притисокот на Клиниката за радиологија е голем и оти контролорите од „Мој Термин“ и од Кабинетот на Министерството последните шест месеци ги разгледуваат овие работи.

– Се согласувам со извештајот на Државниот завод за ревизија, но на Радиологија притисокот е многу голем. Последните шест месеци има контролори од Мој Термин и од Кабинетот што одат и ги разгледуваат сите овие работи. Но, верувајте, проблемите во здравство се многу големи – рече Меџити.

Во однос на договорите на дело кои треба да бидат транформирани на неопределено време, Меџити  рече дека 1117-те здравствени работници вработени со договор на дело ќе добијат решение за постојано вработување. Како што рече, завршени се сите апликации од јавните здравствени установи и поднесени се во Министерството за здравство.

– Останува согласност да добиеме од Министерството за финансии, од МИОА и од ФЗОМ – рече Меџити.