Целта на овој традиционален меѓународен турнир е афирмација на ватерполото кај младата популација, како и да го вратиме квалитетот на ватерполото на ниво како што беше пред 25-30 години, вели Боро Стефановски, координатор на младите категории во македонското ватерполо, а им помага и на ветераните во овој спорт

ВАТЕРПОЛО – ТРЕТ МЕЃУНАРОДЕН МАСТЕРС-ТУРНИР ЗА ВЕТЕРАНИ „13 НОЕМВРИ“

Со натпреварите од првото коло одиграни вчера претпладне во Скопје започна третиот по ред меѓународен мастерс-турнир во ватерполо за ветерани (над 30 години), „13 Ноември“, во организација на ВК Вардар, кој се игра во базенот „Карпош“ при СЦ „Борис Траковски“. На турнирот, кој ќе заврши денеска, играат 13 тима поделени во четири групи, со играчи од 12 земји, (Македонија, Хрватска, Црна Гора, БиХ, Грција, Турција, Словачка, Унгарија, Велика Британија, Јапонија, Германија и од Бугарија), а влезот е бесплатен.
– Турнирот е организиран на многу високо ниво со поддршка на СЦ „Борис Трајковски“, а по квалитет годинава е втор во Европа, но најмасовен според бројот на државите, вкупно 13 од каде што доаѓаат играчите. Најмасовен по бројот на екипи и најквалитетен, пак, беше турнирот во Херцег Нови, на кој настапија екипи од четири држави. Разликата помеѓу тој и нашиот турнир е во тоа што нивниот има голема финансиска поддршка од градот, оти ватерполото како спорт таму е мошне развиено и популарно, а клубот има освоено повеќе европски трофеи. Во морето имаат направено одличен базен според сите стандарди, вреден девет милиони евра – вели Боро Стефановски, координатор на младите категории во македонското ватерполо, а им помага и на ветераните во овој спорт.
Вардар во првото коло вчера го декласира словачкиот претставник Саморин со 13-0, а попладнето, во второто коло требаше да игра со Раб од Хрватска. Од другите натпревари играни претпладне, Магла го победи Вучко (8-2), Раб беше поуспешен од Саморин (10-2), Вал славеше над Бурса (9-0), Стари ас го совлада Ол старс (7-2), а Магла беше подобра од Бјела (7-4). Другите натпревари се играа попладне. Денеска се четвртфиналните, полуфиналните, а потоа натпреварите за трето и прво место.
– Фаворити за првото место се секако екипите од Хрватска, а би го издвоил Стари ас како мошне квалитетен, потоа Магла… Што се однесува до нашиот претставник Вардар, секако дека ќе се бори иако има јаки и искусни екипи, а би бил презадоволен ако влезе меѓу првите четири екипи. За овој турнир, Вардар е засилен со поранешниот репрезентативец Игор Милановиќ (31), иако не е веќе активен во ватерполото. Исто така во екипата на Вардар на голот е Стефан Парталовски (62), кој годинава на турнирот во Истанбул (Турција) и во Шабац (Србија) беше прогласен за најстар играч, во категоријата над 55 години.
Според Стефановски, овие турнири многу ќе придонесат за афирмација на ватерполото кај младата популација.
– Целта на овој традиционален меѓународен турнир е афирмација на ватерполото кај младата популација, како и да го вратиме квалитетот на ватерполото на ниво како што беше пред 25-30 години. Да потсетам само дека токму во овој базен во Скопје во далечната 1982 година се играше суперкупот помеѓу победникот во Купот на куп победниците и Купот на шампионите, односно ПОШК и Барселона, а славеа Шпанците, иако во еден момент губеа со четири гола разлика – се присетува на тоа минато време Стефановски. Г.И.