Тешко до решение и во 2024 година? – Газа денес / Фото: ЕПА

Според колумнистот на „Форин полиси“, фундаменталниот политички проблем е како Израелците и Палестинците ќе коегзистираат во овој географски простор. На глобален политички план, во 2024 г., тој го одвојува значењето на одбележувањето на 75-годишнината од НАТО, кое ќе се одвива во „сенка“ на војната во Украина, која не се одвива добро, а тоа ќе се гледа како неуспех на Алијансата. Вториот „темен облак“, според анализата на професорот, е можниот реизбор на Доналд Трамп за претседател на САД…

Стивен Волт, професор на „Харвард“, ги анализира најголемите геополитички предизвици за 2024 г.

Mожноста за значајна ескалација во конфликтот на Блискиот Исток, изборите во многу земји во светот, како и изборите во Тајван, Индија и во САД се меѓу најзначајните глобални настани што ќе се случуваат во 2024 година. Овој избор на новите предизвици пред кои се соочува светот е направен низ „американска призма“ и според анализите и предвидувањата на Стивен Волт, професор на „Харвард“ и редовен колумнист на „Форин полиси“. Тој за пошироката анализа за американскиот весник се осврнува и на геополитичките односи на азискиот континент, во контекст на заострените односи меѓу САД и Кина, како и за поларизираноста на американското општество околу изборот на новиот претседател и неговото влијание врз процесите што се последица на конфликтите меѓу Израел и Палестина и војната во Украина.

Има и добри вести за 2024 година

Добрата вест за 2024 година, како што вели професорот од „Харвард“, е што досега никој од случајните минувачи и трети страни во регионот на Блискиот Исток нема да се вклучи во војната во Појасот Газа.
– Имаше мал конфликт меѓу Хезболах и Израел. Хутите истрелаа неколку ракети. Но, генерално, се чини дека секој сака да се задржи на ова ниво. Ако конфликтот продолжи, а тоа може да трае со месеци, способноста или волјата на повеќето регионални сили да останат настрана може да се влоши. Ако добиете сериозна војна меѓу Израел и Хезболах и ако тоа го принуди Иран да се вклучи поактивно, се разбира, тоа ќе ги повлече и САД на страната на Израел, па одеднаш ќе имаме регионален конфликт од таков вид што не сме го имале видено со децении – вели Стивен Волт.

Проблемот со Газа ќе има континуитет

За една година, односите меѓу Израелците и Палестинците нема да изгледаат поинаку, иако дотогаш чинот на насилство ќе биде завршен. Ќе има некаков вид прекин на огнот или крај на израелската кампања во Газа. Газа ќе биде во голема мера уништена. Значи, ова ќе биде хуманитарна криза од огромни размери, и тоа нема да заврши во рок од една година или така. Според колумнистот на „Форин полиси“, фундаменталниот политички проблем е како Израелците и Палестинците ќе коегзистираат во овој географски простор.
– Мислам дека нема да видите промена во израелската влада одеднаш да каже: „Сега ние сме за решение со две држави“. Мислам дека нема да видите реформирана и новоовластена палестинска управа. Нема да видите елиминација на Хамас. Може дури и да го видите Хамас попопуларен и во Газа и на Западниот Брег отколку што беше порано како симбол на палестинскиот отпор. За една година, ова прашање ќе биде еднакво нерешено како што е денес – вели Стивен Волт.
Ескалацијата на состојбата го стави во мирување договорот на Израел за нормализирање на врските со Саудиска Арабија, но не го елиминира како можност на подолг рок, поради интересите на различните актери за договорот, појаснува тој. Во американскиот случај, примарниот поттик всушност не беше поврзан со израелско-арапскиот конфликт. Првенствениот мотив на САД е да се обидат да постигнат некаков безбедносен аранжман со Ријад, во период кога Саудиска Арабија барем до одреден степен флертуваше со Кина.
– Начинот да се добие тоа преку американскиот политички систем беше да се поврзе со нормализацијата со Израел. Тој поттик, да продолжи да ја држи Саудиска Арабија во американската безбедносна орбита и да не се усогласи со Кина, не исчезна.
Саудијците сакаат да го постигнат најдобриот договор и би сакале да добијат безбедносна гаранција од Соединетите Американски Држави. Израелците би сакале да имаат симболично постигнување договор за нормализација со Саудиска Арабија. Мислам дека таа можност се враќа. Прашањето е колку брзо ќе се врати, а тоа може многу да зависи од тоа како ќе оди конфликтот и како ќе се одрази на меѓу арапските односи, објаснува Волт.

Анализа и предвидувања на многу неизвесности

На глобален политички план, во 2024 г., тој го одвојува значењето на одбележувањето на 75-годишнината од НАТО, кое ќе се одвива во „сенка“ на војната во Украина, која не се одвива добро, а тоа ќе се гледа како неуспех на Алијансата. Вториот темен облак е можниот реизбор на Доналд Трамп, кој фрла сомнеж за иднината на НАТО и во односите кон Европската Унија. Како нов предизвик се јавуваат и многубројните избори во светот, како и изборите во Тајван во јануари и доколку актуелната партија за независност биде реизбрана. Тоа би можело да предизвика цела низа тензии на Тајванскиот Теснец и да смени дел од неодамнешниот конструктивен дијалог меѓу Соединетите Американски Држави и Кина.
– Исходот во Тајван ќе биде многу важен. Во минатото актуелниот кандидат на владејачката Демократска народна партија отворено зборуваше за темата независност. Тој во последно време ги модерира своите изјави. Значи, имаше обид да се повлече од туркањето на изгледите за независност. Пораката што ја добива постојано од Соединетите Американски Држави и од другите е дека дури и ако е успешен на изборите, имајќи предвид дека опозицијата е во голема мера поделена, последното нешто што треба да го направи по преземањето на функцијата е да направи нешто што може да ја принуди Кина да преземе активности што би биле во голема мера дестабилизирачки во регионот. Една година од сега, таму сè уште ќе владее статус кво – предупредува Стивен Волт…
Други големи избори што следуваат во првата половина од годината се во Индија. Надворешната политика на Индија беше многу „помоќна“ во последните неколку години. Сегашните изгледи се дека премиерот Нарендра Моди ќе биде реизбран со големо мнозинство и тоа ќе ги зајакне политичките позиции што ги зазеде дома и во странство. Но тоа ќе влијае на воспоставување мултиполарен свет каде што Индија ќе станува помоќна и таа ќе зазема понезависен став на различни начини. Тоа ќе значи дека индиското раководство ќе настојува да биде блиску до САД, да балансира со Кина, но и да остварува блиски односи со Русија, бидејќи од неа добива евтина енергија, која ѝ помага на индиската економија. Ова е нешто на што САД мора да се навикнат, посочува Волт.
Односот на САД во овој дел од светот ќе зависи и од изборите во Индонезија, која е голема земја со мнозинско муслиманско население во Југоисточна Азија и има повеќе од 200 милиони луѓе, но ретко добива доволно внимание. Колумнистот на „Форин полиси“ советува повнимателно да се следи каква ќе биде политичката траекторија на Индонезија токму поради нејзината големина и нејзиниот економски раст, во настојувањето на Вашингтон за рамнотежа на силите во Азија.


Професорот од „Харвард“ во својата анализа ја издвојува загриженоста од поларизацијата во САД

– Како Американец, она што најмногу ме загрижува е исходот од изборите во ноември 2024 година. Способноста на социјалните медиуми и вештачката интелигенција да влијаат на тие работи сè уште е мошне ограничена. Но јас сум загрижен за степенот на поларизација во Соединетите Американски Држави. Трендот од 2023 година за кој сите треба да бидеме среќни е дека се чини дека инфлацијата, всушност, е скротена и дека американската економија речиси според сите мерила работи извонредно добро. Сепак, повеќето Американци не мислат дека е така. Луѓето сега ги добиваат своите информации само од извори со кои веќе се согласуваат. Она што го забораваме е она што веруваме дека веројатно тоа не е целосната приказна, бидејќи никогаш не слушаме алтернативни перспективи – вели Стивен Волт.
Во случај да биде повторно избран Бајден за американски претседател, тоа ќе биде главно континуитет на политиката на САД и нема да видите драматични промени. Ако Бајден биде реизбран, САД ќе почнуваат многу подиректно да се обидуваат да преговараат за решавање на војната во Украина.
– Тие нема да сакаат да признаат дека Украина не може да победи пред изборите, но потоа, мислам дека ќе бидат заинтересирани да склучат договор. Ако Трамп биде избран, потезите за да се дистанцираме од Украина и во основа да ги принудиме да склучат каков било договор ќе се случат речиси веднаш. Во однос на политиката кон Азија, двете политички опции се на иста основа. Трамп беше многу загрижен за Кина, а администрацијата на Бајден продолжи со истата политика. Бајден беше многу ефикасен во обидот да организира сојузи во Азија. Трамп нема да ги растури тие сојузи; тој само ќе биде потешка личност за преговори. Ќе имаме раздвижување во Азија, но главните заложби на Америка ќе бидат зачувани. Европа е регионот што навистина треба да биде загрижен од исходот на изборите во САД. Трамп смета дека и НАТО можеби е застарено. Да бев европски лидер, би ја разгледал опцијата да се заштитам од можноста за изборот на Трамп – предупредува Волт.
Во однос на траекторијата на односите меѓу САД и Кина во 2024 година и двете земји имаат вистински интерес да не се влоши драматично тој однос во текот на година. Соединетите Американски Држави имаат полни раце работа сега со Украина и војната во Газа. Последното нешто што им треба во Вашингтон е криза што би се појавила некаде во Азија додека се случуваат сите овие други работи.