Мирослав Клосе - Фото: ЕПА

Живеев според вредностите затоа што многу млади луѓе гледаат. Тоа го правев нормално. Освоив награди за ферплеј, но тоа е само мојата природа, мојот карактер. Ова сум јас и не чувствувам потреба да го кријам вистинското јас. Можеби имам поинакво разбирање за терминот „фудбалска ѕвезда“. Ако шутнам неколку топки по тренинг, сосема е нормално да ги соберам потоа, вели Клосе, голгетерот рекордер на светските првенства, кој минатата недела ја доби претседателската награда на УЕФА за годинава

Мирослав Клосе е најдобар стрелец во Германија на сите времиња, го држи рекордот за голови на светските првенства, а во кариерата играше за Кајзерслаутерн, Вердер, Баерн и за Лацио во текот на славната 17-годишна играчка кариера. Уште повеќе, сето тоа го направи во свој стил, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА), претставувајќи го Клосе, кој ја доби претседателската награда на УЕФА за годинава.
– Живеев според вредностите затоа што многу млади луѓе гледаат. Тоа го правев нормално. Освоив награди за ферплеј, но тоа е само мојата природа, мојот карактер. Ова сум јас и не чувствувам потреба да го кријам вистинското јас. Можеби имам поинакво разбирање за терминот „фудбалска ѕвезда“. Ако шутнам неколку топки по тренинг, сосема е нормално да ги соберам потоа. Тимскиот успех беше и стои над сѐ за мене. Постигнувањето голови и риболовот се споредливи. Во двата случаја мора да имате трпение и да го чекате вистинскиот момент за да ја комбинирате моќта со најголемата извонредност – вели Клосе, пренесе УЕФА.

Роден во Полска, Клосе пристигна во Германија на осумгодишна возраст и ги смени книгите за рекорди, пишува УЕФА. Тој постигна гол на своите први два настапа во 2001 година за Германија, забележа три хет-трика во следната година и до 2014 година го надмина Герд Милер како најдобар стрелец на репрезентацијата, со 71 гол зад неговото име, откако ѝ помогна на селекцијата да ја освои четвртата светска титула на Мундијалот во Бразил во 2014 година.
– Клосе е меѓународна ѕвезда. Тој е еден од најголемите напаѓачи досега – рече Јоаким Лев, поранешен селектор на Германија.

Особено се споменува последниот меѓународен гол на Клосе, кој дојде во победата со 7-1 над домаќинот на Светското првенство во 2014 година, Бразил, во полуфиналето, со што неговиот рекорд е ненадминати 16 гола на светските шампионати. Клосе постигнуваше голови на четири мундијали (тој настапи и на три европски првенства). Неговиот последен меч за Германија беше во мечот за титулата пет дена подоцна.
– Лотар Матеус и Штефен Ефенберг имаа посилен говор на телото од Мирослав, кој беше премногу скромен. Тој никогаш не глумеше тврдо момче, тој секогаш беше мирен и скромен. Тој мирно одеше по својот пат. Дури и кога беше млад, тој беше многу умен. Неговата сигурност при додавањето и совршените удари со глава беа инспиративни – вели Ото Рехагел, првиот тренер на Клосе во Кајзерслаутерн, пренесе УЕФА.

Многу од головите на Клосе беа прославени на вообичаен начин, со салтото што му го донесе прекарот Салто-Клосе.
– Миро отсекогаш бил многу решителен човек, многу паметен. Никогаш не одел со главата низ ѕид, секогаш можел да ја чита играта, ги гледал просторите и бил умен со неговото движење – вели Томас Милер, тимски колега на Клосе од Германија и од Баерн.

Клосе секогаш беше поефикасен на меѓународно ниво отколку на клупско ниво, но, сепак, освои две двојни круни (првенства и куп) со Баерн и Купот на Италија за време на петте сезони во Лацио на крајот од неговата играчка кариера, пишува УЕФА.
– Клосе е исклучителен талент. Тој има сѐ што бара врвен напаѓач – вели Јирген Клинсман, поранешен селектор на Германија.

СТАТИСТИКАТА НА МИРОСЛАВ КЛОСЕ
– 137 меча, 71 гол за Германија
– 93 натпревари, 31 гол во европските купови
– 575 настапи, 227 гола во домашни натпреварувања
УЧИНОК НА СП
СП 2002: 5 гола (7 меча)
СП 2006: 5 гола (4)
СП 2010: 4 гола (5)
СП 2014: 2 гола (5)