Фото: Горан Анастасовски

Тажна приказна од скопската зоолошка градина

Граѓаните на Скопје масовно споделуваат информации на социјалните мрежи со тажната вест дека почина негувателот на жирафите во скопската зоолошка градина Ристе Трајковски, а веднаш по него и неговата миленичка, последната жирафа Флопи.
Официјални информации за причините за смртта сѐ уште се чекаат. Вработените во зоолошката градина тагуваат и бараат разбирање од јавноста, како и од граѓаните, па и од активистите за заштита на животните, да не носат прерани заклучоци. Скопската зоолошка градина годинава ја живее најтажната приказна, бидејќи претходно починаа и двете жирафи Тобого и Каспер. Флопи беше последната преостаната жирафа и сега скопската зоолошка градина е осиромашена, бидејќи најмладите не ќе може да им се радуваат на овие прекрасни животни.

Несекојдневната љубов го обиколи светот

Трагичната вест навистина предизвика морници кај граѓаните. Прво почина миленикот на жирафите, негувателот Ристе, кој не само што им беше посветен максимално на овие грандиозни животинки туку и навистина со нив го делеше своето слободно време. Љубовта, која беше заемна, многу лесно можеше да се види низ фотографиите на нашиот колега Горан Анастасовски, а кои го обиколија буквално целиот свет.

-Со Ристе бевме блиски пријатели. Беше добар човек, многу ги сакаше животните. Се радуваше што фотографиите што ги правевме го обиколуваат светот. Неговата љубов кон животните се гледа на секоја фотографија. Околу 12 години се грижеше за жирафите и кога ќе влезеше кај нив сите трчаа по него. Кога ќе пиевме кафе, не можеше да го испие на раат, оти жирафите сакаа да си играат со него – вели фотографот Анастасовски, огромен љубител на животните и редовен посетител на зоолошката.
-Си отиде уште еден добар човек. Гушкај си ги жиравките таму горе Ристе – напиша Горан на Фејсбук.

За магичната поврзаност на Ристе со жирафите пишуваше дури и британски „Дејли мејл“, а она што е интересно е дека во репортажата беше претставена и неговата сестра, со која ги чувале жирафите. Неговата сестра Маја Трајковска, пред објективот на Анастасовски, покажа како ѝ минува едно утро во зоолошката, пиејќи го своето кафе покрај жирафите.
Сите што го познаваа Ристе сведочеа за неговата посветеност кон работата. Максимално им беше посветен на жирафите, а заедно беа главна атракција во зоолошката градина.
Тие им беа миленици на децата, кои уживаа да го гледаат како ги чува и храни и како го поминува времето со нив. Пред да ги нахрани, тој ги галеше и ги гушкаше жирафите.
Кога угина жирафата Тобого, Ристе беше скршен од тага. Тогаш тој изјави дека чувствува празнина без Тобого.
Флопи, пак, беше последната жирафа во зоолошката градина. Прво почина Ристе, а само неколку часа по него и Флопи. Како да чувствуваше дека го нема нејзиниот негувател, па не ѝ издржа срцето и замина по него.
Тажната вест молскавично се прошири на социјалните мрежи, каде што луѓето не можеа да ја скријат тагата од оваа немила случка.

Скршени се срцата на вработените

Официјални информации за смртта на Флопи нема. Од зоолошката градина се огласија дека се запазени сите законски процедури и нагласија дека штом ќе добијат официјални информации за причините за смртта, ќе ги споделат со јавноста.
– Скршени се срцата на сите вработени, бидејќи Флопи беше наш омилен жител. Јавно ќе биде соопштено што е причината за смртта, откако ќе ги добиеме официјалните резултати од обдукцијата, која беше извршена утрово од страна на Ветеринарниот факултет – информираат од ЗОО.
За големата поврзаност што Ристе ја имаше со жирафите, тој говореше и за „Нова Македонија“.
Во репортажата за нашиот весник тој тврдеше дека имале заеднички ритуали, дека трите жирафчиња, кои во скопската зоолошка дојдоа кога беа на тригодишна возраст, го чувствувале неговото присуство, бидејќи точно знаеле кој е нивниот негувател. Ристе говореше дека имал посебни ритуали со нив, дека тие знаеле да покажат љубов и дека најмногу сакале да јадат јаболка, кромид и праз, но и дека на посебен начин ја искажувале љубовта кон него.
Ристе од 2012 година им беше зоо-негувател на трите жирафи, со кои навистина имаше изградено специјална врска.
Интересно за нив беше што ретко спиеја, се случуваше да дремнат половина час во текот на денот. Тие се неми, не испуштаат звуци, но се први за меѓусебно галење. Секој ден сакаа да им се посвети внимание и штом ќе ги видеа братот и сестрата Трајковски, чекаа да се погалат со нив.

[email protected]