Фото: Маја Јаневска-Илиева

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен моментно е на пат за Израел, бидејќи примирјето меѓу Израел и Хамас истекува утре наутро. Тој попладнево во Скопје се сретна со премиерот Димитар Ковачевски и со шефот на дипломатијата Бујар Османи, а присуствуваше и на неформалната вечера во пресрет на министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Блинкен замина од Скопје пред да пристигне неговиот руски колега Сергеј Лавров. Од американскиот Стејт департмент, за „Гласот на Америка“, претходно беше истакнато дека нема очекувања за каква било средба помеѓу Блинкен и Лавров за време на состанокот на министрите на ОБСЕ во Скопје.

Блинкен најави дека ќе биде фокусиран на продолжување на паузата во борбите во Газа „за да може да се продолжи со извлекување на повеќе заложници и да се носи повеќе хуманитарна помош“.

– Би сакале паузата да биде продолжена бидејќи она што овозможи, пред сè, беше ослободување на заложници и нивното повторно обединување со нивните семејства. Исто така, ни овозможи да доставиме хуманитарна помош за луѓето во Газа на кои очајно им е потребна. Продолжувањето на прекинот на огнот значи дека повеќе заложници ќе се вратат дома и дека повеќе помош ќе влезе во Газа – рече американскиот државен секретар.

Тој изрази уверување и дека продолжувањето на паузата е нешто што Израел го сака бидејќи „тие исто така се интензивно фокусирани на враќање на луѓето дома“. Блинкен рече дека планира да разговара за ова прашање на неговите состаноци со израелските власти во наредните денови.

– Ќе разговараме со Израел како може да ја постигне својата цел да се осигура дека никогаш нема да се повторат терористичките напади од 7 октомври, а истовремено да ја одржува и зголеми хуманитарната помош и да ги минимизира понатамошните страдања и жртви меѓу палестинските цивили – рече Блинкен.

Блинкен исто така ќе отпатува и на Западниот брег, а потоа во Дубаи на климатскиот самит КОП28.