Да се напише шаховска книга за почетници воопшто не е тешко, особено за искусен и етаблиран шахист. Тешко е да се најде најдобриот начин како да се допре до детскиот мозок и срце. А тоа е веќе работа на добар наставник. Оваа книга има сѐ што е потребно детето да ја засака играта шах и да ја научи на најлесен можен начин, и тоа преку игра, вели Данчевски

ИМ ОРЦЕ ДАНЧЕВСКИ, ШАХОВСКИ ТРЕНЕР, АВТОР НА КНИГАТА „АЈДЕ ДА ИГРАМЕ ШАХ“

На почетокот на септември се очекува од печат да излезе првата илустрирана шаховска книга на македонски јазик за изучување на основните правила на шаховската игра, насловена „Ајде да играме шах“. Имало шаховски книги и во минатото кај нас, но оваа е прва што е наменета за деца од претшколска возраст, како на едноставен, симпатичен, интересен и јасен начин да го засакаат и да научат да го играат шахот. Книгата е поделена во пет дела, а на крајот има и 100 задачи – мат во еден потег. Последните подготовки се во финална фаза, а се очекува во средината на септември да биде и нејзината официјална промоцијата во скопското училиште „Јахја Кемал“.
За тоа како се создаваше оваа шаховска книга за најмладите и сето она што е поврзано со неа и нејзиното значење поразговаравме со нејзиниот автор, истакнатиот македонски интернационален мајстор и професионален шаховски тренер Орце Данчевски.

Која беше идејата да напишете ваква шаховска книга за деца и дали е ова ваша прва ваква книга?
– Да, ова е моја прва шаховска книга. Веќе 17 години сум шаховски тренер, а 10 години и наставник по шах во приватното основно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје. Сакав моето искуство од работата со деца да го преточам во книга со која на идните шаховски тренери и наставници ќе им го пренесам мојот начин на работа.
Во што се состои нејзината содржина, што може сѐ да прочитаме во неа?
– Главната намена на книгата „Ајде да играме шах“ е да послужи како помошно средство за сите наставници што се вклучија во проектот на Шаховската федерација на Македонија, „Шах во училиштата“. Особено во училиштата каде што нема интернет, паметни табли или, пак, проектори. Потребен е само шаховски сет и со правилна употреба на книгата сите дечиња ќе научат да играат шах. Најважниот дел од книгата се таканаречените „мини-игри“, кои се поврзани со познатите детски приказни, како што се „Волкот и трите прасиња“, „Убавицата и ѕверот“, „Грдото пајче“ и други, вкупно 15 приказни, односно 15 мини-игри. Збогатени со одличните анимации на академската сликарка Викторија Егорова, професорка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, и претворени во стихови од Наташа Данчевска, тие дават убава асоцијација на секоја мини-игра за тоа што треба да се случува на таблата.
Тешко ли е да се напише книга со ваква содржина за деца, оти се работи за најмладите, од кои многумина сигурно и првпат се запознаваат со шахот?
– Да се напише шаховска книга за почетници воопшто не е тешко, особено за искусен и етаблиран шахист. Тешко е да се најде најдобриот начин како да се допре до детскиот мозок и срце. А тоа е веќе работа на добар наставник. Оваа книга има сѐ што е потребно детето да го засака шахот и да го научи на најлесен можен начин, и тоа преку игра.
Зошто токму таков наслов?
– Време е Македонија да почне да игра шах и почнуваме од најмладите. Но реченицата „Ајде да играме шах“ исто така можеме да ја употребуваме и од четири до 90 години.
Очекувате ли книгата да предизвика голем интерес кај децата и колку таа ќе помогне во проектот „Шах во училиштата“, кој официјално треба да започне во септември во училиштата, иако и лани имаше шах во одредени училишта?
– Сигурно дека очекувам да предизвика голем интерес, пред сѐ кај децата, родителите, бабите, дедовците и кај сите наставници. Добар наставник со добра книга ќе направи добро обучено шаховско дете.
Со кои проблеми се сретнувавте при нејзиното пишување, ако ги имавте?
– Проблемите беа од уметничка природа, односно како да направиме книга што би била најдобра во својата област. Кога ќе се сретнат перфекционисти како Наташа Данчевска, Викторија Егорова и графичката дизајнерка Симона Ничева, која е техничка уредничка на истата таа, тогаш добиваме книга што би требало да им ги задоволи вкусовите и на најголемите уметници во Македонија
Кога се очекува да излезе книгата, која веќе е во финална фаза, колку време ја пишувавте и каде ќе биде нејзината презентација?
– Книгата треба да излезе на 1 септември. Ја работиме заедно цела година со мојата сопруга, мајсторскиот кандидат Наташа Данчевска. Промоцијата ја планираме кон средината на септември во моето училиште „Јахја Кемал“.
Планирате ли и понатаму да продолжите со пишување и други книги за деца, гледано од разни аспекти на шаховската игра?
– Секако дека ќе продолжам да пишувам и понатаму, но за тоа прво да видиме каков одзив ќе има оваа прва книга.
Ретко можеме да видиме во Македонија новоиздадени шаховски книги (автобиографски, збирка на шаховски партии, избрани партии, на македонски и светски шаховски великани и сл.), која е причината, според вас?
– Причината лежи во тоа што сме премал читачки пазар. Второ, младите генерации сѐ послабо читаат и трето, сѐ помалку парични средства се одвојуваат во издавачката дејност. Г.И.