Уште еден успешен настап: Ефтимов и Релиќ

ТАЕКВОНДО – Г1 ТУРНИР ВО ТАЛИН

Моментно сме во првите 10 на светската ранг-листа, а на олимписката, каде што се спојуваат две категории во една единствена (до 67 кг), сме 30-ти и очекуваме да се искачиме погоре, вели тренерот Александар Ефтимов

Македонската таеквондо-репрезентативка и членка на ТК Тигри од Скопје, Милијана Рељиќ (до 67 кг), постигна извонреден успех на Г1-турнирот во Талин, Естонија, освојувајќи сребрен медал. Рељиќ до посакуваното сребро стигна откако извојува три победи и пораз во финалната борба. Таа во првото коло беше поуспешна со 2-0 во рунди од Вилхемила Хаинонен од Финска, во второто од Германката Лаура Гебер (2-1), а во полуфиналето од Норвежанката Каролине Гјелсвик (2-0). Во финалето извонредната Каролине Сантос од Бразил извојува победа со 2-0 во рунди, иако во втората рунда резултатот беше 3-2.

– Ова е четврти медал годинава за Милијана од најсилните Г-турнири од Светската лига. Така, во април на „Скопје Рамус Г1-опен“, Рељиќ се закити со злато, на Европското клупско првенство во април во Софија освои бронза, во јули исто така бронза на Г2-турнирот во Анкара, Турција, и на сегашниот во Талин. Како што е познато, пред четири дена Рељиќ настапи и на ЕП за сениорки во олимписки категории, каде што го освои петтото место, односно беше многу блиску до медал, но и овој пат Чехинката Петра Столбова за влакно се извлече, славејќи минимално 2-1 во рунди – вели тренерот на Рељиќ, Александар Ефтимов.

Секако, последниот успех ѝ донесе и нови олимписки бодови на Рељиќ во настојувањето да обезбеди норма за ЛОИ 2024 година во Париз.
– Среброто ѝ донесе на Рељиќ нови 7,20 олимписки поени, а претходно петтото место на ЕП во олимписко таеквондо 2,16, така што сега има вкупно 9,36 поени. Моментно сме во првите 10 на светската ранг-листа, а на олимписката, каде што се спојуваат две категории во една единствена (до 67 кг), 30-ти и очекуваме да се искачиме погоре, да собереме нови поени за следното гранпри, кое нѐ очекува во октомври во Кина – задоволно вели Ефтимов. Г.И.