Фото: Архива „Нова Македонија“

Она што во моментов го имаме е нешто што еволуирало во текот на неколку години, бидејќи моравме да се оддалечиме од самото одлучување дали некој чин е намерен. Во моментов количеството на критериуми што треба да ги оцениме во една ситуација е речиси невозможно. Секогаш ќе имате одреден степен на субјективност, но фокусот треба да биде на ударите кон голот, вели поранешниот судијата на ФИФА Боби Маден

Правило за играње со рака во фудбалот. Самото споменување на тоа предизвикува гримаса, пишува „Би-би-си“. Тренерот на Евертон, Шон Дајк, неодамна го опиша како „фарса“. Менаџерот на Ренџерс, Филип Клемент, повика на јасност. Тоа се само мал број гласови. Гледачите, фудбалерите, експертите се збунети од тоа што е и што не е играње со рака.
Како може нешто што, теоретски, треба да биде едноставно да се покаже толку проблематично? Не помага постојаното чепкање од Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ), ниту степенот на субјективност вкоренет во одредувањето на играњето со рака, пишува „Би-би-си“. Поранешниот судија на ФИФА, Боби Маден, предлага одново пишување на правилото.
Според сегашното правило, клучните размислувања за судиите се дали станува збор за „намерно играње“ од играчот, т.е. дали ја поместил раката кон топката, потоа дали играчот го направил своето тело „неприродно поголемо“ со положбата на раката, близината на играчот од топката и брзината со која го удира по раката. Маден вели дека безброј други фактори им даваат на судиите речиси невозможна работа.
– Она што во моментов го имаме е нешто што еволуирало во текот на неколку години, бидејќи моравме да се оддалечиме од самото одлучување дали некој чин е намерен. Во моментов количеството на критериуми што треба да ги оцениме во една ситуација е речиси невозможно. Дали е во силуетата? Дали е природна положба? Дали е од отклон? Дали е потпорна рака? Има цела низа фрази од ИФАБ, УЕФА и ФИФА за судиите да оценат – вели тој за „Би-би-си“.
Маден додава дека правилото сега „го казнува ненамерните играња со рака“ и доведе до тоа пенали да се досудуваат „полесно од кога било“, често со поддршка на ВАР. Тој вели дека правилото веќе не е погодно за целта и дека стеснувањето на критериумите е задолжително.

– Секогаш ќе имате одреден степен на субјективност, штом ќе ја земете предвид намерата, тоа е субјективно, но фокусот треба да биде на ударите кон голот – вели тој.
Неговиот предлог за расчистување на конфузијата е дека не треба да се досуди пенал кога топката се игра кон вашата рака, кога топката се одбива од вашето тело во раката, кога топката ја одигрува соиграч што ја избива подалеку од голот, кога скокате за да ја удрите топката кога вашата рака се користи за рамнотежа, „играчите не можат да играат како пингвини“, кога се обидувате да спречите центаршут и ненамерно го зголемувате телото, а пенал треба да се досуди кога играчот ја движи раката кон топката кога блокира удар кон голот, кога фудбалерот намерно го зголемува своето тело кога блокира удар кон голот, кога играчот намерно ја движи раката кон топката во казнениот простор, пишува „Би-би-си“.
– Има толку многу различни одлуки од недела на недела што изгледаат слично и добивате различни исходи. Тоа ми кажува дека е премногу сложено за судиите да ги следат, а камоли играчите. Треба да го стесниме, бидејќи сега е премногу субјективно. Мора да биде подобро и да има помалку дебата околу тоа – вели поранешниот играч од средниот ред на Шкотска, Лиен Крајтон, а некогашниот фудбалер на Хартс, Алан Престон, рече: „Се согласувам дека треба да го поедноставиме правилото за игра со рака. Се сведува само на тоа кој го гледа и какво е неговото мислење. Посакувам само ИФАБ да ја остави нашата игра на мира. Сакаат да ги комплицираат работите“. Н.М.