Фото: ЕПА

ЗАВРШИ 19. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА

Американскиот спринтер го заврши шампионатот со три победи – Дуплантис супериорен, но без светски рекорд во скок со стап. Единствената македонска учесничка Адријана Поп Арсова се откажа на 22-от километар од маратонот

Зоран Михајлов,
специјално од Будимпешта за „Нова Македонија“

Американскиот спринтер Ноа Лајлс (26) е најуспешниот атлетичар на 19. Светско првенство (СП) што се одржа во Будимпешта, Унгарија. Тој беше доминантен во спринтот, во кој освои три златни медали, на 100, 200 и на 4х100 метри. Ова беше очекувано, оти во последнава година Лајлс беше главна спринтерска ѕвезда и насекаде, особено во трките за Дијамантската лига, ги победуваше ривалите. Во една таква ситуација, кога на секоја трка ја покажуваше својата супериорност, нормално беше тој тренд да продолжи и на ова СП. Лајлс ги оставаше зад себе другите спринтери и го заврши СП во стилот на Усеин Болт. Неговите настапи беа следени со голема возбуда, а во текот на трката гледачите беа на нозе во очекување на негова победа. Нема сомнение дека новата американска ѕвезда, која ги засени своите сонародници Колеман и Кирли, уште долго ќе господари на спринтерската сцена.
Шведскиот скокач со стап и актуелен светски рекордер, Арманд Дуплантис, не успеа да го урне сопствениот рекорд. Тој го освои златото со прескокнати 6,10 метри, но во трите обиди потоа, откако остана сам во арената, не успеа да ја прелета височината од 6,23 метри. Иако без рекорд, Дуплантис со својот настап им приреди големо задоволство на гледачите. Втор во оваа атрактивна дисциплина беше Ернест Џон Обиена од Филипини, кој скокна 6,00 метри, а трет со 5,95 метри заврши Кертис Маршал од Австралија.

АФРИКАНЦИТЕ НЕПРИКОСНОВЕНИ ВО МАРАТОНОТ

Во маратонските трки ништо ново. И во машка и во женска конкуренција доминираа Африканците. Во женската трка на 42 км и 195 метри прва беше Амане Берисо Шанкуле од Етиопија, со време 2:24,23 часа, втора нејзината сонародничка Готитом Гебресласе, а трета Фатима Гардади од Мароко. Во оваа трка учествуваше и единствената македонска претставничка на ова СП, Адријана Поп Арсова, која се откажа на 22-от км поради дехидрирање на организмот.

– Откако видов голема премаленост кај неа, знаев што се случува и морав да интервенирам и да ја повлечам од трката. Времето беше топло, температурата висока, а сето тоа можеше да предизвика здравствени проблеми. За да не ризикуваме, се решив на еден ваков чекор – ни изјави нејзиниот тренер Драган Петровски.
Во машката маратонска трка прв низ целта мина Виктор Кимплангат од Уганда, за 2:08,53 часа. Така, тој по десет години го повтори успехот на сонародникот Стефан Кипротич и стана вториот маратонец од Уганда што се закити со злато. Второто место го освои Мару Тефери од Израел (2:09,12), а третото Леул Гебресиласе од Етиопија (2:09,19). Во најсестраната машка дисциплина – десетобојот, Канада забележа двојна победа. Прв беше Пиерс Лепаж со 8.909 бода, кој триумфира пред поранешниот светски првак Демиан Воринер со 8.804 бода, а трет беше Линдон Виктор од Гренада со 8.756 бода.

Светската рекордерка во трискок Јулимар Рохас од Венецуела со крајни напори стигна до златото. Таа многу се мачеше за да влезе во ритам и често правеше престап. Конечно, во моментите кога се чинеше оти ќе остане и без медал, Рохас во финишот ја покажа својата сила. Изведе убав скок од 15,08 метри, со што за осум сантиметри ја надмина Украинката Марина Бек Романчук, додека трета беше Кубанката Перез Ернандес со 14,96 метри. Шерика Џексон од Јамајка ја заврши трката на 200 метри со победа и нов рекорд на шампионатите од 21,41 секунди. Втора беше Американката Габриела Томас (21,81), а трета нејзината сонародничка Ша-Кери Ричардсон (21,92).

ИНГЕБРИГСТЕН СТИГНА ДО ЗЛАТОТО НА 5.000 МЕТРИ

На последниот ден од СП во Будимпешта, најголема неизвесност владееше во трката на 5.000 метри. Норвежанецот Јагоб Ингебригстен, кој беше најголем фаворит, одвај успеа во последните 20 метри од трката, за гради да мине низ целта пред Шпанецот Мохамед Катир и да го освои златото (13:11,30 минути), пред Катир (13:11,44), додека трет беше Кроп од Кенија (13:12,28). Во фрлање копје (мажи), Индиецот Нереј Чорпа ја оправда фаворитската улога и по олимпиското злато во Токио, овде го освои и светското. Неговиот резултат од 88,17 метри беше за 35 сантиметри подобар од Пакистанецот Аршад Надем, кој беше втор, додека трет заврши Чехот Јакуб Вадлејх (86,67). Американската штафета на 4х400 метри, во состав Хал, Норвуд, Робинсон и Бенџамин, со време од 2:57,31 минути, го освои златниот медал, оставајќи ја зад себе Франција за 1,14 секунди, а трета е Велика Британија со 2:58,71. Кај атлетичарките на 800 метри, Кенијката Мери Мора, која го диктираше темпото во текот на целата трка, стигна до златото со време од 1:56,03 минута. Голема борба се водеше за среброто, до кое со неверојатен финиш дојде Британката Кели Хоџкинсон (1:56,34), а трета беше Американката Артинг Му (1:56,61).

Јарослава Махучик од Украина во скок во височина ги декласира Австралијките и триумфира со 2,01 метри, резултат што е послаб дури за осум сантиметри од светскиот рекорд на Бугарката Стефка Костадинова, поставен на СП во Рим во 1987 година. Овој податок најубаво зборува за стагнацијата во оваа дисциплина. Единствено пред повеќе од десет години рекордот сериозно го нападна Хрватката Бланка Влашиќ, но и таа не успеа да го урне. Втора заврши Австралијката Елеонор Патерсон со скромни 1,99 метар, колку што постигна и нејзината сонародничка Никол Олислагерс. Во трката на 3.000 метри со пречки, фаворитката Вилфрид Мутле Јави од Бахреин прва мина низ целта со 8:54,29 минути, пред Беатрис Чепкоеч од Кенија (8:59,98), а трета нејзината сонародничка Фатих Черотич (9:00,69).

СП во Будимпешта го затворија учесничките во штафетната трка на 4х400 метри. Овде присуствувавме на голема драма во финишот. Холанѓанката Фемке Бол се „извади“ за падот пред самата цел на првиот ден од СП во мешаната штафета, кога беше загубен златниот медал. Сега таа, пак, беше атлетичарката што ѝ го донесе златото на својата држава. Холандската штафета постигна резултат од 3:20,72 минути и ја остави зад себе за 18 стотинки Јамајка, а трета беше штафетата на Велика Британија (3:21,04).
На 19. СП најуспешни се Американците, со вкупно 29 медали, од кои 12 златни, осум сребрени и девет бронзени. Канада е втора со шест медали, од кои четири златни и две сребрени, додека Шпанија е трета со пет медали, од кои четири златни и еден сребрен. Следното СП ќе се одржи во Токио во 2025 година.