Фото/Илустрација: Пиксабеј

Енергетика

Германија во следните пет години ќе вложи повеќе од милијарда евра во истражување на фузијата за да се искористи за производство на енергија, изјави министерката за образование и истражувања Бетина Старк-Вацингер.
– Фузијата ни дава голема можност да ги решиме сите свои енергетски проблеми. Повеќе не се поставува прашањето дали ќе се влезе во примената, туку сака ли Германија да учествува во тој процес – додава таа.

За овие истражувања ќе бидат наменети 370 милиони евра за работата на три поважни институти за физика во Германија до 2028 година. Целта е да се создаде „фузиски екосистем со индустријата“, за да може Германија што порано да добие фузиска електроцентрала. Во документот од германското министерство, кој е објавен во јули, се истакнуваат сѐ поголемата побарувачка за енергија и паралелната транзиција на обновливи извори.
– Факт е дека ни требаат сигурни, ценовно прифатливи извори на енергија со неутрална емисија на јаглерод диоксид, кој ќе обезбеди минимално количество енергија во мрежата – вели Старк-Вацингер.

Од теоријата е познато дека фузиските електроцентрали треба да произведуваат големи количества енергија без негативно влијание на климата.