Фото: „Нова Македонија“

Африканската чума стана уште една дополнителна грижа за граѓаните бидејќи се заканува дека може да предизвика недостиг од свинско месо на пазарот, што ќе резултира со зголемена цена за крајниот корисник. Поскапувањето на свинското месо дополнително ќе го оптовари домашниот буџет и ќе продолжи состојбата на зголемување на вкупната цена на потрошувачката кошница од месец на месец

Африканската чума се заканува сериозно да го наруши пазарот со свинско месо

На пазарот во земјава може да се забележат не само недостиг од свежо свинско месо туку и зголемени цени како резултат на тој недостиг. На ваквата состојба реагираат и од преработувачката индустрија, со забелешка дека и онака тешките услови за работа во оваа дејност сега дополнително се усложнуваат. Како еден од клучните фактори за ваквата состојба се наведува африканската чума.
Од македонската Стопанска комора посочуваат дека одгледувачите и преработувачите на месо веќе подолг период се соочуваа со проблеми предизвикани од класичната свинска чума, а сега и со африканската свинска чума, што ги принуди веќе подолго време да функционираат во крајно неповолни услови. Во обид да дојдат до причините за ваквата состојба, тие укажуваат дека тоа е резултат на повеќе сложени фактори.
Податоците што деновиве ги објавија надлежните потврдуваат дека досега во земјава повеќе од 14.000 свињи се депопулирани поради африканската чума од 2022 година досега. Првиот случај на болеста беше потврден во јануари 2022 година во делчевското село Драмче, а засега најпогодени реони се кумановскиот и штипскиот, како погранични места.
Од друга страна, повеќе експерти, вклучувајќи го и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, нагласуваат дека биосигурносните мерки на фармите и одговорно сопствеништво се најголема превентива од болеста африканска чума.

Африканската чума забрзано се ширеше кон крајот на минатата година во неколку места, како што се кумановско Тромеѓа, а нештетното отстранување на загинатите свињи се спроведуваше на неколку локации во Кумановско во поширокиот регион. Локациите за закопување ги предлага општината, а Агенцијата за храна и ветеринарство ги потврдува.
Потпретседателот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Сарафимов, вели дека болеста се пренесува од дивите свињи, првин во погранични места на истокот во непосредна близина на Бугарија. Лани во најголемата фарма во карбинското село Таринци поради појавата на африканската свинска чума беа уништени вкупно 9.000 свињи. Сарафимов посочува дека токму поради оваа болест има недостиг од свежо свинско месо во државата, бидејќи драстично е намален бројот на свињите.
– Болеста најмногу удри на потегот од Штип до бугарската граница, Берово, Делчево, па и кај нас во Штип и Карбинци. Овде се наоѓа и најголемата фарма, која задоволуваше 20 проценти од потребите на свинско месо во целата држава и затоа сега имаме недостиг од свежо свинско месо. Сега ги чистиме фармите за да ги обновиме, ама тоа оди бавно и тешко – вели Сарафимов.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство посочуваат дека африканската чума се пренесува и се шири со директен контакт помеѓу здраво и болно животно, трупови од умрени животни и луѓе; индиректно се пренесува преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека; биолошки пренос од векторот – мек крлеж од родот Ornithodoros.

Според Агенцијата за храна и ветеринарство, африканската чума се манифестира со: треска (40,5-42 Целзиусови степени), општа слабост, анорексија, летаргија и губење на апетитот. Повеќемина експерти, вклучувајќи и од Агенцијата за храна и ветеринарство, нагласуваат дека фармерите треба веднаш да пријават до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари доколку забележат појава на симптоми кај животните. Доколку и кај едно животно се забележат симптоми на болеста, ниедно од животните не смее да го напушти тоа одгледувалиште. Во препораките на експертите и Агенцијата за храна и ветеринарство, исто така се нагласува дека од одгледувалиштата не смее да се изнесуваат животните, производи од животинско потекло, опрема, измет и ѓубре, како и дека ветеринарните друштва треба да го зголемат нивото на претпазливост и веднаш да пријават до официјалниот ветеринар доколку забележат некои од симптомите кај животните.
Во контекст на дивите свињи, ловците мора веднаш да пријават до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари доколку забележат појава на трупови од пцовисани диви свињи во ловиштата, се нагласува во препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од македонската Стопанската комора посочуваат дека фармерите и преработувачите на месо се соочиле многу порано со проблеми предизвикани од класичната свинска чума, а сега и со африканската свинска чума и веќе подолго функционираат во такви услови. Оттаму велат дека влијанијата се сложени. Болеста се шири во Европа и во светот, а традиционалните пазари од каде што се набавуваше суровината за преработка значително го намалија своето производство по значително повисоки цени, се нагласува од Стопанската комора.
Податоците покажуваат дека со домашното производство се покриваат 90 проценти од потребите на свежо месо, а остатокот се задоволува со увоз. Од Стопанската комора велат дека состојбата е нестабилна, количествата се десеткувани и во секој случај оваа состојба ќе потрае во наредните шест или седум месеци, а за конечно решавање и до три години, колку што е потребно еден капацитет да се подигне од почеток на нова безбедна локација и да се сврти циклусот на една фарма, така што недостигот од свежо месо од домашно потекло ќе мора да се замени со увоз. Тие појаснуваат дека квалитетот на домашното свинско месо и месни преработки во последните дваесетина години е на највисоко ниво.
Цената, снабденоста и изборот многу ќе зависат од чекорите што ќе ги преземаат надлежните институции. Агенцијата за храна и ветеринарство и досега е на ниво на задачата и во поглед на справување со болеста, но и во однос на безбедноста на домашното производство и преработки. Редовно и вонредно се прават контроли, и тоа на секој влез во државата, особено на суровината за преработка, се нагласува од Стопанската комора.

Д.Ст.


Болеста африканска чума е евидентираната кај дивите свињи на Шар Планина

Дивите свињи имаат важна епидемиолошка улога во ширењето на болеста преку труповите од пцовисаните животни во кои вирусот опстојува долго време. Дивите свињи се заразуваат со вирусот преку контакт со други диви свињи или преку исхрана со трупови од пцовисани животни, а потоа вирусот се шири во популацијата на дивите свињи. Труповите од пцовисани диви свињи играат важна улога во одржување на вирусот во животната средина дури и кога густината на популацијата на диви свињи е ниска. Географското ширење на вирусот преку дивите свињи е од 30 до 50 км годишно.
Болеста африканска чума е евидентираната кај дивите свињи на подрачјата на Шар Планина, додека кај домашно одгледуваниот добиток нема регистрирано пример на ова заболување во Тетовскиот Регион, покажуваат податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство. Оваа болест во голема мера ги зафати свињите во другите делови од државата.
Кај дивата популација свињи е потврдена на ловиште за крупен дивеч во селото Вејце, општина Тетово. Болеста не е зооноза, односно вирусот не е опасен и не се пренесува на луѓето, кои се можни негови преносители. Агенцијата за храна и ветеринарство наложи ловните друштва да вршат пребарување на ловиштата и сите пронајдени пцовисани диви свињи веднаш да ги пријават до надлежниот официјален ветеринар. Пребарувањето на ловиштата е исклучително важна активност со цел рано откривање на присуството на вирусот на африканска чума кај свињите. По пријавата за пронајдена пцовисана дива свиња, официјалниот ветеринар зема примероци за лабораториско тестирање и наложува мерки за нештетно отстранување на пцовисаните диви свињи, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во согласност со наложените мерки од Агенцијата за храна и ветеринарство, концeсионерите на дивечот во ловиштата, управувачите со државните ловишта ЈУ Национални паркови и ЈП Национални шуми – Скопје се должни да достават неделни извештаи од резултатите од пребарувањето на ловиштата до официјалните ветеринари и Агенцијата за храна и ветеринарство, велат од оваа институција.

На подрачјето на Шар Планина, од ноември 2023 г., па сѐ до крајот на јануари 2024 г. трае санитарен отстрел на диви свињи со цел спречување на ширењето на болеста африканската чума. Санитарниот отстрел го реализираат ловечките друштва во соработка со националниот парк и Агенцијата за храна и ветеринарство, досега се застрелани 15 диви свињи. Според информациите на Агенцијата за храна и ветеринарство, од секоја отстрелана дива свиња се праќаат примероци за испитување на африканска чума кај свињите, класична чума кај свињите и трихинелоза до официјален ветеринар и АХВ. Доколку се добие позитивен резултат, официјалниот ветеринар наложува мерки за нештетно отстранување на свињите.