На турнирот настапија 300 натпреварувачи од 31 клуб од седум земји. Сеишин освои и пехар за најдобра женска екипа во возрасната категорија до 13 години
Во Прилеп се одржа 13-от џудо-турнир „Прилеп град херој-Цевитана куп“ во организација на прилепскиот клуб Сеишин, кој прослави и убав јубилеј, 20 години постоење.
– Во организација што помина на највисоко ниво, на турнирот учествуваа 300 натпреварувачи од 31 клуб од Македонија, Србија, Грција, Црна Гора, БиХ, Албанија и од Косово. Притоа, Сеишин освои пехар за најдобра женска екипа во возрасната категорија до 13 години. За најдобрите организаторот обезбеди медали, дипломи и специјални награди, потоа пехар за најдобрите екипи по старосни категории, како и помали награди за најдобар натпреварувач, најдобар поен, најбрз поен, најбрзо добиена борба итн. Честитки до сите за освоените места – изјави тренерот на клубот Сеишин, Дејан Мицкоски.
Сеишин освои 25 медали (шест златни, осум сребрени и 11 бронзени). Златни медали освоија Леон Мојсоски, Матеја Николоска, Јана Ангелеска, Софија Ѓорѓиоска, Никола Магдески и Теодора Илиоска. На втората позиција беа Емир Вејсиловиќ, Владан Стрезовски, Елдина Пупаловиќ, Мила Здравеска, Марко Василески, Михаил Димоски, Немања Џагадуроски и Дарио Нанески. На третото место се пласираа Имшир Кадушиќ, Хари Фазлиќ, Арсениј Димески, Бисера Цветкоска, Тамара Стојковска, Дила Пупаловиќ, Марија Марковска, Теона Настоска, Михаил Стојановски, Ратко Ацески и Марко Ацески.
– Му го честитам јубилејот на ЏК Сеишин, 20 години од нивното постењето и искрено, како и секоја година, сѐ повеќе сум изненаден од организацијата и од сето она што го гледам на овој турнир, кој очигледно прераснува во најдобар турнир на џудото во Македонија. Можеме слободно да кажеме дека џудото оди во нагорна линија, по правиот пат и, според мене, претставува светла точка на целиот македонски спорт – изјави, меѓу другото, на прес-конференцијата пред почетокот на турнирот, претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски. Г.И.