Во финалето на 51. издание на турнирот „Струга 2023“, Вардар го победи Алкалоид со 25-20 и стана рекордер по бројот на освоени први места
РАКОМЕТ
Ракометарите на Вардар триумфираа на 51-то издание на традиционалниот меѓународен ракометен турнир „Струга 2023“, откако во финалниот меч го совладаа Алкалоид со 25-20 (12-11) и по четиринаесетти рекорден пат го подигнаа славеничкиот пехар на овој реномиран турнир, додека втор на листата со еден триумф помалку е битолски Пелистер.
Финалниот меч се играше на отвореното игралиште „Горан Поповски- Бабец“ во Струга, но до 17-та минута, кога поради дожд, дуелот се доигра во салата „Тими“.
Третото место го освои екипата на грчки АЕК од Атина, кој во неизвесен финиш со 29-27 успеа да го победи шведскиот претставник Ескилстуна Гуиф. Петтото место му припадна на српскиот клуб Динамо од Панчево, кој со 31-26 беше поуспешен од домаќинот Струга, кој, пак, заврши на последната шеста позиција.
За најдобар играч (МВП) на турнирот беше прогласен јапонскиот интернационалец Косуке Јасухира, кој ги брани боите на Вардар, наградата за најдобар голман ја освои Мартин Томовски од истиот клуб, додека најдобар стрелец беше Мерин Бошњак од Струга со вкупно 18 постигнати гола. Г.И.