Oсновното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои сомнение дека сторил две кривични дела – Убиство од член 123 од Кривичниот законик.
Како што соопшти попладнево Јавното обвинителство, осомничениот 69-годишник вчера со умисла ги лишил од живот сопствениот брат и неговата сопруга, со кои живееле во иста семејна куќа со различни влезови. Кога ги забележал оштетените како се паркираат со нивното возило пред дворот на куќата, наведува ЈО, осомничениот излегол во дворот, држејќи ја во рацете приватната тужба поднесена против него од починатите за кривично дело – Оштетување туѓи предмети.
-Двајцата браќа имале нарушени меѓусебни односи и не разговарале повеќе од 40 години, но починатите тужбата ја поднеле неодамна, бидејќи осомничениот, ставајќи олуци на куќата, скршил плочки и ја оштетил оградата од нивната тераса. Кога им забележал за поднесената тужба, тие не сакале да разговараат со него, па осомничениот влегол дома и го зел пиштолот марка „Црвена застава“, со калибар 7,62 милиметри, кој го поседувал со дозвола. Потоа испукал повеќе куршуми кон братот и снаата, кои од здобиените повреди тие починале на самото место – стои во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.