Дивоградба е објектот каде што викендов, високи претставници на политичката партија ДУИ отворија меморијален комплекс во кумановското село Сопот, утврдил вонредниот инспекциски надзор на градежен инспектор од Општина Куманово.
И кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски преку соопштение испратено до јавноста информира дека објектот е дивоградба и дека општината нема издадено документација за градба. Вели дека објектот е изграден на државно земјоделско земјиште.
– Истиот е изграден на државно земјоделско земјиште, коешто во имотниот лист број 117 од катастарска општина Сопот, се води на парцела 963. Целиот објект е дивоградба и Општина Куманово нема издадено никаква документација во врска со градба на овој објект. Од страна на надлежна инспекциска служба е направен записник. Записникот е насочен кон НН лице, бидејќи од присутните лица таму никој не се пријавил дека е инвеститор или пак сопственик на објектот. Истиот записник денеска е истакнат на огласна табла – посочува Димитриевски.
Најавува дека ќе биде доставена и пријава до полиција.
– Во рок од три дена додека трае постапката паралелно ќе доставиме пријава и до полиција да се открие НН сторителот на ова кривично дело и веднаш по затворање на записникот и истекот на рокот ќе биде процесуирана кривична пријава против сторителот, во овој случај НН лице. Но, дополнително добив информации и од Секторот за урбанизам дека за оваа предметна парцела исто така е поднесено барање во 2018 година за легализација од страна на физичко лице и сите тие документи ќе ги доставиме како предмет на идната истрага – вели Димитриевски.
Осврнувајќи се на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека објектот бил изграден на приватно земјиште, Димитриевски вели дека службите треба подобро да го информираат.
– Мислам дека треба подобро да го информираат службите со коишто непосредно соработува, но ме изненадува и молкот на други надлежни институции, како што во овој случај е МВР, чиишто обврски согласно законот и согласно Уставот се да го штити уставниот поредок на државата и кога некој поттикнува меѓуверска, меѓуетничка, меѓунационална конфронтација да го санкционира истото. Молкот од надлежните институции е повеќе од срам, бидејќи интегритетот на државата мора да се заштити- вели Димитриевски во писмената изјава.