Државен удар во Габон, земја во француската сфера на влијание
Подготвил: Mарјан Велевски
Група високи воени офицери во Габон во средата изутрина преку националната телевизија објавија дека армијата ја презела власта, откако изборното тело на земјата објави дека претседателот Али Бонго освоил трет мандат. Генералите рекоа дека зборуваат од името на сите безбедносни и одбранбени сили во централноафриканската држава. Најавија дека резултатите од изборите се поништени, сите граници се затворени до дополнително известување и распуштени се државните институции.
Илјадници жители на Габон излегоа на улиците по пучот, атмосферата, според многумина медиумски известувачи, „наликуваше на празнична“. Во главниот град Либревил можеа да се слушнат звуци на истрели.
– Од името на народот на Габон решивме да го браниме мирот со ставање крај на сегашниот режим – изјавија генералите. Додека еден офицер ја читаше заедничката изјава, десетина други во воени униформи и беретки тивко стоеја околу него. Војниците се претставија како членови на Комитетот за транзиција и обнова на институциите. Државните институции што ги прогласија за распуштени се: Владата, Сенатот, народното собрание, Уставниот суд и Изборната комисија.
По саботните претседателски и парламентарни избори, досегашниот претседател на Габон, Али Бонго, се обиде да го продолжи 56-годишното владеење. Но мнозинството граѓани, кои основано се сомневаа за изборни манипулации, обезбедија промени во земјата на друг начин, бидејќи „демократијата повторно била изманипулирана“.
Шеесет и четиригодишниот Бонго, кој го наследи својот татко Омар на претседателската функција во 2019 година, се кандидира за нов мандат против 18 предизвикувачи, од кои шест го поддржаа заедничкиот кандидат, поранешниот министер и универзитетски професор Алберт Онда Оса. Седиштето на Бонг ги отфрла тврдењата за изборна измама.
Недостигот од меѓународни набљудувачи, суспензијата на странските ТВ-програми и одлуката на властите да ги намалат услугите на интернет и да воведат полициски час низ целата земја по изборите предизвикаа загриженост за транспарентноста на изборниот процес. Од Владата на земјата-членка на ОПЕК нема коментар.
Превратот, доколку биде успешен, ќе биде осми пуч во Западна и во Централна Африка од 2020 година. Пресвртите во Мали, Гвинеја, Буркина Фасо, Чад и Нигер ги поткопаа демократските процеси во изминатите неколку години. Армијата ја презеде власта во Нигер минатиот месец, дестабилизирајќи го регионот Сахел, и ги вовлече светските сили во ситуација кога нивните стратегиски интереси се загрозени.
За Габон треба да се знае дека земјата е богата со нафта и какао, но погодена е од сиромаштија.
Воените лидери се појавија на националната телевизија во Габон, тврдејќи дека ја презеле контролата врз земјата – соборувајќи го претседателот Али Бонго, кој штотуку победи на третите лидерски избори, одржани на 26 август 2023 година. Дванаесетте војници што се појавија во телевизискиот пренос, нарекувајќи се себеси членови на Комитетот за транзиција и обнова на институциите, рекоа дека ги поништуваат резултатите од изборите и ги распуштаат сите институции во републиката.
Бонго беше на власт од 2009 година, по смртта на неговиот татко, кој беше претседател од 1967 година. Двете негови претходни победи, во 2009 и во 2016 година, се оспоруваат бидејќи неговите противници ги сметаат за лажни. Семејството Бонго владее со земјата-членка на ОПЕК, која е богата со нафта и манган минерал во трагови од суштинско значење за здравјето на луѓето, повеќе од половина век.
Габон се стекна со независност од Франција во 1960 година и претрпе неколку преврати и обиди за пуч, а последниот неуспешен обид се случи во 2019 година, додека Бонго беше на медицински третман во Мароко поради мозочен удар.