Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров доцна вечерва пристигна во Скопје, каде што ќе учествува на министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), што почнува утре. Авионот со кој Лавров допатува, слета на скопскиот аеродром околу 23 часот.
Руската новинска агенција „ТАСС“ јавува дека патувањето траело повеќе од пет часа, за Лавров да пристигне преку Грција, а не преку Бугарија, како што се очекуваше.
Тој ја пропушти неформалната вечера на министрите за надворешни работи и шефовите на делегации на земјите-членки на ОБСЕ, одржана вечерва во хотелот „Александар палас“.
ФОТОГАЛЕРИЈА: Шефовите на дипломатии угостени на неформална вечера во Скопје
Лавров ќе има повеќе билатерални средби на маргините од министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, а предвидени се и мултилатерални состаноци, како што најави портпаролката на МНР на Русија, Марија Захарова.
Потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, вечерва во Скопје изјави дека министерскиот состанок на ОБСЕ ќе биде добра прилика за министерот за надворешни работи на Русија да чуе директно од учесниците зошто неговата земја е осудена и изолирана.
Лавров во Скопје ќе чуе зошто Русија е осудена и изолирана, истакна Борел
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, пак, замина од Скопје пред пристигнувањето на неговиот руски колега. Блинкен моментно е на пат за Израел, бидејќи примирјето меѓу Израел и Хамас истекува утре наутро. Од американскиот Стејт департмент, за „Гласот на Америка“, претходно беше истакнато дека нема очекувања за каква било средба помеѓу Блинкен и Лавров за време на состанокот на министрите на ОБСЕ во Скопје.
Блинкен замина за Израел пред Лавров да пристигне во Скопје
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба нема да учествува на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, a Украина на форумот ќе биде претставена од делегација од нивното МНР. Естонија, Летонија и Литванија претходно известија дека нема да испратат делегации во Скопје, доколку присуствува и рускиот министер за надворешни работи.