Фото: Холгер Уве Шмит

Експедицијата Кон-Тики беше патување со сплав во 1947 година преку Тихи Океан, од Јужна Америка до Полинезиските Острови, предводено од норвешкиот истражувач и писател Тор Хејердал. Сплавот го добил името „Кон-Тики“ по богот на Инките, Виракоча (Кон-Тики Виракоча). Хејердал верувал дека луѓето од Јужна Америка патувале до Полинезија за време на претколумбовото време. Неговата експедиција имала цел да ја докаже оваа теза, а неговата идеја била поддржана и од статистичка анализа на генетски докази за контакт помеѓу Јужна Америка и Полинезија

Целосната хипотеза на Хејердал за јужноамериканското потекло на полинезиските народи е генерално отфрлена денес. Повеќето археолошки, лингвистички, културни и генетски докази имаат тенденција да го поддржат западното потекло на Полинезијците, но постојат докази за одреден проток на гени од Јужна Америка до Велигденскиот Остров. Во 2020 година, некои истражувачи објавија истражување во кое се потврдува пошироко влијание врз генетските и културните елементи во Полинезија поради јужноамериканските контакти. Експедицијата Кон-Тики беше финансирана со приватни средства, како и со донации на опрема од Армијата на САД. Хејердал и мал тим отидоа во Перу, каде што, со помош на перуанските власти, го конструираа сплавот во домороден стил, како што е забележано во илустрациите на шпанските освојувачи. Патувањето започна на 28 април 1947 година. Хејердал и петте придружници пловеа со сплавот 101 ден над 6.900 км преку Тихи Океан и пристигнаа во Полинезија. Оригиналниот сплав „Кон-Тики“ сега е изложен во музејот „Кон-Тики“ во Бигдој во Осло.

Фото: Марк Дејвис

Кон-Тики Виракоча

Виракоча е големото божество творец во митологијата на Инките во регионот на Андите во Јужна Америка. Според митот, Виракоча имал човечки изглед и генерално се сметал за брадест. Според митот, тој наредил изградба на Тиванаку. Познат е и како Кон-Тики Виракоча. За Инките, култот Виракоча бил поважен од култот на сонцето. Виракоча беше најважното божество во пантеонот на Инките и се сметаше за креатор на сите нешта или супстанција од која се создадени сите нешта, тесно поврзана со морето. Според митологијата, Виракоча ги создал универзумот, сонцето, месечината и ѕвездите, времето и самата цивилизација. Антропологот Греам Хендкок верува дека Виракоча на некој начин бил поврзан со Кецалкоатл, божеството на Мексико (Ацтеките). Иако митологијата поврзана со овие две божества е доста слична, многу почитувани експерти за културата на Ацтеките не се согласуваат, главно поради недостигот од традиционални историски докази.

Музејот „Кон-Тики“

Во музејот „Кон-Тики“ во Осло, Норвешка, се сместени предмети и мапи од експедицијата Кон-Тики, како и библиотека со околу 8.000 книги. Најпрво бил отворен во привремен објект во 1949 година, а од 1957 година е сместен во денешниот објект. Во 1978 година беше проширен под надзор на Тор Хејердал. Музејот првично бил изграден за да го смести „Кон-Тики“, сплавот што норвешкиот авантурист Тор Хејердал го користел за да плови од Перу до Полинезија во 1947 година. Друг брод во музејот е „Ра два“, брод изграден од трска според перцепцијата на Хејердал за антички египетски морски брод. Хејердал отпловил со „Ра два“ од Северна Африка до Карибите откако претходниот обид со бродот „Ра еден“ не успеал. Д.Ст.

Фото: Холгер Уве Шмит

Тор Хејердал

Хејердал бил норвешки авантурист и етнограф, а познат е по неговата експедиција Кон-Тики во 1947 година, кога пловел илјадници километри преку Тихи Океан. Хејердал направи и други патувања за да ја демонстрира можноста за контакт помеѓу широкоразделените антички народи, особено експедицијата Ра два од 1970 година, кога пловел од западниот брег на Африка до Барбадос во чамец со трска од папирус. Тој беше назначен за владин научник во 1984 година. Тој почина на 18 април 2002 година во Кола Мичери, Италија, додека ги посетуваше членовите на семејството. Норвешката влада му одржа државен погреб во катедралата во Осло на 26 април 2002 година.
Во мај 2011 година, архивите на Тор Хејердал му беа подарени на УНЕСКО, а тогаш вклучуваа 238 колекции од целиот свет. Архивите на Хејердал ги опфаќаат годините од 1937 до 2002 година и ги вклучуваат неговата фотографска колекција, дневници, приватни писма, планови за експедиција, написи, исечоци од весници и оригинални ракописи од книги и написи. Архивите на Хејердал се управувани од музејот „Кон-Тики“ и Националната библиотека на Норвешка во Осло.