Клупското СП 2023 ќе биде последно со овој формат на натпреварување, со седум тима, откако на СП 2025 треба да играат 32 екипи. ФИФА објави и некои статистички податоци во пресрет на клупското СП 2023, па, така, на пример Де Брујне е интернационалецот со најмногу настапи за една репрезентација, Елшахат е рекордер со најмногу настапи на клупските мундијали, Бензема игра и за да стане осмиот играч што постигнал гол за повеќе екипи во ова натпреварување, Ковачиќ може да стане првиот што триумфирал со три клуба…, пишува меѓу другото ФИФА

ФУДБАЛ

Одредени се составите на седумте тима за настап на клупското Светско првенство (СП) во Саудиска Арабија од утре, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА), за турнирот на кој ќе играат Манчестер сити (Англија, првак на Европа), Флуминенсе (Бразил, првак на Јужна Америка), Урава (Јапонија, првак на Азија), Ал Ахли (Египет, првак на Африка), Леон (Мексико, првак на Северна Америка), Окланд сити (Нов Зеланд, првак на Океанија) и Ал Итихад (претставник на домаќинот на клупското Светско првенство, првак на Саудиска Арабија).
Годинава ќе има нов светски клупски првак, откако ниту еден годинашен учесник досега не ја освоил планетарната титула. Клупското СП 2023 ќе биде и последно со овој формат на натпреварување, со седум тима, откако на следното, кое треба да се игра во 2025 година, во САД, треба да играат 32 екипи, на турнир што треба да се игра од јуни до јули таа година.
Од СП 2025 клупските мундијали ќе се играат секои четири години (досега се одржуваа секоја година, од првото играно во 1960 година, освен во 1975 и во 1978 година). Од 2005 година планетарниот клупски шампионат се игра во организација на Светската фудбалска федерација, а дотогаш тоа беше натпревар помеѓу прваците на Европа и на Јужна Америка (до 1979 година со мечеви дома и на гости, а потоа се играше еден дуел на неутрален терен, во Јапонија).
ФИФА објави и некои статистички податоци во пресрет на клупското СП 2023. Така, на пример, Кевин се Брујне (99 натпревари за селекцијата на Белгија) ќе биде интернационалецот со најмногу настапи за една репрезентација на годинашното клупско Светско првенство. Само еден фудбалер со најмалку 40 години играл на клупски мундијал, но таа бројка може да се искачи на три, откако голманот на Флуминенсе Фабио и централниот бек Фелипе Мело имаат 43, односно 40 години (повозрасни се и од двајца тренери, 39-годишните Николас Ларкамон од Леон и од Алберт Риера од Окленд сити). Хусеин Елшахат од Ал Ахли е играчот на годинашното клупско СП со најмногу настапи, 12, што е и рекорд на ова натпреварување. Карим Бензема од Ал Итихад е фудбалерот на ова СП со најмногу голови на клупските мундијали, четири (за Реал Мадрид) и тој ќе може да стане осмиот играч што постигнал гол за повеќе екипи во ова натпреварување по Двајт Јорк (постигнуваше голови играјќи за Манчестер јунајтед и за ФК Сиднеј), Нери Кардозо (Бока јуниорс и Монтереј), Роналдињо (Барселона и Атлетико Минеиро), Кристијано Роналдо (Манчестер јунајтед и Реал Мадрид), Цукаса Шиотани (Санфрече Хирошима и Ал Аин), Хусеин Елшахат (Ал Аин и Ал Ахли) и Перси Тау (Мамелоди сандаунс и Ал Ахли). Четири од седумте тима имаат Аргентинец во својот состав, по три екипи имаат Бразилец и Шпанец. Матео Ковачиќ, кој двапати го освои турнирот со Реал Мадрид и еднаш со Челси, ќе стане првиот играч што триумфирал со три клуба ако Манчестер сити го освои трофејот…, пишува меѓу другото ФИФА. Н.М.


КЛУБОВИ СО НАЈМНОГУ СВЕТСКИ ТИТУЛИ

КЛУБ         ТИТ. ГОД.
Реал М. 8 1960, 1998, 2002,
2014, 2016, 2017,
2018, 2022
Милан 4 1969, 1989, 1990, 2007
Баерн 4 1976, 2001, 2013, 2020
Бока јун. 3 1977, 2000, 2003
Национал 3 1971, 1980, 1988
Пењарол 3 1961, 1966, 1982
Интер 3 1964, 1965, 2010
Сао Паоло 3 1992, 1993, 2005
Барселона 3 2009, 2011, 2015