Коктел на љубовта во игротеките

Каде нѐ води овој пат на уривање на сите табуа и истакнување на сексуалноста како примарна карактеристика на идентитетот на современите луѓе? Дали луѓето ќе се спуштат во варварството на бескрајната оргија, во која сите ресурси и енергии се насочени кон неограничено вежбање различни форми на секс и сексуални односи?

Ако нешто ја дефинира нашата цивилизација денес, тоа е апсолутната опсесија со сексот и сексуалноста. Овој процес пред речиси седумдесет години го опиша социологот Питирим Сорокин во книгата „Американска сексуална револуција“. Само неколку години по објавувањето на озлогласените Кинси „извештаи“ за сексуалното однесување на мажите и жените, тој многу убаво ја долови основната тенденција и покажа како различни области на човековата активност, од уметноста и науката до секојдневните односи и религијата, стануваат високо сексуализирани.
Во меѓувреме се наметна мода според која сексуалниот идентитет станува најважен облик на изразување на личноста во јавниот простор. Имено, има случаи на голем број познати личности од историјата што биле хомосексуалци, но, како што обично се случува со пристојните луѓе, никој од нив не сакал јавно да се пофали, туку го чувале тоа како дел од својата приватност, а во јавноста се труделе да останат запаметени по нивната работа, креативност и социјални и професионални улоги. Современата мода и идеологија инсистираат на тоа дека таквите луѓе мора, колку што е можно повеќе, да го градат својот идентитет и јавна слика за себе пред сè врз основа на нивната сексуална ориентација и да дефилираат во јавноста.
Но, уште поинтересен и поважен феномен е постојаното поместување на границите во разбирањето на тоа кои се прифатливи форми на сексуалност. Во далечната 1991 година, во својата последна книга „Современоста на свој тест“, Лешек Колаковски истакна дека во модерното време ги укинавме повеќето сексуални табуа и ги детабуиравме сексуалните практики толку многу што само инцестот и педофилијата останаа на списокот на табуата. Кон нив треба да се додаде и зоофилијата.
Ако обрнеме внимание на дискурсот и производите на популарната култура, ќе видиме дека има индиции за укинување на овие три последни табуа. Сосема брутално, децата се бомбардирани со сцени на секс и во пониските одделенија од основните училишта, а се инсистира на воведување сексуално образование на најниско можно ниво, што е можно поскоро. Многу истакнати феминистки, како Андреа Дворкин, или на пр. квир-теоретичарите, отворено инсистираат на тоа дека „доброволните“ сексуални односи меѓу малолетници и возрасни се сосема дозволени.

Во САД постои озлогласена организација NAMBLA („Северноамериканско здружение за слободна љубов на мажите и момчињата“), чиј поддржувач беше познатиот хипи-гуру Ален Гинсберг. Со својата Лолита, Владимир Набоков ефективно ја легитимираше педофилијата во уметничките кругови.
Кога станува збор за инцестот, ќе се потсетиме како во првата епизода од најгледаната серија на Ејч-би-о „Игра на тронови“ сме сведоци на сексуалниот чин на брат и сестра, за во подоцнежните епизоди да дознаеме дека тие двајца имаат дури три деца. Современата книжевна продукција работи и на прифатливоста на инцестот, па, така, во низата култни дела, од „Сто години самотија“ до романот „Богот на малите нешта“ на Арундати Рој, ќе најдеме инцестуозни врски опишани на исклучително позитивен начин. Секој што ќе укаже на погубноста и болеста на овие потфати ќе добие шлаканица во лице како варварин што не разбира висока уметност. Се разбира, сето тоа е покриено со наводната борба за слобода на говорот и за универзална сексуална еманципација. Последниот крик на модата во ова лудило на модерната цивилизација е процес на кој многу се работи во однос на јавната легитимизација, па дури и правната прифатливост на полиаморијата. Заслужува посебен текст, па на оваа тема ќе се вратиме другпат.
Но, прашањето е навистина каде нѐ води овој пат на уривање на сите табуа и истакнување на сексуалноста како примарна карактеристика на идентитетот на современите луѓе. Дали луѓето ќе се спуштат во варварството на бескрајната оргија, во која сите ресурси и енергии се насочени кон неограничено вежбање различни форми на секс и сексуални односи? Неодамна имавме можност да прочитаме како во игротеките на роденденските забави на деца од предучилишна возраст или од одделенска настава се слушаат хитовите на Ај-диџеј телевизија, па овие деца „полудуваат“ со песни за оружје, кокаин, реплики, промискуитет и сл. Најбизарното е што родителите се среќни што нивните деца се среќни и модерни како нивните пријатели.

Овој тип на бизарност ја вклучува и сега широкораспространетата практика на натпреварите на нашите национални селекции да се свири Баја со веќе легендарната полиаморозна химна „Коктел на љубовта“ како пример за српската музика, во која пејачот навестува дека сите тројца ќе бидат заедно во љубовен коктел таа вечер… Секако, тоа се слуша и на матурските забави, игротеките…
Во време кога медиумите и корпорациите ја истураат својата систематска сексуализација преку социјалните мрежи и во образованите простори, ова е првенствено прашање за родителите. Неопходно е да следите со што растат вашите деца. Овој третман на општа сексуализација е еквивалентен на ширењето на зависноста од дрога во општеството. Родители, верски заедници и други што се грижат за основно зачувување на моралот, пристојноста и опстанокот на цивилизацијата мора да се организираат, вмрежуваат и да ги бранат душите и богами и телата на своите деца од сексуалните предатори, кои денес можат слободно да го користат јавниот простор за пропаганда и легитимирање на сопствените болни желби.

Миша Ѓурковиќ

(Политика)