Секоја година овој проект создава нови фиданки, кои во иднина треба да се формираат во правилни личности, а некои од нив и да бидат врвни спортисти, претставувајќи ги општината, градот или државата Македонија. Проектот во својата генеза има насочување на најмладата генерација македонски деца кон вистинските вредности, вредности што спортот сам по себе ги содржи и ги промовира, социјализација, формирање комуникациски вештини, натпреварувачки дух, истакнување лидерски способности кај децата од најмала возраст, деца што во иднина треба да придонесат за понатамошен развој на државата во која ќе формираат семејство и ќе го поминат својот живот. Од друга страна, помеѓу сите нив, овој проект треба да препознае талент и предиспозиции за ракомет, да ги насочи, за некои од нив, еден ден, да го облечат дресот со националните обележја и повторно, на еден поинаков начин да придонесат за промоција на Македонија, рече Горан Ѓоргоноски, основач и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“

ПРОЕКТОТ „РАКОМЕТ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ“ ГО ПРОСЛАВИ ВТОРИОТ РОДЕНДЕН

Со првиот Јуниор куп, турнир во мини-ракомет, најголемата и најдоброорганизирана школа за ракомет во Македонија, дел од проектот „Ракомет за секое дете“, го прослави својот втор роденден и на најубав начин ја најави третата сезона од своето постоење, објавија од „Ракомет за секое дете“. Со натпревари помеѓу екипите составени од децата од школата, поделени според возраста и ракометното искуство, торта и дување свеќа, многу дружење и забава, членовите на школата од Скопје и од Велес, заедно со своите тренери и родители, го прославија вториот роденден и ја најавија третата сезона од функционирањето на проектот.
– Проектот во својата генеза има насочување на најмладата генерација македонски деца кон вистинските вредности, вредности што спортот сам по себе ги содржи и ги промовира, социјализација, формирање комуникациски вештини, натпреварувачки дух, истакнување лидерски способности кај децата од најмала возраст, деца што во иднина треба да придонесат за понатамошен развој на државата во која ќе формираат семејство и ќе го поминат својот живот. Од друга страна, помеѓу сите нив, овој проект треба да препознае талент и предиспозиции за ракомет, да ги насочи, за некои од нив, еден ден, да го облечат дресот со националните обележја и повторно, на еден поинаков начин да придонесат за промоција на Македонија. Затоа, овој проект е од исклучително значење за македонскиот ракомет и поддршката за истиот тој треба да биде на повеќе нивоа. Јас како поранешен македонски репрезентативец и спортист имам висока свест за значењето на ракометот и на спортот воопшто и кои придобивки ги има еден млад човек од истиот тој – изјави Горан Ѓоргоноски, основач и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“.
„Ракомет за секое дете“ е составен од три сегменти, школа за ракомет, Јуниор куп, турнирски систем на натпревари за децата од школата и ракометен камп „40х20“, со работа почна во септември 2021 година, со мисија на секое дете, кое има афинитет да се занимава со спорт и особено со ракомет, да му овозможи да тренира и да го развива својот талент во средина што ќе може да му овозможи услови за правилен психофизички развој. Школата за ракомет одржува тренинзи на повеќе локации, во повеќе општини во градот Скопје и општината Велес и има повеќе од 220 момчиња и девојчиња на возраст од шест до 13 години. Од самиот почеток, имајќи го предвид искуството на агенцијата „КМГ спорт“, проектот „Ракомет за секое дете“ постави високи стандарди на функционирање, овозможувајќи им на децата да работат со тренери кои се, пред сѐ, професори по физичка култура и врвни педагози, да играат натпревари, како проверка на стекнатото знаење, да се дружат и социјализираат и да го надградуваат своето знаење на летниот ракометен камп во Охрид.

– Од самиот почеток на овој проект, а имајќи го предвид претходното искуство што го имаме, во сегментот на организација на активности за најмладата генерација деца, се наметнавме како сериозен фактор и создадовме идентитет на организација на која родителите сѐ повеќе ѝ веруваат и на која им ја даваат довербата, доверувајќи им го највредното нешто на светот, нивните деца. Свесни сме за одговорноста што ја имаме, но и мотивирани да работиме уште посилно и попосветено, со цел и во иднина од нашата школа да произлезат нови млади ракометари, кои ќе им се приклучат на клубовите во Скопје и во Велес. Во досегашното наше функционирање, повеќе од 25 дечиња приклучивме во пионерските селекции на одредени клубови, деца што во иднина ќе треба да го практикуваат ракометот и да се надградуваат. Одреден дел од децата и не продолжуваат со ракомет, односно истиот тој го заменуваат со друг спорт, што е и нормално, имајќи ја предвид возраста, но и тоа е една од нашите главни поенти, а тоа е децата од нашата школа да излезат спортски писмени и во иднина да можат да продолжат да се занимаваат со кој било друг спорт. Секоја година, со секоја нова генерација деца, овој проект создава нови фиданки, кои во иднина треба да се формираат во правилни личности, а некои од нив и да бидат врвни спортисти, претставувајќи ги општината, градот или државата Македонија – изјави Ѓоргоноски.
Според планот и програмата на проектот, покрај редовните тренинзи во рамките на школата и натпреварите во Јуниор купот, децата и нивните родители од сезонава ќе имаат можност да се едуцираат во сегментите на здрав начин на исхрана и спортска психологија, како исклучително важни сегменти во развојот на една здрава спортска личност. Н.М.