Таа води во инаугуративната сезона на тркачката серија Ф1-академија, со 48 бода предност на три трки до крајот на сезоната и има цел да стане првата жена возач во Формула 1 по извршната директорка на серијата, Сузи Волф. Исто така, решена е да стигне до врвот и да ги инспирира младите девојки, пишува „Скај спорт“
Возачката на Академијата Према на Формула 1 (Ф1), Марта Гарсија, која води во инаугуративната сезона на тркачката серија за жени со 48 бода предност на три трки до крајот на сезоната, кои треба да се возат во октомври во САД, има цел да стане првата жена возач во Формула 1 по извршната директорка на серијата, Сузи Волф, пишува „Скај спорт“. Ф1-академијата е серија создадена од Ф1 за да го зголеми бројот на таленти на ниво на Формула 4, за да помогне да се дадат можности и да се стави фокус на повеќе млади жени возачи. Гарсија е решена да стигне до врвот и да ги инспирира младите девојки.
– Она што го имам во мојата биографија е „инспирација на жените да се борат за незамисливото“, бидејќи јас сум во машки спорт. Знам колку е тешко за една жена да напредува, па мојата главна работа е да им овозможам на жените да видат дека го правам ова, а мислам дека можете да го направите истото, треба да работите, да се фокусирате и само да го направите тоа – рече Гарсија, пренесе „Скај спорт“.
Гарсија ја почна кариерата на картинг-патеката како единствена девојка, но нејзината волја за победа ја однесе на врвот на подиумите, вклучувајќи го и оној на „Трофео де индустрие“, претходно освојуван од Фернандо Алонсо, Луис Хамилтон и од Себастијан Фетел и трофејот на Академијата ФИА, меѓународен картинг-натпревар на ФИА што Чарлс Леклер го освоил четири години претходно. Гарсија оттогаш победи во серијата за жени пред да почне да се трка во Ф1-академијата, доминирајќи сезонава со четири пол-позиции, шест победи и 10 подиуми на 18 трки. Накратко, Гарсија има талент и брзина да се искачи на скалата на мотоспортот. Но таа е на иста возраст како Ландо Норис, но, сепак, три скалила под највисокото ниво, до кое Британецот стигна во 2019 година, пишува „Скај спорт“.
– Тоа е исто како момците кога почнуваат со картинг или со едносед, ви требаат пари и економска поддршка. Недостигот од економска поддршка е главната причина зошто не успеав да стигнам до Ф3. Ако ги имав тие пари, тогаш можеби ќе бев во можност, бидејќи ако имаш пари, тогаш можеш да се тркаш. Се разбира, кога немате пари и немате искуство, ви недостига искуство во споредба со момците. Некои од нив можат да имаат многу тренинзи, многу тестирања, многу километри со болидот. Кога се обидував да најдам спонзори беше малку потешко, исто така, затоа што тие навистина не гледаа жена што се трка како инвестиција во иднина. Но мислам дека за спонзор во моментов е интересно да се спонзорира жена во мотоспортот и во другите спортови. На крајот на денот треба да бидете добри, треба да имате талент, но потребна ви е поддршка за да можете да го покажете тоа – вели Гарсија, која се занимава со сопствен бизнис, пишува Скај спорт“.
Гарсија вели дека нејзиниот следен чекор, доколку стане шампионка, може да го дефинира успехот на Ф1-академијата како серија.
– Во моментов, начинот на кој се прави Ф1-академијата е младите жени возачи да стигнат до други категории како Ф3 или Ф2. Мислам дека тоа е добра основа за да се изградите како тркач, со врвни тимови како Према. Но, за мене, мислам дека тие веќе прават навистина добра работа. Очигледно трките засега не се емитувани од различни причини, но мислам дека имаат многу идеи за следните години. Нема да се тркам тука во случај да го освојам шампионатот затоа што сакам да одам на уште еден чекор, како Ф3. Целата идеја на Ф1-академијата е да им даде повеќе искуство на младите жени возачи – рече 23-годишната девојка.
За тоа дали била во дискусии за Ф3 в година по нејзината ѕвездена сезона на Ф1-академијата, таа вели дека е фокусирана само на обезбедување на титулата.
– Можеби треба да почекаме, бидејќи, искрено, во моментов јас сум прва во првенството, но не сум шампионка. Но ако сте во нов шампионат што го одржува Ф1, сигурна сум дека таму би можеле да добиете каква било можност – вели таа.
Гарсија почнала со картинг кога присуствувала на летен картинг-камп на деветгодишна возраст.
– Бевме јас и сестра ми, татко ми секогаш го сакаше мотоспортот, ја сакаше Ф1 и гледаше многу трки. Еден ден отидовме на тркачката патека и брзината и возењето навистина ми се допаднаа. Видовме картинг на патеката и ни рекоа дека во лето две недели има камп, а сакав да го направам тоа. Имаше седум момци и јас бев единствената девојка и бев најконкурентна. Ме поканија да се тркам. На татко ми навистина му се допадна тоа, а ако татко ми не притискаше малку за да се вклучам во спортот, немаше да бидам таму каде што сум денес – рече Гарсија.
Таа ја нагласува важноста родителите да ги охрабруваат своите ќерки и покрај недостигот од женски возачи во Ф1.
– Кога се тркав, во Ф1 не можевте да видите ниту една жена возач, но не можете да видите ниту денес. Но мислам дека со Ф1-академијата, како дел од Ф1, ни дава поголема видливост, многу млади девојки го гледаат ова. По сѐ што поминав, мојата цел е да стигнам во Ф1 во одреден момент. Ќе се обидам да стигнам до Ф3, а потоа и Ф2. Треба да најдам спонзори, ми треба добра подготовка, сѐ треба да биде на место, треба да бидам целосно фокусирана, но подготвена сум да го направам тоа, да најдам луѓе што ќе ми помогнат, кои сакаат да бидат на ова патување, а тоа е мојата крајна цел – рече таа. Н.М.