За пронаоѓање на 14-годишната Вања Ѓорчевска вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје, извршени се разговори со блиските на девојчето, податоците за случајот се ставени на стоп-листа на граничните премини, а распишана е и меѓународна потерница за исчезнато лице од страна на Интерпол, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
– Се проверуваат информации, видеоматеријали и се преземаат мерки за расветлување на случајот – изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски за „Макфакс“.
МВР ги демантира и дезинформациите објавени во дел од медиумите, кои соопштија дека Ѓорчевска, наводно, е пронајдена во соседна држава.
– Станува збор за комплетно лажна вест во која непознатиот автор се повикува на наводни „извори од истрагата“, а притоа со Одделот за односи со јавност при Министерството за внатрешни работи воопшто не ја направи задолжителната проверка на наводите, и покрај бројните апели и од страна на полицијата, и од страна на родителите на малолетничката да не се пласираат дезинформации со кои само може да се наштети на истрагата. Воедно, апелираме да не се шират дезинформации, а МВР постојано ќе ја информира јавноста се до пронаоѓање на малолетничката – се наведува во соопштението на МВР.
Во потрагата по Вања се вклучија и граѓани, при што низ Скопје можат да се забележат плакати со фотографии и информации за девојчето. Претседателот на Ловечката федерација, Влатко Алексовски, синоќа ги повика ловците да се вклучат во потрагата. Тој истакна дека не е првпат ловци да се вклучат во вакви потраги, тие ќе ја бараат на непристапни места, каде што полицијата засега не ја бара.
– Ловците стапнуваат онаму каде што ниедна друга нога не стапнува, на непристапни места, на планини, во села. Ги повикав затоа што сметам дека можат да придонесат во потрагата. И претходно, како Ловечка федерација, сме биле вклучени во потрага по исчезнати лица, особено кога се работи за непристапен терен. Во контакт сме и со ловечките федерации од околните земји, па можеме, ако ништо повеќе, да помогнеме веста за исчезнатото девојче да стигне што подалеку. Јас сум оптимист, сметам дека сите заедно ќе успееме да го најдеме девојчето – изјави Алексовски за „Макфакс“.
За исчезнувањето на Ѓорчевска известија и балканските медиуми.
Вања Ѓорчевска исчезна завчера околу 7.20 часот, на пат кон училиште во скопската населба Дебар Маало. Последниот сигнал од нејзиниот телефон е лоциран на булеварот „Партизански одреди“ спроти Универзална сала.