Во текот на првата половина од 2023 година, 30.175 члена во доброволните пензиски фондови во Македонија уплатиле во просек по 5.300 денари или околу 85 евра. Во Хрватска, пак, во отворените доброволни пензиски фондови за „посигурна“ старост штедат 378.250 граѓани. Просечниот заштеден износ е релативно мал, а членовите на отворените фондови во март годинава уплатиле 7,75 милиони евра, што е во просек по 20,5 евра по член

Споредбен приод за штедењето во доброволните пензиски фондови во Македонија и во Хрватска

Европските системи за социјално осигурување се под притисок. Пресингот постојано се зголемува, а професионалните пензии во иднина сè повеќе и повеќе ќе имаат улога на дополнување на приходите по пензионирање. Во тој трет доброволен пензиски столб, работодавец или здружение на граѓани (осигурител) може да организира и да финансира професионална пензиска шема и да уплаќа придонес во доброволен пензиски фонд за своите вработени и членови. Повеќе работодавци или повеќе здруженија на граѓани,можат заедно да организираат и да финансираат професионални пензиски шеми.

Како функционира тоа во Македонија?

Доброволното пензиско осигурување овозможува опфат на голема група лица од населението на Македонија, како и на лица што не се наши државјани. Тоа овозможува дополнително штедење за старост, со што се зголемува материјалната сигурност при старост.
– Капитално финансираното пензиско осигурување радикално се разликува од тековното финансирано пензиско осигурување и во поглед на третманот и евиденцијата на уплатените придонеси и во поглед на утврдувањето и исплатата на пензијата. Во ова осигурување, секој член има индивидуална сметка на која се евидентираат неговите средства и се обезбедуваат тесна поврзаност и зависност помеѓу обемот на платените придонеси и идните пензии што ќе ги остварува секое лице. Овој начин на осигурување е заснован врз принцип на акумулирање средства од придонеси на индивидуални сметки, кои понатаму се инвестираат и остварениот принос од инвестициите, намален за трошоците на работењето на системот, во целост се додава на средствата акумулирани на индивидуалните сметки. Идната пензија зависи од акумулираните средства на индивидуалната сметка и од очекуваното траење на животот при пензионирање, односно очекуваниот период на користење на пензијата – објаснуваат во МАПАС, агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.
Ова пензиско штедење е долгорочно штедење, во чиј тек се случува постепено, но континуирано зголемување на заштедите, поради што на почетокот, додека осигуреникот е млад, заштедите се мали, но во иднина, кога осигуреникот ќе ја достигне возраста на пензионирање, заштедите стануваат значително поголеми. Во текот на првата половина од 2023 година, 30.175 члена во доброволните пензиски фондови во Македонија уплатиле во просек по 5.300 денари или околу 85 евра. Вкупните досегашни средства во овие фондови достигнале 3,28 милијарди денари или секој член во просек заштедил 109.000 денари или 1.762 евра.

Како е во Хрватска?

Доброволното штедење во третиот пензиски фонд не е доволно препознаено и кај хрватските граѓани. Ваквата состојба е слична и во државите во Средна и Источна Европа. Според последните податоци на Хрватската агенција за надзор на финансиските услуги (Ханфа), во март годинава во отворените доброволни пензиски фондови за „посигурна“ старост штеделе 378.250 граѓани. Наспроти минатогодишниот пораст на нови членови од 5,8 отсто, сепак, помалку од десет отсто од хрватските граѓани се штедачи во третиот столб, односно една четвртина од вработените. Просечниот заштеден износ е релативно мал, а членовите на отворените фондови во март уплатиле 7,75 милиони евра, што е во просек по 20,5 евра по член.
Покрај ниското ниво на финансиска писменост на граѓаните, причините за ваквата состојба треба да се бараат и во недоволното познавање на пензиските системи, недостигот од предвидливи и транспарентни јавни политики, ниските плати, социјалните фактори односно неподготвеноста на граѓаните да вложуваат на долг рок, како и потенцијалните економски ризици, како што се инфлацијата и непредвидливоста за инвестирање. Како фактор на ограничување се и несоодветните даночни политики за овој вид пензиско осигурување, но и други неекономски фактори, се наведува во анализата за функционирањето на доброволното пензиско осигурување во Хрватска.

Митко Јовановски Ангел Митревски, Хрватска