Кратките филмови „Полица“ од Матија Лукач, „Памти“ од Оља Покрајац, „Смак света“ од Маја Јанковиќ од Србија и „Кажи ми дека сме за стварно“ на Максим Илковски од
Македонија ја отворија втората вечер на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“ во Дојран, како дел од студентската програма. Филмовите со својата оригиналност, луцидност, симпатичен дијалог и длабоки пораки ѝ понудија вистинско освежување на публиката.
Филмот „Полица“ е фокусиран на еден татко и син, кои склопуваат полица додека во меѓувреме на површина испливуваат социјална драма и семејните односи. Филмот
пресликува едно типично балканско семејство, со балкански татко, мајка, дедо и едно бистро дете.
Во филмот „Памти“ се размотува драма за полнолетство, заснована на сценариото на Оља Покрајац и Лора Џолиќ. „Смак света“ е забавен и интелигентен детски филм за крајот на светот на Маја Јанковиќ. Група деца веруваат во веста дека на светот му се ближи крајот и избираат да го зграпчат денот на свој начин.
Студентската програма ја затвори „Кажи ми дека сме за стварно“ на Максим Илковски, кој вели дека филмот преку лага ја говори вистината.
– „Кажи ми дека сме за стварно“ ни покажува многу суштински работи можеби нема да се случат за 15 минути, но се случуваат во едно опширно време. Го снимив во 2020-та, кога бев четврта година на моите студии. Тој побудува многу прашања, како на пример зошто младите подоцна стапуваат во брак, зошто некои бракови се среќни, а некои не – посочи Максим, кој филмот го работел под менторство на Јани Бојаџи.
Студентската програма на одбрани филмови од националните академии за филм и телевизија од Балканот и Медитеранот е бранот на кој утре ќе пливаат филмаџиите и нивните филмови, затоа е и важен дел од „Преку езерото“.
Дел од филмскиот фестивал е и мастерклас со српскиот режисер Дарко Бајиќ, посветен на филозофијата на изборот на тема од страна на режисерот, наспроти тенденциите на
наметнати теми и правила. На мастеркласот присуствуваа студенти по филм и телевизија од Македонија и студенти на ФДУ од Белград.
Вечерва во 20.30 часот почнува официјалната програма на „Преку езерото“, со иранскиот филм „Трета светска војна“. А веднаш по него почнува францускиот филм „Љубов според Далва“ во 22.50 часот.