Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пресрет на министерскиот совет на ОБСЕ

Министрите за надворешни работи се собраа на неформална вечера во пресрет на министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, чиј домаќин во Скопје е шефот на македонската дипломатија и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи.

На вечерата во хотелот „Александар Палас“ присуствуваат министри за надворешни работи на САД, на ЕУ, на земјите-членки на ЕУ, Велика Британија, на земјите партнери од Медитеранот, Блискиот Исток и од Азија.

По вечерата предвидена е и културна програма за високите гости со настап на Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов и Дамир Имери.

На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во Македонија од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.

На министерскиот состанок се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта, а треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.