Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел упати покана до лидерите на ЕУ за присуство на вечери на кои ќе се разговара за Стратешката агенда на Унијата, јави дописникот на МИА од Брисел.
– Со задоволство ве поканувам на вечера за да продолжиме со нашите дискусии за Стратешката агенда и за приоритетите за следниот институционален циклус, врз основа на нашата плодна прва размена на мислење во Гранада. Со благодарност до нашите домаќини, овие дискусии ќе се одвиваат во мали групи во Париз, Берлин, Копенхаген и Загреб во текот на овој месец, наведува Мишел во поканата.
Тој посочува дека во овие бурни времиња од катастрофи поврзани со климата низ целиот свет, до технолошкиот пресврт предизвикан од врвните дигитални случувања и фрагментацијата на мултилатералниот поредок заснован на правила, лидерите на Унијата треба да размислат за капацитетот на ЕУ да дејствува и да ги постигне своите цели.
– На Самитот во Гранада поставивме широка рамка и опфативме голем број приоритети: безбедност и одбрана, отпорност и конкурентност, енергија, миграција, глобален ангажман и проширување на Унијата. Нашата дискусија на вечерите ќе биде можност да навлеземе подлабоко по овие прашања и особено да размислиме како треба да се приспособиме за посилна Унија, и внатрешно и глобално, додава Мишел.
Според него, клучните прашања за кои би требало да се разговара се политиките и програмите што треба да се подобрат за да се зајакне глобалната положба на ЕУ и кој начин да се стори тоа, како за реформите на Унијата во контекст на нејзиното идно проширување.
Во делот на финансирањето, Мишел смета дека лидерите треба да се фокусираат на заедничкиот буџет на ЕУ и како да се обезбедат средства за него, со цел остарување и поддршка на заедничките приоритети.
Неодминливо прашање, според Мишел, треба да биде и начинот на донесување одлуки со цел Унијата да останеме агилна и во тој контекст да се разговара за правилата за гласање.
– Нашите дискусии за време на вечерите ќе бидат вклучени во тековните подготовки на Стратешката агенда, која ќе продолжиме да ја разгледуваме во рамките на Европскиот совет, од сега, па до летото 2024 година, наведува Мишел.
Тој потенцира дека имајќи ги го сето тоа предвид европските лидери треба да бидат отворени, прагматични и реални за промените и предизвиците што и претстојат на Унијата.
– Уверен сум дека заедно успешно ќе се соочиме со нив и ќе најдеме начини за дополнително зајакнување на нашето единство, потенцира Мишел во поканата.
Според најавите од Европскиот совет, серијата на вечери на лидерите на ЕУ ќе започне од следната недела.