Македонија неодамна го заврши скрининг-процесот, со што уште еднаш се потврди дека македонските закони во најголем дел се усогласени со европските, бидејќи тоа е процес што се одвива повеќе од две децении. Затоа министерот наместо уште да троши енергија на уставните измени, подобро е да се посвети на работи што ќе значат афирмација на државата и на нејзините национални интереси, а не дополнително да ги поткопува и земјава да ја става во уште поподредена положба во однос на Бугарија

Откако не успеа во убедувањето на пратениците, Османи сега ќе ја убедувал јавноста за потребата од уставни измени

Во приказната за уставните измени повеќе никој не верува, со исклучок на одделни политичари во земјава, кои и натаму се убедени дека до крајот на овој собраниски состав е можен некаков пробив околу промената на Уставот и впишување на Бугарите со атрибут на конститутивност во највисокиот државноправен акт.
Еден од оние што и натаму се оптимисти, без оглед што некои од меѓународните претставници сугерираат дека таа работа во овој момент е неизводлива и дека земјата треба да се посвети на реформите, е министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој и натаму смета дека не треба да се дига раце од таквиот вид уставни измени.
Откако не успеа да ги убеди пратениците од опозицијата да гласаат за промена на Уставот, Османи сега најавува дека во следниот период ќе ја придобива јавноста за уставните измени, истата таа јавност што изминативе неколку години целосно ја исклучи од сите процеси важни за националните интереси и за нејзината европска иднина. Тогаш, очигледно, не му беше важно што мисли јавноста, туку само да се испорача она што го бараат другите од Македонија, без оглед на цената.
– Ние политичарите не треба да дигаме раце од тој процес. Треба да продолжиме до последен ден. И да не успееме, ќе има позитивен колатерален ефект од убедувањето, затоа што мене ми беше многу побитно во овој период да ја придобиеме јавноста отколку опозицијата. Затоа што јавноста беше подложена на силна пропаганда и во услови на постојна фрагилност поради историјатот, луѓето беа ранливи, а кога на тоа некој додава сол, имате подготвен терен да имате гневни граѓани. Не велам не со право поради историјатот, но не конкретно за овој предлог. И полека требаше да се објаснуваме со граѓаните, макар и еден човек на ден ако треба да придобиеме да убедиме дека нема алтернатива овој пат, за уставните измени, не опозицијата – вели Османи.

Картата на која игра министерот сега е сосема погрешна, бидејќи за да поминеа уставните измени, она што требаше прво да го направи тоа е сите овие години наместо тајно да преговара со Бугарија и целиот процес да го држи далеку од очите на јавноста, да ја информира и да ја вклучи истата таа јавност за да се знае отворено за што точно се преговара и која е цената, откако земјава еднаш веќе плати превисока цена со уставните измени поврзани со Преспанската спогодба. Јавноста, особено онаа стручната, сигурно немаше да се согласи некој да преговара за идентитетот, јазикот и историјата, односно да се поткопуваат основните темели на една држава. Од тие причини јавноста, која сега Османи ќе ја убедувал да ги поддржи уставните измени, е силно наелектризирани и се противи на уставните измени, не затоа што има против Бугарите да влезат во Уставот, туку затоа што со актуелниот став на официјална Софија уште повеќе ќе се поткопаат темелите на државата и ќе се загуби нејзиниот вистински карактер како држава на македонскиот народ и на другите малцински заедници во неа.

Згора на тоа, Османи заборава и дека јавноста не е таа што треба да гласа во Собранието, туку 80 пратеници што се репрезенти на народната волја, која јасно му кажа „не“.
Македонија неодамна го заврши скрининг-процесот, со што уште еднаш се потврди дека македонските закони во најголем дел се усогласени со европските, бидејќи тоа е процес што се одвива повеќе од две децении. Па, затоа министерот наместо уште да троши енергија на уставните измени, подобро е да се посвети на работи што ќе значат афирмација на државата и на нејзините национални интереси, барем во овој краток период додека е уште на функција, а не дополнително да го поткопува и она малку што остана и земјава да ја става во уште поподредена положба во однос на Бугарија.
Некои од аналитичарите сметаат дека изјавите на министерот Османи повеќе се во насока на некаква предизборна кампања отколку што и самиот е убеден дека ќе се промени нешто радикално.

– На помалку од еден месец некој да зборува дека ќе ја убедувал јавноста за оправданоста на уставните измени е несериозно. Министерот Османи имаше доволно време да изгради транспарентен однос со јавноста сиве овие години додека ги водеше процесите во надворешната политика, но не го направи тоа. Тој молчеше кога преговараше со Бугарија, излегувајќи само со кратки изјави дека не се преговарало за идентитетски прашања. На крајот излезе дека се преговарало и за идентитетот и за јазикот и за историјата. Впрочем, имаме историска комисија од чија работа зависи дали Македонија ќе напредува во евроинтеграциите или не. Бугарија стави посебна забелешка за нашиот јазик во официјален европски документ, така што и тоа со јазикот не е завршена работа. За идентитетот сите гледаме што се случува, со она зачестено „северномакедонски“, што јасно говори дека се поткопани сите темели на една држава, поточно поткопани се позициите на македонскиот народ како државотворен – велат некои од аналитичарите со кои се консултиравме.
Тие сметаат дека министерот за надворешни работи не може никако да ја придобие јавноста, особено оној голем дел од македонската јавност што се противеше на прифаќањето на францускиот предлог.
– Одбивањето од страна на мнозинството граѓани во оваа земја да се прифати францускиот предлог не беше затоа што некоја партија ги убедувала граѓаните така да се однесуваат, напротив, проработе оној имунолошки систем кај Македонецот да се заштити од отворен напад, кој утре може да значи негово исчезнување. Оние што се противеа на францускиот предлог не беа партиски активисти, туку докажани експерти од разни области, меѓу нив многумина беа токму стручни во делот на евроинтеграциите и тие јасно кажаа дека македонските власти прифаќаат нешто што нема никаква врска со копенхашките критериуми, туку многу повеќе со она што од нас го бара Бугарија. Истиот тој Османи овие бугарски барања ги стави во преговарачката рамка, а потоа на табла како на мали деца им црташе на граѓаните дека Бугарија немало да нè блокира, дополнително навредувајќи ја интелигенцијата на граѓаните. Јавноста е свесна дека Бугарија не само што ќе нè блокира туку ќе наоѓа нови и нови начини како да ги оствари сите свои неостварени цели. Па, зарем не гледа Османи што се случува со бугарските притисоци врз македонското малцинство во Албанија, на Косово? Чуму би го правела тоа Бугарија ако нема некакви услови и планови за Македонија? Јасна е бугарската крајна цел и затоа македонската јавност е крајно сензитивна околу уставните измени и нема никој да ја убеди во спротивното, особено не оној што ја стави земјава во ваква подредена положба – истакнуваа соговорниците.