Што ќе се случи ако пропаднат претседателските избори следната година? Македонскиот уставен поредок содржи неколку нагазни мини, од кои убедливо најопасна е проектираната можност за неуспешен втор круг на претседателските избори. Според највисокиот правен акт, претседател на Републиката не е избран доколку во вториот круг на изборите не излезат најмалку 40 отсто од избирачите или доколку е предложен само еден кандидат во првиот круг и тој не освои повеќе од половина од вкупниот број избирачи. Во тој случај постапката за избор на претседател веднаш се повторува „во рок од 40 дена“ од пропаднатите избори, а во меѓувреме претседателот на Собранието ја извршува и функцијата претседател на Републиката, нормално во полн капацитет.
Од каде потекнува оваа чудна одредба во македонскиот устав? Во сите посткомунистички земји премногу се експериментираше при воведувањето на демократијата. Имајќи го предвид долгиот прекин, никаде во Централна, Источна и Југоисточна Европа веќе не постоеше жива врска со предвоените демократии, па уставните правници беа принудени прекуноќ да се „демократизираат“ и „дезидеологизираат“, како и да дизајнираат нови системски решенија. За жал, во дел од земјите беше преголем демократскиот ентузијазам, но преголемо беше и егото на некои самопрогласени уставни стручњаци и „експерти“ за демократизација, па се воведуваа некои „уставни иновации“ за кои подоцна се увиде дека го комплицираат нормалното функционирање на државите, па дури и го загрозуваат политичкиот поредок. Па, така, во нашиот устав влезе и оваа одредба за неопходен одзив. Според сите информации што ги имаме досега, „уставотворците“ биле загрижени за легитимитетот на претседателот, па нормативно пропишале задолжителен одзив од над половина од вкупниот број избирачи во балотажата при вториот круг (намалена на 40 отсто со XXXI амандман на Уставот од 2009 година). Второто толкување, пак, е дека го препишале сличното решение од српскиот устав и од српскиот закон за избор на претседател. Таму, исто така, постоеше одредба за неопходен одзив од 50 отсто од вкупниот број на избирачите во двата круга, што ја турна Србија во тешка уставна криза кога безмалку цели две години, од 2002 до 2004 година, земјата немаше претседател, а дури тројца претседатели на српското собрание се изнаредија како вршители на должноста претседател на републиката.
Во секој случај, другите посткомунистички земји брзо ги решаваа овие нелогични одредби, но во Македонија одредбата остана до ден-денес да виси како Дамоклов меч. Сега отпор кон бришење на цензусот дава ДУИ, затоа што Али Ахмети тука гледа шанса за бришење на демократскиот избор на претседател и за избор на двоглав шеф на државата во Собранието (претседател и потпретседател). Проблем е, нормално, тоа што двоглави чудовишта постојат само во надреалниот свет, па ваквото решение само би го дополнило правото на етничко вето и паритетна Бадинтерова моќ.
Ајде, да разгледаме како би се одвивало сценариото за неуспешни избори. Премиерот Ковачевски и СДСМ инсистираат на одвоени датуми за претседателските избори (март или април) и за парламентарните избори (јуни или јули). Нивната стратегија може да ја наречеме „македонска варијанта на стратегијата на Мило Ѓукановиќ од 2023 година“. Тие сметаат дека опозицијата, било само стожерната ВМРО-ДПМНЕ, било целата обединета опозиција, не може да добие повеќе гласови од збирниот глас на СДСМ, ДУИ и сите други партии на етничките Албанци. Веројатно мислат дека заеднички настап на СДСМ и на ДУИ зад еден кандидат ќе овозможи доволно гласови за овој политичар, или политичарка, да води пред кандидатот на опозицијата веќе по првиот круг (низ кулоарите се спомнува како најверојатен Стево Пендаровски, но кружат имињата и на академикот Абдулменаф Беџети, шефот на дипломатијата Бујар Османи или некогашната лидерка на СДСМ Радмила Шекеринска). Притоа, во нивната анализа тие сметаат на расцепен опозициски глас помеѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и движењето на Максим Димитриевски, како и дека медиумскиот притисок и етничката националистичка мобилизација ќе го притиснат обединетиот блок на опозициските партии на етничките Албанци да се откаже од исфрлање нивни сопствен кандидат. Во вториот круг, според „Мило Ѓукановиќ 2023 стратегијата“, кандидатот на СДСМ и на ДУИ ќе ги мобилизира сите етнички Албанци да излезат и да гласаат за него или за неа, па опозицијата ќе остане со куси ракави, а власта конечно ќе забележи една изборна победа по дебаклот од 2021-та. Понатаму, победата на власта на претседателските избори ќе ја деморализира опозицијата и ќе им го отвори патот за изборна победа и на парламентарните избори.
Што е проблемот со „Мило Ѓукановиќ 2023 стратегијата“? Прво, во Црна Гора ова сценарио не само што не се реализира туку доведе и до целосен дебакл и на Ѓукановиќ и на неговата партија. Тој катастрофално беше поразен од еден нов политичар, кој беше принуден да излезе на избори откако се појавија законски пречки со првично промовираниот кандидат. Поразот на Ѓукановиќ повлече и урушување на гласот на неговата партија. Надежите на Ѓукановиќ за некаков геополитички појас за спасување, исто така, не се материјализираа.
Второ, политиката е динамична дисциплина, па секој потег на едната страна предизвикува соодветен одговор на другата страна. Ако власта се реши на заеднички кандидат за претседател, тогаш и опозицијата можеби ќе одговори со единствен опозициски кандидат (веднаш ми доаѓаат на ум барем три силни личности што би биле прифатливи за сите „рогови во вреќа“ од опозицијата). Друго, имајќи го предвид урушувањето на личниот рејтинг на Али Ахмети по објавените афери, како и растечкиот јаз помеѓу ДУИ и обединетиот албански блок, јас не верувам дека Касами, Гаши и Меџити ќе ја пропуштат шансата да излезат со угледна личност како нивни заеднички кандидат на изборите. И таму ми текнува на повеќе угледни имиња, како од првобитните водачи на албанското движење од некогашната ПДП, така и актуелни ѕвезди од академската заедница, културниот живот или од легитимниот бизнис. Ништо не би го истакнало повеќе духот на времето што доаѓа во албанскиот блок од разликата помеѓу моралниот лик на предложениот кандидат и грдото лице на аздисаната и потрошена власт. Во тој случај може лесно да се добие возбудлива кампања, каде што кандидатот на власт ќе губи веќе по првиот круг на изборите.
Без разлика по кое сценарио ќе се одвива првиот круг на изборите, клучот за успешни претседателски избори е во вториот круг. Доколку се реализира сценариото на СДСМ и на ДУИ и по првиот круг води кандидатот на (здружената) власт ,тогаш може да дојде до разочарување и апатија кај избирачите на опозицијата, а доколку по првиот круг јасно води кандидатот на (обединетата) опозиција, тогаш е можна деморализација на гласачите на власта. Само мал пад на ентузијазмот кај гласачите лесно може да доведе до одзив под 40 отсто и пропаст на изборите.
Потоа се доведуваме до ситуација кога Талат Џафери (ДУИ) е в.д. претседател на Републиката, некој друг од ДУИ е преоден премиер (според коалицискиот договор СДСМ-ДУИ), како и министерот за надворешни работи и министерот за финансии. Деновиве неуспешно ја прелистувам историската и политиколошката литература во обид да најдам пример каде што партија со 11 отсто од гласовите и 12 отсто од пратениците (15/120) имала толкав удел во власта. Не постои никаква теорија што ќе може да ја оправда ваквата концентрација на моќ во една партија, а притоа системот уште да биде нарекуван демократски. Не случајно лично и Али Ахмети бега од ова сценарио, затоа што е свесен за политичките реперкусии од едно вакво стравотно сценарио.
Низ чаршијата се наслушнуваат и некои други „решенија“, па се предлага „консензуален кандидат“, кој би бил предложен од сите. Искрено, имајќи ја предвид длабочината на јазот помеѓу власта и опозицијата, јас не гледам таква личност околу која би се обединила целата македонска политика. Доколку, пак, сепак се постигне некаков консензус, и тоа решение ќе мора да го помине судот на граѓаните, а ним повторно им стои изборот да си останат дома и воопшто да не излезат на гласање доколку не им се допаѓа предложената личност или доколку кампањата не ги убеди во целисходноста на гласањето.
Оттука, обединувањето на изборните датуми и одржување на вториот круг од претседателските избори и на парламентарните избори во ист датум е единствен бајпас за лошото уставно решение од 1991 година. Сѐ друго за Македонија ќе значи огромен чекор во мрачна криза, и тоа во најлош можен момент.
Ивица Боцевски