Во пресрет на „ПРО-ЗА Балкан“

Aгент на А.Ц.Е.Р., најстарата книжевна агенција во Шпанија, и директорката за меѓународна продажба и извоз на италијанскиот гигант „Саси едиторе“, заедно со уште петмина издавачи од Европа, ќе бидат дел од програмата на јубилејното десетто издание на програмата „Скопје фелоушип“ на претстојниот интернационален фестивал на литературата „ПРО-ЗА Балкан“, кој ќе се одржи од 17 до 20 септември во Скопје.

Роберто Домингез Моро од А.Ц.Е.Р. веќе 15 години работи со меѓународни книги од сите жанрови, околу нивниот превод на шпански и португалски јазик, и редовно присуствува на саемите на книги во Лондон и во Франкфурт. Марија Анџела Ферари е директорка за меѓународна продажба на „Саси едиторе“ од 2018 година и искусна менаџерка за купување и продажба на авторски права, со 19-годишно искуство во издаваштвото, специјализирана за странски права.
– Наша ценета гостинка ќе биде и Ника Мушич, уредничка во словенечката издавачка куќа „КУД Содобност“, каде што уредува преведена белетристика и литературни критики на литература за деца за најстарото словенечко книжевно списание „Содобност“. Учесници во оваа програма се и: Орели Бонту-Рош, менаџер за преводи за француската издавачка група „Либела“, Мауро Спањол од агенцијата „Букс евривер“ со седиште во Лондон, Јерг Зундермајер, основач на германската „Фербрехер ферлаг“, и Андреа Џентиле, писател и редакциски директор на италијанската „Ил саџаторе“. Сите учесници на програмата „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи и други домашни издавачки куќи – велат организаторите.

Орели Бонту-Рош е менаџерка за преводи за француската издавачка група „Либела“ и работи во издаваштво речиси 20 години. Полна со страст за литература, превод, јазици и патувања, таа го поминува своето време помеѓу Париз и Брисел. Мауро Спањол е Италијанец, живее во Лондон. Во издаваштвото работи од 2001 година, прво во „Кватро паблишинг“, а потоа во „Мајкл О’Мара букс“. Во 2020 година отвора своја агенција наречена „Букс евривер“, која ги претставува европските издавачи со нивниот уникатен стил, содржина и пристап. Јерг Зундермајер ја води „Фербрехер ферлаг“ заедно со Кристине Листау и пишува за повеќе весници и списанија. Негови најнови книги се „Ди зоненале“ (2016) и „11 берлински гробишта што мора да ги видите пред да умрете“ (2017). Зундермајер е член на одборот на ПЕН Берлин. Ника Мушич е проектна асистентка и координаторка во областа на читачката култура и промовирањето на читањето, но и литературна критичарка, коректорка и уредничка. Досега има соработувано со различни словенечки издавачки куќи. Андреа Џентиле е писател и редакциски директор на „Ил саџаторе“ од 2014 година. Дел од неговите книги се: „И виви е и морти“ во издание на „Минимум факс“ од 2018 година и „Апарициони“ во издание на „Нотетемпо“ од 2020 година.

Програмата е посветенa на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути. Фестивалот меѓу првите во регионот воспостави програма посветена на овој профил на гости и продолжува со несмален интензитет.
– Целта на програмата е важните имиња од познатите фестивали и од светот на издаваштвото да ги запознаеме со нашата книжевна сцена, од што, се надеваме, ќе произлезат нови преводи, гостување на писатели од странство, промоција на литературата, вмрежување на писателите и културните работници од сферата на издаваштвото и книжевноста со колегите од Европа и светот – велат организаторите. В.Д.