За три недели ЕУ ќе го одржи состанокот на кој треба да се валоризираат некои од заклучоците наведени во извештаите за напредокот на земјите кандидати, кои секоја година ги подготвува Европската комисија.
Водејќи се од атмосферата во земјава, но повеќе од она што беше наведено во последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, за дваесетина дена од Брисел нема да слушнеме ништо различно од она што го слушаме петнаесетина години. Впрочем, тоа пред некој ден отворено го кажа и македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој рече дека не може да се очекува позитивна одлука за Македонија на следниот европски самит во декември.
И додека сите показатели одат во насока на тврдењето на претседателот на државата, сепак има и такви што и натаму веруваат во чуда. Шефот на дипломатијата Османи и вицепремиерот Маричиќ веруваат дека месец и половина, колку што остануваат до крајот на годината, не е мал временски период за некакви политички чуда. Секој има право да верува во чуда, но во оваа наша „земја на чудата“, чудното секогаш е поврзано со негативното и, пред сè, со неразбирливото.
Имено, чудно и неразбирливо е да го промениш уставното име на државата кога мнозинството граѓани ти велат немој! Чудно и дури бизарно е да седнеш да разговараш со некого за идентитетски прашања и да го понудиш идентитетот на маса, како предмет за ново дефинирање. Чудно е да почне некој да си ја преиспитува сопствената историја, заборавајќи на своите предци и на нивната македонска самосвест. Уште почудно е да прифатиш француски предлог кога 80 отсто од Македонците ти велат немој, не е добар, самите си ставаме јарем. Чудно и апсурдно е да очекуваш никој да не се противи на уставните измени и внесување на граѓаните со бугарска самосвест во Уставот, кога соседна Бугарија не ги признава народот, јазикот и историјата на државата од која бара да го промени Уставот. Многу чудни и бизарни работи се случуваат во оваа наша „земја на чудата“ што ја водат чудни политичари, кои на чудни начини се нашле на функција. Чудно е кога слушаш дека треба да се бориш со корупцијата, ти да изгласаш уставни измени со кои уште повеќе ја стимулираш оваа негативна општествена појава. Чудно е да очекуваш младите да останат во државата, кога работиш таа да има нефункционални партизирани институции, да не владее правото, да има криминал, лошо образование, лошо здравство, блокирана економија и да не овозможуваш развој…
Е, во една таква „земја на чудата“ некој се надева дека за месец и половина е можно уште едно чудо, овој пат политичко.
За жал, македонските граѓани одамна престанаа да веруваат во чуда и гледаат дека само ова сивило наоколу е македонската реалност, па затоа не се надеваат на никакви чуда. Кренаа раце и од политичарите и веќе на ништо и никому не му веруваат. Не веруваат ни во чудото дека ЕУ ќе нè прими до 2030 година, а уште помалку веруваат дека воопшто и нѐ сака во своето друштво. Таа летаргија во македонското општество, но и пошироко во регионот, очигледно ја почувствуваа Американците, кои не сакаат во срцето на Балканот да добијат рамнодушна депресивна маса што утре некој друг со многу малку ќе може да ја задоволи и да ја привлече на своја страна. Кога на човек му е прекуглава од сè, манипулациите се лесно изводливи, а влијанијата се шират како вирус. Американците добро го знаат тоа, па затоа повторно ја преземаат контролната палка тука на Балканот, за да ја забрзаат интеграцијата на земјите од регионот. Тие знаат дека она што ќе ја врати надежта кај луѓето дека може да биде подобро е расчистување со коруптивните и криминални елементи во општеството. Тоа значи реално казнување на сите оние што низ годините се збогатиле врз грбот на граѓаните, кои сите овие години гледаа како голи и боси голтари влегуваа во политиката и излегуваа како милионери (мислам на милионери во евра). Граѓаните сакаат да видат казнивост и одговорност за сите тие арамии, но не само да одлежат во домашни притвори и симболично во полуотворени затворски одделенија (читај пансиони), туку да следува и конфискација на сè што тие стекнале, а во времето кога биле на функција, да се конфискува и она што го стекнало и нивното потесно семејство. И не лицитација на запленетите објекти, туку нивно преземање од страна на државата, која може да ги користи за некакви сопствени намени. Еве, за почеток, во тие запленети објекти што ќе станат државни нека се згрижат социјално загрозени семејства без покрив над главата. Тоа сака народот, правда и одговорност. Американците го знаат тоа и затоа го засилуваат притисокот преку објавување нови имиња на црната листа, а сега нашиве ќе менувале закони да се овозможело американските санкции да заживеат и кај нас.
Очигледно Американците тргаат во офанзива заморени од дводецениската нерешителност на Европа да го пополни синиот мозаик со уште шест земји од Западен Балкан, што за европската апсорпциска моќ е мачкина кашлица во однос на приемот на една Украина на пример.
Но нејсе, САД несомнено сакаат да помогнат, но за такво нешто треба да има волја тука, дома. А за да има волја, потребни се лојални граѓани, кои си ја сакаат својата држава и сакаат таа да биде успешна приказна. Лојалноста се покажува така што се храбри секој позитивен чекор во државата и се стимулираат и другите да ги следат таквите позитивни примери. Нелојално е кога македонската фудбалска репрезентација, која патем е вистинска мултиетничка слика на македонското општество, не ја ужива поддршката на половина владини министри, кои наместо на стадионот во Скопје да ја бодрат Македонија против Англија, отидоа во Тирана да ја бодрат репрезентацијата на Албанија. Тоа не е во ред, тие луѓе се македонски функционери и земаат плата од буџетот што го полнат македонските граѓани. Впрочем, каков пример и даваат на младите македонски спортисти од албанска националност во земјава? Дека подобро е да настапуваат за соседните земји? Со тој потег, тие де факто стимулираат и спортистите да станат нелојални кон својата држава. Од таквата „лојалност“ на македонските политичари од албанскиот политички кампус во земјава веќе двајца македонски Албанци играат за Албанија наместо за Македонија и, благодарение на нив, Албанија напредува. Лоша е ваквата нелојалност за целото општество оти просперитетна држава мораме да градиме заедно, а не да влечеме на некоја друга страна. Во секоја нормална држава овие работи би биле чудни, но не и во нашата „земја на чудата“. Тука важи онаа старата „секое чудо, за три дена“. Па, за три дена да чекаме некое ново чудо, оти од реалноста веќе кренавме раце.