Фото: Емил Јовановиќ

МАСТЕРС-ТУРНИР ВО КАТАР

Норвежанецот одигра нерешено во 53-от потег со 17- годишниот индиски ВМ М Пранеш (2.515) и на пет кола до крајот на турнирот е на 29-то место со 2,5 поена и играчки перформанс од 2.579 поени
Шахистот со највисок играчки рејтинг во светот, петкратниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.839), по сензационалниот пораз во второто коло од 23-годишниот Казахстанец Алишер Сулејменов (2.512), со 327 поени послаб играчки рејтинг, во четвртото коло на мастерс-турнирот во Доха (Катар), продолжи со несигурната игра и губењето рејтинг-поени и во четвртото коло.
Карлсен сега не загуби, но ремизира во 53-от потег со 17-годишниот индиски велемајстор (ВМ), М Пранеш (2.515, рангиран 46-ти на турнирот), со 325 поени послаб рејтинг. Тој е 79-ти по ред шахист со највисока шаховска титула во Индија (ја стекна на 5 јануари 2023), а моментно е на 549-то место во светот. Карлсен играше со црни фигури, но, сепак, не успеа да освои повеќе од половина поен во завршница на кралици. На тој начин го расипа својот пласман, и на пет кола до крајот на турнирот е на 29-то место со 2,5 поена, играчки перформанс од 2.579 поени и загубени 10,6 рејтинг-поени.
На мастерс-турнирот во Катар, на кој се пријавени 252 играчи (58 велемајстори), дури седуммина се со рејтинг над 2.700 поени (Карлсен, Хикару Накамура, Аниш Гири, Гукеш, Нодирбек Абдусаторов, Еригаиси и Жорден Ван Форест). Моментно во водство со 3,5 поени се седуммина, но според дополнителниот критериум челната тројка ја сочинуваат Американецот Накамура (2.780), Индиецот Домарају Гукеш (2.758) и неговиот сонародник Арјун Ериагиси (2.712). Наградниот фонд изнесува 108.250 долари, од кои 25.000 долари се наменети за победникот. Г.И.