Џудо-клубот Миоки освои вкупно 24 медали, од кои осум златни, седум сребрени и
девет бронзени, на турнирот на кој настапија 407 натпреварувачи од 45 клуба, од 11 земји

ЏУДО – МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „МИОКИ ОПЕН 2023“

Во конкуренција на 407 натпреварувачи од 45 клуба, од 11 земји (Србија, Хрватска, Црна Гора, БиХ, Турција, Албанија, Грција, Бугарија, Косово и Македонија), во Скопје во организација на џудо-клубот Миоки, се одржа традиционалниот меѓународен турнир „Миоки опен 2023“.
Вкупен победник е домаќинот на турнирот Миоки, со вкупно 24 освоени медали, од кои осум златни, седум сребрени и девет бронзени. Златни медали од Миоки освоија Тео Албановски, Демир Друштинац, Филип Митревски (до 13 год.), Хамида Друштинац, Емилија Паскоска (до 15 г.), Ива Богдановска, Хамида Друштинац и Емилија Паскоска (до 18 г.). Ива Богдановска беше прогласена и за најуспешна кадетка на турнирот.
– Турнирот беше организиран на завидно ниво, а конкуренцијата исклучително тешка. Ова е најмасовниот турнир според бројот на учесници во Македонија, а по квалитет и многу пошироко, во регионот. Освојувачите на медали може да се гордеат со постигнатиот успех затоа што беше многу тешко да се влезе во финалниот блок. Задоволен сум од настапот на сите џудисти од нашиот клуб и наедно благодарен сум им на сите што присуствуваа, а особено на оние што помогнаа во организацијата на овој турнир – вели тренерот на клубот и селектор на кадетската репрезентација на Македонија, Игор Паскоски.
Пехари за најуспешни клубови по возрасни категории добија: момчиња (до 13 год.) ЏК Миоки, девојчиња (до 13 год.) ЏК Сеишин од Прилеп, момчиња (до 15 год.) ЕОС Аксарнон (Грција), девојки (до 15 год.) ЏК Миоки, кадети (до 18 год.) ЏК Раковски (Бугарија), кадетки (до 18 год.) ЏК Миоки.
Добар настап имаше и прилепскиот клуб Сеишин, кој освои девет медали, од кои два златни и седум бронзени, а беше прогласен за најуспешен клуб во категоријата девојчиња. Со злато кај прилепчани се закитија Софија Ѓорѓиоска и Матеја Николоска. Г.И.