Правните и уставни експерти со кои се консултираше нашиот весник токму во предизвикот наречен уставни измени гледаат шанса Македонија конечно да одработи за себе и за својот народ, односно пратениците, и од власта и од опозицијата, преку претстојната јавна и стручна дебата да најдат решенија со кои Македонија ќе се дефинира како национална држава на македонскиот народ, во која носител на државноста и сувереноста е македонскиот народ, додека сите други ги уживаат сите меѓународно загарантирани граѓански права како дел од помалите етнички заедници, односно малцинства во Македонија
ПО УСВОЕНИОТ ТЕКСТ ОД СТРАНА НА ВЛАДАТА ЗА ПРЕДЛОГОТ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ
Владата на последната седница го разгледа и усвои текстот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот по што веднаш, уште во вторникот попладне, предлогот е доставен до македонското собрание. По примањето на материјалот, од страна на собраниските служби, почнуваат на течат и роковите во однос на натамошната постапка околу прашањето на уставните измени.
На последниот брифинг со новинарите, кон крајот на јуни, претседателот на Собранието, Талат Џафери, посочи дека од приемот на материјалите до гласањето се потребни 30 работни дена, затоа што максимум десет дена треба да работи Уставната комисија, која со работа треба да заврши осум дена пред денот утврден за гласање. Потоа следуваат уште две фази, меѓу кои јавна расправа и, секако, собраниска расправа. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Очекувањата на власта се целата постапка да заврши до крајот на ноември, кога завршува и скрининг-процесот на Македонија со ЕУ. Коинциденција, симболика или нешто трето, но Владата одлучи токму на една година по одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ да го означи почетокот на процесот наречен уставни измени, чија завршница и понатамошен тек се крајно неизвесни.
Пред да стигне на усвојување во Владата, предлогот што го подготви работната група, предводена од судијката Маргарита Цаца Николовска, подолго време беше на разгледување во Министерството за правда.
Како што велат од Владата, интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава.
– Односно во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, по зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ“ – соопштија од Владата.
Направени се измени и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на паритетот на претставниците во парламентот на сите вака утврдени заедници во преамбулата на Уставот.
– Со предложените Уставни измени, се зајакнува мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија. Нашата држава е успешен пример за функционална, мултиетничка демократија во регионот и во Европа и пример за почитување граѓански и човекови права, поради што на земјата со право се гледа како на Европа во мало. Покажавме на регионот, на Европа и на светот дека соживотот на различните заедници во државава, векови низ историјата и денес и меѓусебното почитување на различните традиции и култури се богатство и предност. Република Северна Македонија практикува европски вредности и заслужува, по членството во НАТО да биде и полноправна членка на Европската Унија – велат од Владата.
Оттаму очекуваат конструктивност од сите политички субјекти претставени преку пратениците во парламентот, совесност од сите пратеници и фокус кон постигнување натпартиски консензус при усвојувањето на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Според власта, тоа ќе овозможи одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ до декември 2023 година, отворање на поглавјата во преговорите, интензивирање на реформите и брзо членство во ЕУ. Во меѓувреме најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, без чии гласови не е можно ниту започнување на постапката во Собранието ниту пак гласање на уставните измени, останува на својот став дека не прифаќаат уставни измени по бугарски диктат иако остануваат посветени на евроинтеграциите и европската иднина на државата. Правните и уставни експерти со кои се консултираше нашиот весник токму во предизвикот наречен уставни измени гледаат шанса Македонија конечно да одработи за себе и за својот народ, односно пратениците и од власта и од опозицијата, преку претстојната јавна и стручна дебата да најдат решенија со кои Македонија ќе се дефинира како национална држава на македонскиот народ, во која носител на државноста и сувереноста е македонскиот народ, додека сите други ги уживаат сите меѓународно загарантирани граѓански права како дел од помалите етнички заедници, односно малцинства во Македонија.