Фото: Принтскрин / Јуроњуз

Израел и Хамас првично не се договорија за следната група заложници што исламистите ќе ја ослободат денеска, со цел да се продолжи примирјето кое истекува во 7 часот утрово по локално време, но потоа двете страни рекоа дека прекинот на огнот ќе трае најмалку уште еден ден.

Израелската Влада соопшти дека примила нов список на заложници во Појасот Газа што Хамас ќе ги ослободи денеска, во замена за еднодневно продолжување на примирјето.

– Пред кратко време Израел доби список на жени и деца во согласност со условите од договорот и затоа примирјето ќе продолжи – се вели во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Во соопштението не се прецизира бројот на заложниците што ќе бидат ослободени.

Тел Авив објави дека израелските вооружени сили се подготвени да продолжат со оган во секој момент. Хамас, пак, го обвини Израел дека не ја прифаќа предложената група заложници за ослободување. Палестинското движење соопшти дека има седум жени и деца, плус три тела на затвореници за кои велат дека биле убиени во израелските воздушни напади.

Портпаролот на израелската армија, Дорон Шпилман претходно за новинарите изјави дека не е постигнат договор.

– Според тоа, како што истекува сегашниот прекин на огнот, израелската армија е распоредена и целосно подготвена да ги продолжи своите операции во Појасот Газа – рече тој.

Подоцна, израелската армија соопшти дека примирјето продолжува „во услови на напорите на посредниците да ослободат повеќе заложници, во согласност со условите од прекинот на огнот“. Хамас исто така потврди дека се согласиле да ја продолжат хуманитарната пауза седми ден.


 Терористички напад во Ерусалим, убиени напаѓачите

Две лица се убиени, а осуммина ранети во напад со огнено оружје на влезот во Ерусалим, соопшти израелската полиција. Една жена загина на местото на нападот, а повозрасен маж им подлегнал на повредите на пат кон болница.

– Двајца терористи кои пристигнаа на местото на настанот со возило вооружено со оружје пукаа кон цивили на автобуска станица, а тие беа неутрализирани од безбедносните сили и еден цивил кој се наоѓаше во близина – соопшти израелската полиција.

Според полицијата, двете лица излегле од автомобилот околу 7.40 часот по локално време и отвориле оган кон автобуската постојка, каде се наоѓале голем број луѓе.

Идентитетот на напаѓачите не е веднаш соопштен, но дел локални медиуми објавија дека се од источен Ерусалим.

Голем број возила на брза помош и полиција се собраа на местото на нападот, а полицијата соопшти дека ја пребарува областа за да се увери дека нема други напаѓачи.

Амбасадорот на САД во Израел го осуди пукањето.

– Грозен терористички напад во Ерусалим утринава. Недвосмислено го осудуваме таквото брутално насилств – порача амбасадорот Џек Лу.