ШАХ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО БАКУ
Во тајбрејкот на финалето, Карлсен го совлада Прагнананда, а во дуелот за третото место, Каруана го победи Абасов
Поранешниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.835 рејтинг-поени), првпат триумфира на Светското првенство (СП), кое се играше во Баку (Азербејџан). По регуларните 1-1 во партиите со класично темпо на игра (две ремија) во финалето (турнирот се играше според нокаут-систем), тој вчера во партиите со забрзано темпо ја совлада младата 18-годишна индиска ѕвезда во подем, Рамешбабу Прагнананда (рејтинг 2.690), со вкупен резултат 2,5-1,5, откако ја доби првата партија, а ремизира во втората.
Третото место му припадна на Американецот Фабиано Каруана (2.782), кој славеше со 3-1 во тајбрејкот на дуелот со 28-годишниот Нијат Абасов (2.646, рангиран 69. пред почетокот на ова СП), кој потекнува токму од Баку. Во регуларниот дел беше 1-1 (поведе Абасов, а Каруана израмни).
Првите тројца во машка (настапија 206 шахисти) и во женска конкуренција (103) обезбедија настап на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светските прваци во 2024 година. Г.И.