Фото: Влада

Членството во Европската Унија е наша цел и немаме друга алтернатива и тоа зависи од сите нас, односно од сите политички чинители кои имаат одговорност во оваа земја, без изговори, кажа вечерва претседателот на Владата Димитар Ковачевски, по средбата со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел во пресрет на одржувањето на 30. министерски состанок на ОБСЕ.

Премиерот кажа дека на средбата со Борел станало збор за најважните реформи и евроинтеграцискиот процес и му се заблагодар за силната поддршка на нашиот евроинтеграцискиот пат, за скрининг-процесот и за развојниот план за Западен Балкан.

– Јасно се согласуваме дека нашата европска интеграција мора да продолжи и нема да застане се до полноправно членство во ЕУ – рече Ковачевски.

Тој посочи дека пред средбата со Борел имал средба со Блинкен кој ја искажал поддршката на САД за наше полноправно членство во Европската Унија.

Потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Борел потенцира дека не смее да постои политичка поделеност по прашањето на ЕУ, дека мора да го завршиме процесот на уставните измени и да се работи на клучните реформи.

– Тоа ќе донесе корист за целиот народ и за Северна Македонија како земја – рече Борел.

Позитивно го оцени носењето на новиот Деловник со меѓупартиска согласност, како и напорите на Владата за евроинтеграцискиот процес.

Борел во воведниот дел од изјавата рече дека тие многу ги ценат напорите на Макеоднија како претставач на ОБСЕ и самата улога на оваа организација која претставува заедничка платформа на Унијата и покрај, како што кажа, напорите на Русија да го поткопа тоа. За присуството на министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров на министерката конференција во Скопје, рече дека тој треба да слушне зошто ЕУ ја осудува Русија и потоа да се врати во Кремљ и да го пренесе тоа.

– Ние не сакаме да ја изгубиме работната способноста на ОБСЕ. Завршивте добра работа. Го поздравувам предлогот Малта да биде следен претседавач – рече меѓу другото Борел.

Ковачевски и Борел одржаа билатерална средба на која присуствуваа и заменик претседателот за европски прашања Бојан Маричиќ и еврамбасадорот Дејвид Гир.