Третата балканска војна за Македонија

Ти се чини дека претерувам, драг читателу, ама не. Онаа индуистичка формула на вечно враќање во ведите, која толку многу ги фасцинира Шопенхауер и Ниче, е карактеристична и за нас Македонците. Но кај нас од целокупниот живот низ столетијата проколнатички ни се враќаат најмногу страданијата и војните. За среќа, пак, во несреќа тука се и свадбите, кои толку ни ги залечуваат раните и нè креваат на игроорни нозе за да го продолжиме по гибелта умножен животот. Со столетија нам војните ни биле наметнувани, доаѓале кај нас околните и подалечните варвари за да ги испокршат садовите во кои сме ја собирале блажината, медот и млекото, а потоа нè распарчувале и грабале за себе. Такви беа и двете Балкански војни кога кон нас ги пружија хиенските канџи Грција, Бугарија и Србија. А по нив бргу-бргу дојде и Првата светска војна на непрокопсана Европа, во која исто така главниот балкански плен беше Македонија. Во трите туѓи војски се бореа Македонци брат против брат за туѓи интереси.
А и во Првата и во Втората балканска војна, драг читателу, пак зад тогашните балкански хиени стоеја нивните европски сојузници. Зад Србите Французите, зад Бугарите Германците, зад Грците Англичаните. Е, сега сето тоа, пак, ме наведува и на мојата хипотеза за учество на династичкиот евробордел во сите крвави настани и пошироко во Европа, но посебно и во Македонија, која никогаш не била вглобена во него, во таа династичка политеротска и сексуална перверзија. Нешто според Фројд потсвесно води и кон страста за танатос. Смрт. А војната е најблиска до реализацијата на таа темна страст, која поприма димензија и на некој вид колективна танатосна екстаза. Германците во Првата, а особено во Втората светска војна се најубав пример за тоа. Но и Грците, Бугарите и Србите во борбата за Македонија ја поседуваат неа. И сепак тој екстатичен танатос врие во котелот на политеротскиот династички бордел на Европа во кој се вклопени и балканските скоросоздадени држави проектирани во Берлин 1878, едни со Французите, други со Русите и Германците (Бугарите), трети со Англичаните (Грците), а четврти со Австроунгарците (Албанците). Сегде се посадени тука кралеви, принцови и принцези од Запад. Направена е крвна размена на био и политеросот, а Македонија и Македонците се оставени сами со гол газ да ги јава не само од Балканот туку и од Европа кој колку и кој како сака. До денес. А се чини и понатаму.

Не знам, драг читателу, дали некој напишал специјална историја за европскиот династички бордел, потоа проширен со својата политеротска и биоеротска перверзија што произведува кратка среќа и долги несреќи, но секако дијагнозата и тука, како и во многу други случаи, е поставена од писател а не од историчар. Станува збор за Лав Николаевич Толстој кој во својата славна „Ана Каренина“, со која, како што вели Достоевски, руската литература стапува во редот на светската, аподиктично тврди дека „сите битки ќе бидат добиени во спалната соба“. Тој со оваа фројдовска дијагноза, имено, како да мислел интуитивно и на европскиот еротски и династички политбордел. А може (тоа не е познато) таа своја дијагноза тој ја извел и врз антички македонски пример. Врз примерот на птоломејската египетска кралица Македонката Клеопатра, жена со фасцинантна интелигенција и убавина. Клеопатра, последниот египетски фараон (фараонка) што става клуч во бравата од последниот круг од круговите на неколкумилениумската раскошна староегипетска цивилизација. Имено, без да падне ниту една македонска жртва од Птоломеите, таа ја покорила Римската Империја во љубовната постела, првин со Гај Јулиј Цезар, со кого заминала во Рим да владее со неговата империја, како што е тоа така прикажано и во холивудскиот филм за неа со фасцинантната Елизабет Тејлор. И тоа е можеби праведната божја одмазда за поразот на Македонците од Римјаните во 164 г. пр. н.е. (ако не сум згрешил за некоја година) по смртта на Александар. А по суровото убиство од Брут на Цезар (оттука и Брут = бруталност), Клеопатра, храбрата и убава Македонка, не се предава и ја добива повторно битката со Рим, сега покорувајќи го со својата физичка и духовна убавина новиот римски император Антонио. Тука, пак, воленс-ноленс ми искрснува мислата дека далеку пред Достоевски Македонците работеле на концептот на Убавината како спасителка на светот.
Така. А ти велиш, драг читателу, дека пак како и обично правам долги дигресии. Да, но тие не се отстапка од темата туку вклопување во неа како прстен во прстен. Таа отстапка е конечно и оној златен контекст за кој зборува Тојнби и без кој историската приказна е сувопарна и непотполна. Тој му доаѓа понекогаш нешто и како метафора, како што ја дефинираат надреалистите: спој на далечни реалности. Сеедно. Се враќаме конкретно на Третата балканска војна, која сега се води на поинаков начин, а во која пак е главна жртва Македонија, но парадоксално, сега и Србија, која веќе не учествува во делбата, туку според одлуката на денешната западна судбинска deus ex machina што „усреќува“ или „унесреќува“ Америка подлежува на дележ со одземањето на нејзината автентична државна територија и создавање на неа нова држава Косово. На тој начин се остварува онаа српска проколнатичка синтагма: „Сè што сме добиле во војна го имаме загубено во мир“. Оти не само што ја загубија Вардарска Македонија (добиена со Букурешт 1913) во Титова Југославија, туку сега дополнително загубија и дел од сопствената територија, а на нејзиниот букурешки дел на југ сега му се навртеле другите две балкански хиени, западни предатори, Бугарија и Грција, но тука е отворено присутна од заседа и Албанија, која работи на тој план конкретно со македонските Албанци внатре, од терористичката 2001 наваму директно диригирани од Вашингтон во правец на целосно поткопување и уривање на македонскиот државен и национален суверенитет. За таа цел по војната во 2001-та, помагана од американски НАТО, беше под притисок потпишан за Македонците и понижувачкиот капитулантски Охридски договор, а потоа стокмена перверзно и територијалната поделба на доминантни албански енклави, во кој функционира како швајцарски саат апартхејдниот по Македонците Бадинтеров закон.

Како капак на сè, на крајот беше Тиранската платформа на ЦИА за двојазичност, која, според агресивните Албанци, кои му дадоа предност на варварството пред културата, не можеше да ја оспори ни Венецијанската комисија. Оти тука е во сила сега главниот играч на Третата балканска војна (така ја именуваме јас и ти, драг читателу), вашингтонска Америка и нејзините полтронски европски сателити, во прв ред импотентната Германија, а потоа арогантната Франција и масонска Англија. По нив доаѓаат: Холандија, Белгија, Португалија… Колонијалистички сили од кои енормно страдал и сè уште страда светот.
Тоа е вистината, драг читателу. Круната на таа трета војна на доразграбување и доуништување на Македонија и Македонците се круниса и со погребот на нашиот основен идентитетски архетип Името. И тоа се вика идентитетски геноцид. Но и тука не е завршена работата. Со Преспа својот дел го добија Грците. Сега останува делот за бугарската хиена, за што од западните сојузници сега директно е задолжен, за нас, новиот француски Маркиз де Сад, Емануел Макрон, а Албанците во целата македонска катастрофа се вклучени најефективно со разорување однатре, и тоа со голема поддршка на нивниот македонски сега политички партнер партијата на СДСМ, која се покажа апсолутно квислиншка и нацифашистичка по Македонците. Нека кажат ако мислат дека не е така, оти нивниот водач Заев (и со неговиот министер Димитров) ја трупаа земјата врз погребалниот македонски ковчег, а сега остатокот од нивната работа, по Грците, со Бугарите и Албанците ја доработува Ковачевски. Да. И кога велам нацифашисти, јас не мислам да правам споредба на нив со германските националсоцијалисти и Хитлер, со кого не заслужуваат да се споредуваат Заев и Ковачевски, оти Хитлер и неговите, за разлика од „нашите“ деструктивци, си го сакаа својот германски народ и во екстаза до небо го кренаа елан виталот на неговото национално битие. А „нашите“, драг читателу, од квислиншката партија што направија од овој народ освен срам и беда.
При крај сме. Тука некаде треба да ја завршиме нашата денешна колумна, драг читателу. Ништо не се роди од оној член 23 на берлинскиот конгрес (1878) демек како препорака за автономна Македонија кога ќе се повлече Отоманската Империја од неа, без цврсти гаранции притоа. Тоа беше само пилатовски потег на западните сили, кои и денес ја ништат нашата земја, за да си ја исперат како Понтиј Пилат совеста додека го носат Христос на Голгота. А сега како новиот колективен Христос за распетие на неа ги носат Македонците. Тоа, пак, распетие и таа Голгота сега конкретно го носи за нас перверзното име ЕУ. Оти не сме толку ментално заостанати, дебили, да не го гледаме тоа што се гледа од авион.

Третата балканска војна за дораспарчување и до целосно идентитетско доуништување на Македонија и Македонците е во тек, драг читателу. А по сè изгледа дека во неа не е докрај решено и српското прашање. На Србите, кои, рака на срце, денес од балканското опкружување на европските предатори единствено ни се искрен и без маска пријател, иако им вртиме грб и на нив и на Русите за да ја докажеме полтронската лојалност на Западот, кој со силно темпо, со брзина на светлината ја забрзува нашата идентитетска смрт. А може бара начини и за физичката. А ти прашуваш, драг читателу, што ни останува да правиме во таквата ситуација. Што друго освен повторно да ја реактуализираме паролата „Македонија на Македонците“ и да го развееме како нашите илинденци и асномци, кои толку многу ги засрамивме, знамето „Слобода или смрт“. Не очајувај, не ни прилега малодушноста. До следната наша средба чувај ја ведрината и не паѓај со духот. Еден ден ќе победиме. Знаеш и Библијата (Новиот завет) завршува со битка меѓу Злото и Доброто, меѓу Светлината и Темнината. Ние отсекогаш сме се бореле на страната на Доброто и Светлината. Нашите ништачи не. Затоа и толку многу сме страдале и сè уште страдаме. Но на страдањата ќе им дојде крај. Време е за да се издиференцираат силите на Доброто и Злото во светот и конечно да започне тој Армагедон. Ние Македонците го чекаме него како правда и спасение. Очистувачката катастрофа кој нас пак ќе нè извлече како во Втората светска војна на осветлена површина. Амин!