Само околу два отсто од вкупното работоспособно население во Македонија се членови на третиот столб, односно околу 3,7 отсто од вкупното активно население се членови на третиот пензиски столб. Моменталната „бројност“ на доброволните пензиски осигуреници, според анализите на МАПАС, покажува дека постои значаен потенцијал за развој на третиот пензиски столб
Третиот пензиски столб како повод
Учеството на вкупниот број членови во доброволното пензиско осигурување во Македонија од вкупното работоспособно население и од вкупното активно население континуирано расте во годините на постоење на третиот пензиски столб. Сепак, заклучно со 2022 година, иако бројноста расте, таа како апсолутна цифра сѐ уште е занемарлива. Според податоците на МАПАС, агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, во доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, според состојбата на 30 јули 2023 година, има вкупно 30.175 члена.
Од вкупниот број членови во третиот столб, 14.311 или околу 47 отсто се членови со доброволна индивидуална сметка, додека 15.864 или околу 53 отсто се учесници во 4.103 пензиски шеми со професионална сметка.
Според состојбата на крајот од 2022 година, само околу два отсто од вкупното работоспособно население во Македонија се членови на третиот столб, односно околу 3,7 отсто од вкупното активно население се членови на третиот столб. За споредба, во Хрватска, каде што во последните 12 години има удвојување на бројот на членовите, помалку од десет отсто од хрватските граѓани штедат во доброволните пензиски фондови, односно една четвртина од вработените.
Можности за развивање на третиот пензиски столб
Доброволното капитално финансирано пензиско осигурување овозможува членување и на лица што не се државјани на Македонија. Во досегашното постоење на третиот столб постојат многу мал број членови што се странски државјани (0,02 отсто од вкупниот број членови). Моменталната „бројност“ на доброволните пензиски осигуреници, според анализите на МАПАС, покажува дека постои значаен потенцијал за развој на третиот столб.
– Доброволното пензиско осигурување овозможува опфат на голема група лица од населението на Македонија. Едно лице може да стекне членство во доброволен пензиски фонд на три начина: со потпишување договор за членство во доброволен пензиски фонд меѓу лицето и друштвото и со отворање доброволна индивидуална сметка; со потпишување договор за членство во доброволен пензиски фонд меѓу лицето, физичкото лице што уплаќа во име и за сметка на лицето (уплаќач) и друштвото и со отворање доброволна индивидуална сметка; со учество во професионална пензиска шема, организирана од неговиот работодавец или од здружение во кое членува и со отворање професионална сметка – ни изјавија од МАПАС.
Капитално финансираното пензиско осигурување во Македонија има вкупно четири пензиски друштва, од кои три управуваат со по еден задолжителен и со по еден доброволен пензиски фонд (Сава пензиско друштво АД Скопје, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје) и едно пензиско друштво што управува со еден доброволен пензиски фонд (ВФП пензиско друштво АД Скопје). Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје започнаа со работа во 2009 година. По повеќе од една деценија од почетокот на работа на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, од март 2021 година започна со работа и третиот доброволен пензиски фонд – Триглав отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје. Потоа, во октомври 2022 година беше извршена првата уплата на доброволен придонес во четвртиот доброволен пензиски фонд – ВФП отворен доброволен пензиски фонд – Скопје.
Какви се финансиската моќ, стабилноста и потенцијалот на доброволните
пензиските фондови
Во текот на првата половина од 2023 година, во доброволните пензиски фондови се уплатени вкупно околу 159 милиони денари. Според состојбата од 30 јуни годинава, вкупните средства на доброволните пензиски фондови забележаа раст во однос на 31 декември 2022 година за 7,39 отсто и достигнаа 3,28 милијарди денари. Вкупните средства на доброволните пензиски фондови континуирано растат и заклучно со 31.12.2022 година изнесуваа околу 0,38 отсто од БДП на Македонија.
– Со зголемувањето на бројот на доброволни пензиски фондови се очекува раздвижување на пазарот на доброволно пензиско осигурување, се очекува зголемување на уплатите и на бројот на членовите и, секако, зголемување на средствата на доброволните пензиски фондови. Доколку се направи споредба со земјите од регионот што имаат слични пензиски системи со македонскиот, можеме да забележиме дека во Хрватска, Србија и во Словачка постојат по четири друштва што управуваат со повеќе доброволни пензиски фондови, додека во Романија работат осум такви друштва. Најголем број доброволни пензиски фондови има во Словачка, 15, потоа десет во Романија, осум во Хрватска и седум во Србија – велат од МАПАС.
Се очекува доброволното капитално финансирано пензиско осигурување да има дополнително значително влијание врз економијата во целина, преку зголемување на штедењето на населението, зголемување на моќта на инвестирањето и поттикнување на развојот и продлабочувањето на пазарот на капиталот, преку инвестирање на средствата на доброволните пензиски фондови, зголемување на побарувачката за нови инструменти и преку нови финансиски услуги. М.Ј.