Подгоричкиот клуб одржа лидерска конференција во Скопје

Предлогот на германско–француската експертска комисија Европската Унија прво внатрешно да се реформира, па потоа да се посвети на проширувањето е неприфатлив за поранешните претседатели на земјите од регионот. Во рамките на регионалната конференција „Интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ – предизвици и перспективи“, која викендов се одржа во Скопје, тие порачаа дека формалните заложби на европските челници за интеграции на земјите од Западен Балкан не треба да зависат од конфликти или кризи.
Според поранешниот македонски претседател и премиер Бранко Црвенковски, тежок и речиси недостижен е патот за Македонија да влезе во ЕУ иако на државата ѝ се направија сите можни преседани.
– Го сменивме уставното име и така проблемот со Грција го надминавме преку болен начин. Ни беа давани ветувања дека со таква отстапка ќе станеме дел од НАТО и дека ќе ги почнеме преговорите со ЕУ. Се појави нов билатерален спор со Бугарија и повторно околу прашање што нема никаква допирна точка со Копенхашките критериуми. Ни се оспоруваат нашиот национален идентитет и историски континуитет. Во случајот на Македонија се направија сите преседани и се демонстрираше целосна непринципиелност од ЕУ во однос на почитувањето на основните вредности врз кои почива Унијата – истакна Црвенковски.
Тој не е оптимист дека земјава наскоро ќе биде членка на ЕУ, па затоа предлага нова стратегија за приближување, односно да се искористат европските пазари и фондови.
– Голем дел од причините лежи во нашите слабости, јас ќе набројам само неколку. Недозволиво висок степен на корупција и разни видови организиран криминал. Неефикасен и подложен на полички влијанија судски систем, партизирана и неефикасна администрација, се донесуваат европски закони, а се имплементираат на балкански начин. Реформите или се пролонгираат или се спроведуваат половично. Но медалот има и друга страна, ЕУ се залага за проширување, но во реалноста не е подготвена за тоа – потенцираше Црвенковски.
Поранешниот хрватски претседател Стјепан Месиќ ги поддржува земјите од Западен Балкан да станат што поскоро дел од ЕУ, но е скептичен околу брзото членство имајќи го предвид фактот дека Унијата не е иста како пред 20 години и затоа очекува многу потежок интегративен пат.
– Ниту една земја во регионот не е отфрлена поради надворешни политички цели за членство во ЕУ. И покрај тоа, мене ми изгледа дека членството во ЕУ се оддалечува од земјите на Западен Балкан, без оглед на сите поддршки и ветувања од Брисел – вели Месиќ.
Актуелниот македонски претседател Стево Пендаровски предупреди дека проширувањето на ЕУ не смее да зависи од кризи и војни, коментирајќи го кандидатскиот статус на Украина и Молдавија. Тој нема дилеми дека со тоа на овие две земји им се дава симболична поддршка во исклучително тежок период, но рече дека на Западен Балкан не му е потребен политички симболизам, туку конкретна политичка одлука.
– Базирајќи ги своите одлуки за Украина и за Молдавија врз геополитичкиот резон наместо врз традиционалната агенда на реформи и перформанси, Унијата започна да наликува на НАТО. Ако има амбиции да биде геополитички играч, мора првин да го заокружи и обезбеди својот европски геополитички простор преку интеграција на Западен Балкан – изјави Пендаровски.
Тој уште додаде дека Европската Унија мора да покаже поголема грижа за регионот, притоа изразувајќи надеж дека на претстојниот декемвриски самит, Европскиот совет ќе има можност да донесе одлуки за побрза интеграција на Западен Балкан, наместо, како што вели, да го одложува тоа прашање по европските избори. С.Т.