Пензиите во јавниот пензиски столб, односно сегашните пензии се финансираат тековно (pay-as-you-go) преку плаќање придонес за пензиско и инвалидско осигурување – како изворен приход, односно сегашните вработени плаќаат придонес за исплата на сегашните пензии. Средства се обезбедуваат и од централниот буџет за поповолните права подигнати на степен на закон, но и други приходи
ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ ПОВИКУВА НА ПРОМЕНИ
Денеска презентираме уште еден текст на претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова. Во својот авторски текст, таа прави опширна анализа на уште едно актуелно прашање што особено ги интересира пензионерите: возраста, еден од условите за пензионирање, како дел од серијата написи „Некои аспекти на пензионерскиот систем во Македонија“. Имајќи ја предвид актуелната ситуација во која се проблематизираат некои од прашањата што се однесуваат на пензионерите и нивното организирање, односно нивниот дијалог со државните органи за решавање на отворените прашања, го објавуваме и овој текст, со цел од аголот на СЗПМ да се осветлат што повеќе аспекти од живеењето на пензионерите, од прва рака.
Главните карактеристики на еден пензиски систем се: целите, кој е покровител како главен ентитет, кој ги контролира средствата во пензискиот систем, кој е вклучен во него, кој ги плаќа придонесите, заменската стапка (процент со кој се определува пензијата од пензиската основа), кој ризикува, улогата на платата вклучена при определување на висината на пензијата, индексирањето, односно усогласувањето на пензијата и, секако, многу важната улога на стажот и возраста како услов за остварување на правото на пензија.
Како што е познато, во светот не постои ист, односно идентичен пензиски систем, па според тоа, ниту иста возрасна граница за остварување право на пензија. Возраста како услов за остварување право на пензија ја одредува самата држава, што зависи од повеќе услови: демографскиот фактор, односно очекуваното траење на животот на населението, а со тоа и очекуваното времетраење на користењето на пензијата, како и многу други фактори (број на корисници на пензија, обезбедување средства, превенција во здравственото осигурување, замена на работната сила, бројот на пензионерите, условите под кои се работи и живее и друго).
Значењето на старосната граница за остварување право на пензија е со цел да се постигне одредена усогласеност меѓу очекуваното траење на животот и времето на користењето на пензијата. Според сегашните услови, правото на старосна пензија се остварува со навршување 62 години за жени и 64 години возраст за мажи и да имаат минимум 15 години пензиски стаж.
Во последно време во јавноста е присутно прашањето дали и кај нас треба да се зголеми возраста за остварување право на старосна пензија. Според моето мислење, во сегашните услови не би требало да се зголемува возраста за пензионирање, а евентуален чекор за покачување на старосната граница треба да има сериозен приод и анализа, имајќи ги предвид сите реперкусии во пензискиот систем и пошироко. Се надевам дека од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија како граѓанска организација ќе биде побарано соодветно мислење по ова многу значајно прашање.
Како до повеќе средства за исплата на пензиите?
На прашањето како да се обезбедат повеќе средства за пензии и подобар стандард на највозрасната популација можам да кажам дека тоа е значајно и комплексно прашање на кое верувам дека континуирано се работи. Пензискиот систем повикува на новини, промени и обезбедување повеќе средства во рамките на самиот пензиски систем. Мислам дека тоа ќе се случи, односно би требало да се прошири листата на опфат на осигуреници и лица што ќе уплатуваат придонес во ПИО. Имено, размислувањата одат во насока да се опфатат осигуреници по основа на имот и имотни права, придонес за пензиско и инвалидско осигурување да плаќаат и лица што вршат повремени и привремени работи.
Исто така, мислам дека во наредниот период ќе се работи на прашањето пензионер да може да работи, а да му се исплатува пензијата и притоа да не му се определува нов износ на пензија. Сите овие размислувања законодавецот поблиску ќе ги регулира и ќе направи дистинкција меѓу оние што ќе остварат право на пензија и оние што имаат пензија, а кои ќе плаќаат повластен придонес, односно помала висина на пензискиот придонес. Овие мерки би биле и во интерес на поединецот, но и во интерес на пензискиот систем и општеството во целина.
Во меѓувреме, Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија се труди да изнајде начини и проекти со кои ќе влијае на пензионерскиот статус и стандард, покрај пензијата преку која се обезбедува основната материјална и социјална положба.
Тоа го остварува преку склучени договори и меморандуми со разни владини и невладини институции, како и со организации со чија дејност е поврзана пензионерската популација. Се настојува пензионерот да добие бенефиции што ќе му го олеснат животот. Имено, се настојува преку учество во разни проекти од европските фондови, како што беше проектот заедно со Црвениот крст за помош на пензионерите во рурални средини, да се обезбеди подобра здравствена заштита, изградба на старски и пензионерски домови и друго.
Во нашата држава има 324.000 пензионери и тоа е голема целна група, која не треба да се гледа само како бројка, односно ако се зборува за старите лица не треба да се гледа на тоа како на проблем, туку како на решение.
Што им недостига на пензионерите во нашата земја?
Секако, подобра материјална и социјална сигурност, подобро здравствено осигурување и здравствената заштита, промена на односот на општините кон своите возрасни граѓани, обврска што тие сè уште не ја имаат научено бидејќи некои од нив мислат дека здруженијата ним треба да им помагаат, наместо да се сфати дека пензионерите се важни чинители во општеството и тие можеби имаат физички дефицит, но нивниот интелектуален капацитет и знаење може сè уште да се користат. Многу е значаен односот на помладите кон пензионерите бидејќи за еден пензионер што живее сам во својот дом едно „ало“ многу значи, како и ако не го прашате кога бара „брза помош“ колку години има! Има работи за кои не се потребни средства, само треба односот да се промени. Зарем треба пензионерот да чека во долга редица пред банките, во болниците на „Мој термин“, за место во автобускиот превоз, треба ли пензионерот со ниска пензија во банките да плаќа висока провизија или само провизија што ќе ги покрива реалните трошоци, бидејќи е познато дека пензија и плата не е исто.
Во делот на здравственото осигурување, односно здравствената заштита очекуваме целосно ослободување од партиципација, почнувајќи од дијагностика до болничко лекување, право што пензионерите го имале. Тие го заслужуваат тоа бидејќи целиот работен век плаќале придонес за здравствено осигурување, а многу малку користеле здравствени услуги, па сега како возрасни граѓани потребна им е поопсежна здравствена заштита. Пензионерите и сега при секоја месечна исплата на пензиите плаќаат придонес за здравствено осигурување, што е голем и редовен приход на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Многу важно за пензионерите е редовно да се апдејтира, односно ажурира позитивната листа на лекови во согласност со современата медицинска наука. Знаете, честопати на пензионерите лекарите им пропишуваат лекови што ги нема на позитивната листа и тие мора да издвојуваат средства од својата скромна пензија за да ги купат. Исто така, очекуваме пензионерите да може да се лекуваат во приватните болници со плаќање само на разликата на цената од државните до приватната болница. Не помалку важно за пензионерите од руралните средини е истовремено функционирање на теренскиот лекар и подвижната аптека. Ако имаме само посета од лекар во рурална средина без подвижна аптека, не е завршена целосно работата доколку старите лица треба да одат да ги набават лековите во градот.
За пензионерите е многу важно Владата да донесе програма за социјално домување во која ќе се содржат сите форми и облици како пензионерски, односно старски домови, социјални сервиси за давање услуги во домашна средина. Она што најбрзо го очекуваат пензионерите е изградба на државни старски домови каде што цените би одговарале на висината на македонските пензии, за разлика од приватните пензиски старски домови каде што цената за сместување е многу висока. Познато е дека на секој пензионер му е најубаво што подолго да остане во својот дом, својата фотелја, улица, но доаѓа време кога мора да биде згрижен во институција специјализирана за такви услуги. Затоа, до изградба на старски домови, потребно е пензионерите да може да се сместуваат и во приватни старски домови со тоа што би се субвенционирала цената до износот што треба да го плаќа пензионерот.
Заради важноста на социјалното домување, Сојузот направи согледување каква е фактичката состојба со пензионерските и старските државни домови, приватните домови, социјалните сервиси за социјално домување во домашни услови, со преглед на објекти што може да се реновираат и искористат за институционално домување на возрасните жители со вклучување во овие проекти и на локалните власти. Овој материјал го доставивме до Министерството за здравство, до Министерството за труд и социјална политика и до Владата, како придонес на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, една од најмасовните граѓански организации, во решавање на ова значајно прашање за популацијата од третата доба.
Дали нашето организирање личи на организирање како во земјите во ЕУ?
Јас би рекла да, и тоа во многу сегменти, особено ако се споредиме со некои земји членки на ЕУ како Словенија, Хрватска, Бугарија. Ние имаме подобро пензионерско организирање со самиот факт што имаме 53 пензионерски здруженија, сојуз, свој весник, веб-страница, слободно и автономно промовирање на нашите права и интереси, меѓународна и меѓугенерациска соработка, активности што значат активно стареење, но секако дека и ние тежнееме кон повисоки европски вредности кога е во прашање возрасната популација.
Што се однесува до прашањето дали им се дава предност на младите или на повозрасните би рекла дека и Владата и другите институции во нашата земја се трудат еднакво и избалансирано да се грижат и за старите и за младите, бидејќи старите се нашето минато, а младите нашата иднина, а едните и другите се наша сегашност. Секако дека некогаш преовладува грижата за едните, а другпат за другите, се разбира во граница на можностите, но како сојуз сме задоволни иако, нели, секогаш може да биде и повеќе и подобро.
Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија