„Скриените давачки“ треба да се сведат на минимум по сите основи, особено за посреднички тарифи, како при заверување така и при извршување. Во никој случај нивната цел не треба да биде фискална и треба да се укинат побрзо секаде каде што е можно
Кои се скриените давачки што предизвикуваат вонреден финансиски и административен тoвар
Комунални и образовни такси, давачки за издавање одредени дозволи, концесии, лиценци, акредитации, полагање стручни испити се меѓу многубројните парафискални давачки што компаниите ги сметаат за најголем трошок, но наедно истите тие претставуваат и сериозен административен товар и пречка за бизнисот. Според анализите на Стопанската комора на С. Македонија, направени пред неколку години, а се следат низ годиниве, парафискалните давачки секоја година ја подјадуваат македонската економија за 400 милиони евра, додавајќи дека, според состојбите, овие давачки никако не се намалуваат, туку само се зголемуваат.
Претседателот на Стопанската комора на С. Македонија во својата последна колумна посочува дека за да мoже да има развој на бизнисот и приватниот сектор да биде стожер на економскиот раст, едно од барањата на комората е да се определи рок за да се елиминираат парафискалните давачки.
Оттаму велат дека е неопходно создавање предвидлив и едноставен систем на неданочни и парафискални давачки, со цел да се обезбеди чувство кај бизнисот и граѓаните дека добиваат дополнителни права, услуги и стоки од јавниот сектор за цената што ја плаќаат, односно чувство дека истите тие имаат придобивки што се пропорционални со финансискиот товар од давачките што ги плаќаат.
– За да се случи истото, неопходна е подготвеност од страна на надлежните органи и администрацијата, најнапред да разберат дека „скриените“ трошоци влијаат на бизнисот и на неговата конкурентност, а понатаму подготвеност да пристапи кон сериозни анализи и измени на постојниот систем – посочуваат од СКСМ.
Според институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, парафискалните давачки и понатаму претставуваат умерено голем товар за бизнис-секторот, каде што микро и малите компании го чувствуваат овој товар посилно, велејќи дека рационализирањето на низата парафискални давачки прогресира бавно и ова е една од важните пречки за постоење функционална пазарна економија.
– Парафискалните давачки се релативно голем товар за компаниите, но, покрај финансискиот товар, тие предизвикуваат потреба за дополнително ангажирани ресурси за администрирање, следење на измените и за корекција на потенцијални грешки при аплицирање и користење на услугата. Резултатите покажуваат дека административната оптовареност е многу поголема во однос на финансискиот товар. Од аспект на транспарентноста, сè уште доминира фокусот на транспарентноста на расходната страна на буџетот, додека, генерално, се игнорира транспарентноста во поглед на приходната страна, каде што се парафискалните давачки – велат од институтот.
Бројот на парафискални давачки регистрирани од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е зголемен во 2022 година, како за правни лица (повеќе од 39) така и за правни и физички лица (повеќе од 66). За три години бројот на неданочни плаќања и парафискални давачки е зголемен за 18,5 отсто само за правните лица и за 25,7 отсто за правните и за физичките лица. Истражувањето на „Фајненс тинк“ покажа дека 95 отсто од неданочните плаќања и парафискални давачки се меѓу 50 денари и 61.700 денари, иако има и такви што во просек изнесуваа и над 200 илјади денари (кај Агенцијата за цивилен воздушен сообраќај), па сѐ до над 591 илјада денари кај Министерството за финансии.
– Потребно е рационализирање на парафискалните давачки како краткорочен приоритет преку намалување на бројот, внимателност и оправданост при воведување нови давачки, спојување на давачките со иста цел и целосно напуштање на практиката на двојна наплата за иста услуга. Воспоставување државен регистар на такси и парафискални давачки – сметаат од „Фајненс тинк“.
Според нив, она што треба да следува е процесот на оптимизација, кој е во рана фаза и истиот тој треба да опфати неколку форми: освен кратење на парафискалните давачки како најпопуларна форма постојат и други форми каде што може да се зголеми контрауслугата што ќе ја добијат компаниите за она што го плаќаат, но исто така може да имаме спојување на парафискалните давачки или да се зголеми наменското трошење на средства, како што е, на пример, за еколошките дозволи, па намената на средствата платени за еколошките дозволи, на пример, или градежни дозволи да биде за таа цел – за уредување на градежното земјиште или за подобрување на екологијата.
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, нагласува дека парафискалните давачки не се товар само при кризи туку и во нормални времиња, бидејќи ретко може да се калкулираат и проценат навремено. Тие не се транспарентни и најчесто се создаваат со периферни нормативни решенија.
– Парафискалните давачки треба да се сведат на минимум по сите основи, особено за посреднички тарифи, како при заверување така и при извршување. Во никој случај нивната цел не треба да биде фискална и треба да се укинат побрзо секаде каде што е можно – вели Беџети.
Според него, давачки не се само фискален товар туку се и пречки за ефикасна администрација, а често и извор на корупција. Бирократијата во институциите ги користи нив за таканаречени сопствени приходи и најчесто не се алоцирани.
– Овие давачки ја спречуваат ефикасноста и поттикнуваат пречки во развојот на компаниите, а дефинитивно претставуваат посебен финансиски товар кај малите и микробизнисите и не само за ликвидноста – истакна Беџети.