Што значи широкиот спектар на аутизам

Аутизмот е сложено и повеќеслојно невробиолошко нарушување на човековиот развој и претставува растројство со широк спектар. Денес, најмалку еден од 88 луѓе се дијагностицирани со аутизам, што го прави почест од рак, дијабетес и СИДА заедно. Тоа е толку широка дијагноза што може да вклучи индивидуи што се оценети со напредни коефициенти на интелигенција од една страна или, пак, да биде придружена со ментална попреченост. Поединците со аутизам можат да бидат зборливи или тивки, приврзани или ладни, методични или неорганизирани.
Нарушувањата од аутистичниот спектар се карактеризираат со различни нивоа:
* нарушување на вербалната комуникација
* нарушување на вештините и социјалната интеграција
* стереотипни или повторувачки однесувања, интереси и активности
Причини
Сè уште не е разјаснето што е причината (или причините) за аутизмот, но се чини дека генетските фактори имаат интеракција со факторите на животната средина, постојат неколку хипотези за кои се работи интензивно во светски рамки. Беа спроведени и продолжуваат да се спроведуваат многу студии, кои открија голем број проблематични гени и некои области од мозокот што не функционираат нормално. Се чини дека развојот на мозокот од растот на фетусот во периодот на бременост е диктиран од дефекти во гените што ги спречуваат нервните клетки добро да комуницираат меѓу себе. Но човештвото сè уште во целост не може да разбере што се случува во мозокот на детето со аутизам.
Денес, голем број групи научници во Америка и Европа и престижни институции сериозно работат на унапредување на знаењето во оваа област. Никогаш порано човештвото не се справило со ова нарушување како што се справуваше во последните години.
Веќе е потврден важен заклучок: ниту мајката ниту практиките на мајчинството и родителството не предизвикуваат аутизам. Преку експерименти и софистицирана компјутерска опрема, научниците ги проучуваат факторите што би биле причина да предизвикаат аутизам или методите на ефикасен третман.
Карактеристики
Детето со аутизам е генерално оштетено во три области од неговата активност:
* (1) Растројство на реципрочни и социјални интеракции
* (2) Комуникација (вербална, невербална) и
* (3) Рестриктивни, репетитивни и стереотипни модели на обноските, интересирањата и на активности.

Секоја од овие области може да биде благо или сериозно оштетена, предизвикувајќи попречености што се движат од благи до тешки. Суштинската карактеристика е нарушувањето на социјалната размена.
Родителите се првите што забележуваат дека детето е рамнодушно кон луѓето и се фокусира само на одредени однесувања и активности исклучувајќи ги сите други. Детето често избегнува контакт со очи и малку или воопшто не реагира на стимули од околината, концентрирајќи се долги временски периоди на дејства или активности што ги повторува одново и одново.
Се чини дека на детето „не му треба“ употреба на зборови, реченици или дискусија, и дури и ако ги користи, вложува малку или воопшто не вложува напор во социјалната комуникација. Како резултат на тоа, му е тешко да се вклучи во игри со деца или други луѓе бидејќи тие го нарушуваат неговиот ритуалистички стил. Детето со аутизам можеби не ги покажува овие симптоми од самиот почеток, но по одреден период на нормален развој почнува да станува рамнодушно и повлечено од социјалните средини или активности.
Од нејасни причини, децата со аутизам покажуваат епилепсија во 20-30 проценти од случаите, особено кога ќе станат полнолетни.
Аутизмот се манифестира уште од најрана возраст, кога родителот ќе забележи дека бебето не се смее, не го следи со поглед, ниту пак покажува интерес или радост кога ќе го види. Подоцна детето долготрајно и стереотипно игра со некој предмет и се повлекува само во некој агол од собата не обидувајќи се да направи каков било емотивен или вербален контакт со неговите блиски и не возвраќа на каков било емоционален одговор.
Се следат абнормалности во моторното однесување, стереотипно и бизарно плескање со рацете, клатење со телото, бесцелни моторни маниризми. Децата се пречувствителни на звук, светлина и допир, често се бунтовни, одбиваат одредена храна, плачат без причина, се лутат, удираат по ѕидови, ја кубат косата и сл. Говорот забележливо доцни и истиот тој е сиромашен и често проследен со грешки со лоша синхронизација и недостиг од вербално возвраќање во текот на конверзација и лоша флексибилност во говорната експресија.

Самоповредувањето и однесувањата како што е прејадувањето (јадење непрехранбени производи) се многу почести кај децата со потежок облик на аутизам.
Агресивно и антисоцијално однесување е исто така присутно кај некои деца со аутизам, но особено кај деца со потежок аутизам (кај лицата со аутизам и се можни и други проблеми, како што е тешка анксиозност). Луѓето со тежок аутизам може да дејствуваат со удирање, гризење или тепање. Тие, исто така, може да имаат однесувања како што се размачкување измет, удирање врата, итн., кои бараат брз и ефективен одговор.
Бегање без очигледна причина и без конкретна дестинација е исто така вообичаено кај лица со тежок аутизам. За разлика од повисоко функционалните поединци, лицата со тежок аутизам немаат алатки за да комуницираат со првите респонденти. Ова, се разбира, може да ја зголеми веројатноста поединецот да заврши во опасна ситуација. Во некои случаи, потребни се специјални брави, аларми и уреди за идентификација за да се обезбеди безбедноста на лице со тежок аутизам.
Затоа и ова растројство се нарекува со терминот ШИРОК СПЕКТАР, не секое дете има идентичен облик и манифестација на растројството, па од тука и произлегува и специфичниот третман за секој поединец одделно. Се работи мултидисциплинарно, во тимови формирани од повеќе професионалци, а понекогаш се третираат и симптоматски и институционално особено потешките форми на аутизам, притоа водејќи грижа за безбедноста на детето, а и за безбедноста на околината и персоналот.

Сметам дека сите сме свесни која е потребата на овие деца, а наедно сакам да бидат свесни и родителите и пошироката јавност дека никој не ги малтретира и врзува со „синџири“ овие деца, како што во јавноста се протолкуваа одредени лажни фотографии. Во степен на импулсивност и агресивност, можна е фиксација со цел зачувување на детето од самоповредување и повреда на друг, со цел негова безбедност.
Треба како општество да се залагаме за отворање специјални центри за овие деца и тоа е легитимно право на секој родител и секој чинител во општеството, но за да се постигне секундарна бенефиција оцрнувајќи професионалци што секојдневно се во контакт со лица од какво било ментално страдание е голема неправда. Доколку нема услови во која било болница, најпрвин нема услови медицинскиот персонал, па потоа пациентите. Пациентите гравитираат во болниците, а медицинскиот персонал е постојано во тие болници и со тие услови.
На крајот целта е иста, подобрување на условите за сите, барање и залагање за правата на секого, но и преземање одговорност без да се вперува прст во друг, и на тој начин да се реализираш.

м-р Адмир Косоврасти

Авторот е специјалист по медицинска психологија