Во борбата за третото место Петар Заборски го совлада Евангелос Сереметакис од Грција, со 1-0, а Вероника Костовска беше подобра од Миа Цацко од Хрватска, со 2-0
КАРАТЕ – ТУРНИР ОД СЕРИЈА А
Каратистот на Макпетрол, Петар Заборски (тежинска категорија до 75 килограми), и каратистката на Олимпик спорт, Вероника Костовска (до 61 кг), двајцата во борби, постигнаа значаен успех, освојувајќи бронзени медали на турнирот од Серија А, одржан во Атина (Грција).
Заборски до освојување на медалот на овој турнир ги победи Португалецот Пино Фернандез (2-0), Грузиецот Анзор Донадѕе (1-1) и Црногорецот Немања Микулиќ (0-0).
Во полуфиналето тој загуби од Либанецот Мохамед Абудабус (3-3) и за бронзениот медал беше подобар од Гркот Евангелос Сереметакис (1-0).
– Многу сум задоволен и среќен од постигнатиот успех. Сите противници беа мој силен предизвик, немаше лесен ривал на татамите, но докажав дека со работа и со целосна посветеност може да се победи секој конкурент. Овој голем успех за мене претставува и мотив плус да продолжам со исто темпо на тренинзи и, секако, да се закитам со уште нови медали – ни изјави Заборски.
Костовска, пак, која во 2015 година во Цирих (Швајцарија) стана кадетска европска шампионка, до бронзата на турнирот во Атина стигна откако ги победи Кија Копонен (5-0) од Финска, Португалката Даниела Луренчо (6-1) и Ирис Ковач (3-1) од Хрватска.
Потоа таа загуби од Леа Авазери (5-6) од Франција, а во репасажот ја совлада Ешли Какијај (2-1) од Холандија и за бронзениот медал славеше над Миа Цацко (2-0) од Хрватска.
– Задоволна сум од освоениот медал. Овој е и мој прв медал од оваа лига во сениорска конкуренција. Знаев дека ќе освојам медал, само беше прашање на време кога ќе го сторам тоа. Конечно се исплатеа трудот, работата и вербата. Најтешко беше против Французинката во полуфиналниот дуел, каде што загубив со еден поен разлика. Овој успех ми претставува само мотивација и добар почеток за следните предизвици што ме очекуваат – ни изјави Костовска.
На турнирот во Атина настапија 1.094 каратисти/ки од 81 држава. Г.И.