Имануел Мифсуд, писател од Малта

Имануел Мифсуд (Малта, 1967) е една од водечките фигури на малтешката книжевна генерација по 1990-тите години. Неговиот роман „Во името на таткото (и на синот)“ беше награден од Европската Унија и преведен на единаесет јазици. Неговите романи, раскази и стихозбирки, исто така, се преведени на многу јазици. Покрај прозата и поезијата, Мифсуд е автор и на две книги за деца. Во 2014 година, на Мифсуд му беше доделен „Орден за заслуги“ од Република Малта како признание од државата за неговите книжевни потфати. Мифсуд докторирал книжевност на Универзитетот во Малта, каде што предава современа литература и теорија на книжевноста. Македонската публика ќе има можност да го види на претстојниот „Скопски поетски фестивал“, кој ќе се одржува на 27 и 28 септември.

Дали е мудро да се трча само за да се зачуваат нештата од исчезнување? Може ли така да заборавиме на други важни работи што ќе исчезнат додека трчаме?
– Трчаме од многу други причини, освен за да се обидеме да го одбегнеме исчезнувањето на нештата. Како и да е, сѐ е судбински предодредено, порано или подоцна да исчезне; во некои ситуации, најпрвин ние би исчезнале. А може да одбереме да трчаме и за да нѐ снема. Постојано се чувствувам како да бегам од дома, од мојата земја, од тоа каде што сум во моментот, затоа што секогаш верувам дека животот е на некое друго место. И да, би можел да се согласам дека во нашата потреба итно да трчаме може да не забележиме некои работи што се важни. Ајде да си признаеме, ние сме многу ограничени како вид и не можеме да забележиме сѐ. Згора на тоа, нашите приоритети се менуваат со времето. И сега, додека го кажувам сето ова, постојано се прашувам дали е возможно да се трча, и покрај потребата и желбата што може да ја имаме.
Ако сѐ околу се движи побрзо од нас, тогаш во основа она кон кое трчаме и ние остануваме на истото место.
Што е човекот без темнината?
– Веројатно, бедно и несреќно суштество. Мракот, според многу митологии, е првото нешто што постоело. Тоа е изворот, потеклото. Светлината доаѓа многу подоцна. Колку повеќе светлина создаваме, благодарение на електричната енергија, толку повеќе го забораваме нашето потекло. Колку помалку има темнина, толку помалку може да го разбереме она што нѐ опкружува. Живеам во место со толку многу светлинско загадување (да не ги споменувам другите видови загадувања), што заборавам како изгледаат ѕвездите на небото. Потребно е да патуваме за да ги забележиме. Можно е и да ни се изгубило вистинското значење на ноќта, бидејќи таа е осветлена и значи помалку тишина. Многу од нас одат на спиење со вклучени паметни телефони, со пораки што непрекинато доаѓаат (од кои повеќето се бескорисни). Дали се сеќавате на времето кога имавме обичај да прашаме „дали си онлајн?“ или, пак, „кога ќе бидеш онлајн?“ Тие прашања не ги поставуваме затоа што сега се веќе бесмислени. Луѓето работат ноќе; животот што би требало да го живеат преку ден, го живеат ноќе. Луѓето веќе не гледаат темнина. Пред некои шест недели имаше прекини на струјата, на ниво на целата држава. Некои од нив траеја и повеќе од 30 часа. Луѓето полудеа. Имавме ужасни топлински бранови – климите и вентилаторите не работат без струја. Многумина фрлаа храна зашто фрижидерите не ладеа. Повеќето се жалевме на жештините, што е разбирливо, но никој не забележа дека за време на тие неколку ноќи можевме да ја кренеме главата и да го видиме небото.
„Само тогаш може да ја свртиш главата и да почувствуваш олеснување – нема ништо освен синило кога ќе погледнеш преку рамо“. Колку е олеснувачки кога човек би можел со леснотија да го остави зад себе својот живот?
– Зависи што се подразбира кога се вели „да се остави животот зад себе“. И покрај мојот нагон да „трчам“, не сакам да го оставам животот зад себе. Само сакам нешто поинакво, нешто ново. Сепак, останав онаму каде што бев, затоа што контрадикторноста е дел од карактерот на некои луѓе. Дозволено ни е да си противречиме себеси. И го правиме тоа, барем јас го правам, зашто тоа што имаме едно тело не значи дека имаме и една личност. Јас сум многу луѓе, мала толпа, иако не сум сигурен дека е соодветна метафора зборот „толпа“ да означува број на истомисленици. Јас сум ние. Она што ослободува е што си успеал да избегаш, макар и привремено, и си ја оставил старата пештера зад себе. Но потоа, повторно мораш да бегаш. Секогаш мислам на градовите што не ги имам посетено, а продолжувам да ги посетувам оние што веќе сум ги посетил. Ова е моја четврта посета на Скопје. Од една страна, се враќам на место на кое сум бил, со што го правам веќе свое, а од друга страна, едвај чекам да се вратам, истата возбуда како да одам првпат.
И продолжувам да мислам на непознатиот град, на градот што веќе сум го изградил, а не сум го посетил. Сфатив дека многу долго време мислам на овој град. Не прашувајте ме каде е, не знам. И не сум сигурен дека некогаш ќе го посетам. Нешто ми кажува дека нема да успеам. Меѓутоа, не го гледам само градот, ги гледам и неговите жители. Секојпат кога пробувам да избегам од мојот секојдневен живот ја барам таа личност, која сакам да ја запознаам сиот мој живот. Понекогаш мислам дека сум ја запознал, но ќе увидам дека сум згрешил и дека таа личност не е жител на мојот град.
Многу добро сте ѝ познат на светската, но и на македонската публика. Колку е важно еден автор да „излезе“ надвор од границите на својата држава?
– Мислам дека веќе одговорив на прашањето. Но би сакал да додадам нешто. Имаме обичај на авторите да гледаме како на посебна, но истовремено и хомогена група. Тие не се тоа. Сите писатели не се како Бајрон или како Хемингвеј. Некои никогаш не го напуштаат својот град, некои никогаш не го напуштаат домот во кој живеат. Некои постојано се пијани, други пијат само кафе и вода. Не постои група наречена „писатели“, заедничко за сите е што пишуваат, барем во некој период од животот. Живеам на остров, а што е уште полошо, живеам на мал остров. Оние што живеат во големи држави имаат тенденција да го романтизираат животот на остров. Верувајте ми, далеку е од романтично. Многу е лесно да бидеш затворен за светот кога си островјанин. Чувствувам како малечкоста на Малта ме задушува. Не можам да отидам никаде без да сретнам некој што ме познава. Многу задушувачки. Ни недостига простор. Иронично, ама ретко го напуштам домот, освен кога треба да одам на универзитетот. Ја сакам интимноста на мојот стан, особено на мојата работна соба. Овие денови особено ме иритира менталната нефлексибилност, провинцијалност што се појавила поради островската географија, но исто така и поради политичката и религиозната традиција.
Какви се вашите очекувања од Скопје и од „Скопскиот поетски фестивал“?
– Имам големи очекувања. Добро е да се вратиш некаде по четврти пат. Исто така, одлично е што ќе се промовира и мојата трета книга преведена на македонски јазик. Ова е прв фестивал што ќе го посетам откако се појави ковид-19. Нов почеток е, сигурен сум дека ќе биде забавно.