Денеска, драги деца, ексклузивно на страниците на „Колибри“ објавуваме песни од најновата книга на писателот Васил Мукаетов, која е во подготовка, но наскоро ќе биде отпечатенаи ќе се најде во вашите раце. Песните се за природните убавини на Македонија и за нејзините историски споменици, кои сигурно сте имале можност да ги видите и да ги посетите за време на училишните екскурзии

Бигорски

Фото: Википедија на македонски

Над зелената Радика,
сосед на Поречијата
е Мијачијата.
По Кораб и Бистра,
распостелени,
корија до корија
зелени.
Бигорски,
огледало на татковината.
Камен до камен во височината.
Прегрнат од буковото зеленило
манастир,
дело – кој наминал го пленило.
Тајфите од Галичник, од Ocoj,
зографи и резбари
чуда направиле,
во овој волшебен спокој.
Раскошни конаци,
фрески, копаници.
Културни везови,
Видени и надвор
Од нашиве граници.
Брзаците на бистрата
Радика оддолу се слушаат,
брануваат, потсетуваат:
– Времето не чека.
Зад Бигорски веќе цели десет века.

Стоби и Хераклеја

Овде се сведочи
за поминати векови.
За византиски,
за антички светови.
Тие што ќе прошетаат околу Битола и Велес,
траги од цивилизацијата
ќе видат и денес.
Водичите ќе ни кажат
аргументирано.
И овде се живеело цивилизирано.
Откриена
и театарска арена.
И денес претстави на летна сцена.
Ова се музеи на отворено.
што ќе праша дете, се одговорено.

Радика

Со патека изитрена
секогаш избистрена.
Од Бистра извира,
каде не се провира.
Под сенките Бигорски,
под Крчин, Жировница,
мијачка сликовница.
За да помине гост е
ве му Камен мост.
И денес стои исправено,
тој „Еленскиот скок“.
Име назаборавено.
По водите студени разиграни риби, дојди и види.
По пастрмка младика,
повели на Радика.

Матка

Треска кај поминала
кањон чудесен
издлабила, се прославила.
Горе карпи
како со нож пресечени,
напнале кон височините.
Долу, зелено езеро.
Води студени, во длабочините.
Запленети брзаци
водени патеки
за натпреварувачите.
Еве ги и светските мајстори
на кајаците.
Тука се и нашите, меѓу прваците.
По кајакарите и планинарите
врвни спортисти-алпинисти.
јажиња, клинови храброст
и вештина.
Метар по метар,
карпата освоена. Вистина.
Овде и пештерите
со убавини ретки
и длабочини светски.
Беа тимови спелеолози,
влегоа во светски каталози.
Порака кратка: – Секој гостин
добредојден е на Матка.
Тука е. На дофат.
Со двокатната седмица
Матка ти е дел
од скопската разгледница.

Во Скопје Акведукт

Ќе прашаш ќе ти кажат
историјата не се променила.
Местото и денес Скупи се именува.
Пред векови маки нескриени,
немале за пиење, за миење…
За вода заглавиле,
еве што направиле:
За да jа донесат до куќите,
до домовите
се угледале – на мостовите.
И во времињата римски
работеле тимски.
Водата фатена од изворите,
по коритцата издлабени,
по должината на мостовите,
на метри по метри,
премостувале километри.
Името на мостот?
Просто.
Аква – за водата име латинско.
И на водениот мост име вистинско.
– Овој градежен продукт
и денес се вика Аквадукт.