Не, Османи, не сте никакви жртви, народот страда од вашите „себежртвувачки“ политики

И да повториме. Доста веќе се игра на етничката карта дека Македонците не ги сакаат Албанците, бидејќи во мултиетнички општини тоа и не е баш така. Напротив. Граѓаните заедно си кукаат за тешкиот живот што го живеат, а во што голем удел имаат токму Османи и неговата „вечна“ партија на власт

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 порача дека дури и во СДСМ има такви на кои им пречи тоа што Албанците, како што вели, сега се рамноправни, но дека не го искажуваат тоа.
– Секогаш ќе кажувам, дури и во СДСМ има такви на кои им пречи рамноправноста на Албанците, но не го кажуваат тоа, бидејќи не е точно да се каже дека Албанците ни го одземаат монополот, но велат дека ДУИ прави корупција. Не, не! Албанците го кршат економскиот монопол. Да не ви пречи тоа што Албанците нема да продолжат да ви дозволуваат да имате стопроцентен економски монопол на македонските компании, додека Албанците се настрана. Кога Албанците земаат акции во економијата на државата, велат ДУИ прави корупција – рече Османи.
Министерот го кажа тоа во однос на коментарите на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски дека бараат техничкиот премиер Албанец да не доаѓа од редовите на ДУИ, затоа што оваа партија, според нив, е премногу корумпирана.
Зошто овој текст го почнав баш со Османи и неговата изјава?
Затоа што веќе Османи, па и сите од ДУИ, треба да ја сменат плочата, односно да престанат постојано да се прават жртви дека сѐ некој не ги сакал Албанците во земјава, дека сѐ некој им подготвува нешто зад грб и дека постојано некој ги дискриминира.
Аман, доста веќе!
На народот навистина му е прекуглава од постојано извикување дека едните не ги сакаат другите, од постојано изигрување невини жртви, а тоа особено ќе го потенцирам за ДУИ, партијата што повеќе од десет години е на власт и безмалку ништо не направи ни за своите ни за оние другите.

Па, би сакала да го прашам Османи што подразбира под тоа дека некој нејќе Албанци? Дали за нив тоа значи дека треба да ги узурпираат државните институции без да мрднат со прст за граѓаните и нивните гласачи?
Нека подразмисли малку, а лесно може и самиот да дознае како министер за надворешни работи колку граѓани Албанци си заминуваат од земјава по белиот свет поради „добрата политика“ на партијата што ја претставува Османи, а која е на власт благодарение токму на тие иселените, но и на тие што допрва планираат да избегаат од ова дувло на криминал и корупција, кое тие го создадоа рака под рака со целокупната власт во земјава.
На народот не му е гајле! Народот сака да може да работи, да има пари за да го истера месецот, но и да си ги прошета децата и да им ги купи потребните работи. Граѓаните сакаат да имаат каде да се лекуваат, да не мораат да подигаат брзи кредити за да му дадат мито на докторот што треба да ги оперира. Народот во земјава, и Македонците и Албанците, сака да живее во мирна, стабилна и просперитетна држава.
Доста беше од глумење жртви, од кукање дека постојано некој некому нешто му мисли или му прави.
Доста е!
Наместо да се жалиме кој што има, кој што прави, еве една идеја до министерот. Да се фатат за работа и тој и неговата партија. Да покаже дека повеќе се грижи за неговиот народ, отколку за топлата фотелја во која со години седи.
И да повториме. Доста веќе се игра на етничката карта дека Македонците не ги сакаат Албанците, бидејќи во мултиетнички општини тоа и не е баш така. Напротив. Граѓаните заедно си кукаат за тешкиот живот што го живеат, а во што голем удел имаат токму Османи и неговата „вечна“ партија на власт.

[email protected]